Легионерска болест

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Легионерската болест е инфекција на белите дробови (пневмонија) што ја предизвикуваат бактерии од фамилијата Легионела. Најголемиот број пријавени случаи на легионерска болест се предизвикани од бактеријата Легионела пневмофилија. Секоја година во САД се пријавуваат околу 8000 - 18000 нови случаеви на легионерска болест.

Бактеријата Легионела пневмофилија обично се наоѓа во водените извори со температура која се движи помеѓу 35°С - 46°С, а една друга бактерија од фамилијата Легионела, Легионела лонгбеацхае најчесто се наоѓа во почвата и во земјата за садење растенија.

Симптомите[уреди]

Легионерската болест најчесто предизвикува температура, треска и кашлица што може да биде сува, или може да предизвикува плунка. Некои луѓе, исто така, имаат болки во мускулите, главоболки, замор, губење на апетитот и пролив. Луѓето можат да се многу болни со инфекција на белите дробови (пневмонија); најголемиот број од луѓето оздравуваат, но понекогаш болеста може да биде смртоносна.

Како се добива легионерската болест?[уреди]

Легионерската болест може да се добие откако луѓето ќе вдишат честички што потекнуваат од водени извори загадени со бактеријата Легионела пневмофилија (на пример разладни клима уреди, бањи со разбранувана вода, тушеви), или понекогаш, од почвата или земјата за садење растенија што е загадена со бактеријата Легионеле лонгбеацхае. Луѓето можат да бидат изложени на бактеријата дома, на работа, или на јавни места. Не се пренесува од еден човек на друг. Периодот на инкубација (времето од моментот кога пациентот бил изложен на бактеријата, до моментот кога ќе стане болен) е од два до 10 дена. Легионерската болест најчесто ги напаѓа средовечните и луѓето во години, особено оние кои пушат цигари или кои имаат хронична болест на белите дробови. Исто така, зголемен е ризикот за оние со ослабен имунитет заради примање на лекови или како резултат на болести какви што се ракот, откажување на бубрезите, дијабетис (шеќерна болест) или СИДА (AIDS).

Дијагноза[уреди]

Тешко е да се направи разлика помеѓу легионерска болест и другите типови на инфекции на белите дробови (пневмонии) само преку симптомите. Рентгенските слики често покажуваат пневмонија но за да се даде дијагноза потребни се посебни тестови. Тестови на крвта (што се прават на растојание од три до шест недели), на плунката и на мочта, можат да помогнат за да се потврди дијагнозата.

Лечење[уреди]

Легионерската болест може да се излечи со антибиотици. Пациентите кои имаат легионерска болест може да ги примаат антибиотиците во болница интравенозно. Можно е некои да треба да бидат на интензивна нега и да им треба респиратор за да им се помогне да дишат.

Спречување на легионерска болест[уреди]

Бактериите Легионела можат да се најдат во многу типови на водени системи. Меѓутоа, бактериите се размножуваат во големи броеви во топла вода што не се движи. Усовршен дизајн, дезинфекција и одржување на разладните кули и водоводните системи го ограничува растењето и ширењето на Легионела бактериите.

Присуството на бактеријата Легионела лонгбеацхае во почвата е вообичаено. Треба да се намали изложувањето на прашина од земја (купечка) за садење растенија и треба да се следи предупредувањето на производителот. Носењето ракавици и маска кога се работи со земја за садење може да помогне да се спречи инфекцијата. Исто така миењето на рацете е задолжително ако некоја личност работела со ваква почва, особено пред јадење или пушење.

Извор[уреди]

http://www.health.nsw.gov.au/mhcs/publication_pdfs/7135/DOH-7135-MAC.pdf Мултикултурен здравствен комуникативен сервис, Памфлет - Легионерска болест, Нов Јужен Велс, март 2004.