ЛИБОР

Од Википедија — слободната енциклопедија
ЛИБОР го добила своето име од Лондонска меѓубанкарска каматна стапка, по градот Лондон, еден од најголемите финансиски средишта во светот.

Лондонска меѓубанкарска понудена каматна стапка или ЛИБОР (англиски: London Inter-Bank Offered Rate, LIBOR) претставува просечна каматна стапка според која одредени банки (панел банки) се спремни да си позајмуваат краткорочно меѓу себе на Лондонскиот пазар на пари.[1] ЛИБОР каматните стапки се пресметуваат за пет валути и за седум рокови, кои се рангирани од рокови преку ноќ па до рокови од една година. Вкупно 35 каматни стапки (бројот на валути по бројот на рокови) се објавуваат на дневна основа во 11:30 по лондонско време, од страна на ICE Benchmark Administration.[2][3]

Многу учесници на пазарот на пари ги поставуваат каматните стапки според Либор. Според некои проценки, околу 350 билиони долари на деривати и други финансиски производи се врзани за Либор, тоа е за 4,5 пати повеќе од светскиот БДП. Овие каматни стапки претставуваат едни од главните основи за одредување на краткорочните каматни стапки на пазарите на пари низ целиот свет.[4]
Во 2012 година избил скандал, во кој биле покренати кривични обвиненија за манипулација со Либор стапките против панел банките. Ова довело до значителни реформи кои главно се однесуваат на воспоставување на позначителна контрола врз објективоста на објавените Либор стапки.[5]

Дефиниција за Либор[уреди | уреди извор]

Либор е дефиниран како каматна стапка според која една поединечна панел банка може да позајмува средства, правејќи го тоа со барање за позајмување и прифаќање на меѓубанкарските понуди од останатите панел банки. Овие каматни стапки ги прибира Британското банкaрско здружение (British Banker's Association) и ги објавува во 11 часот според средното гриничко време (Greenwich Mean Time).[6] Важни аспекти од дефиницијата за Либор се:[7]

  • Каматната стапка што секоја банка ја поднесува мора да биде одраз на трошоците кои таа би ги поднела, доколку би се задолжила на меѓубанкарскиот пазар.
  • Поднесените каматни стапки мора да бидат оформени според условите на Лондонскиот меѓубанкарски пазар.
  • Поднесените каматни стапки треба да се однесуваат за соодветна валута, без притоа да се дава големо значење на трошоците за претворање од една во друга валута.
  • Стапките треба да бидат поднесени од членови на банката кои имаат надлежности од сферата на менаџментот со ликвидноста на банката.
  • Под задолжување на банката, при одредување на стапката која ќе треба да се поднесе се мисли на: необезбедени меѓубанкарски финансиски средства или средства обезбедени преку примарна емисија на меѓубанкарски сертификати за депозити.[8]

Развојот на Либор[уреди | уреди извор]

Со развојот на нови финансиски инструменти се зголемило тргувањето кое го вршеле лондонските банкари на Лондонскиот меѓубанкарски пазар. Оваа појава ги загрижила лондонските банкари, бидејќи сметале дека ќе биде загрозен идниот раст на Лондонскиот меѓубанкарски пазар.[7] Грижата доаѓала од отежнатото пресметување на цените на финансиските производи, како што се опциите[9] и своповите,[10] и банките почнале да се залагаат за воведување на уренк кој ќе претставува основа за олесната пресметка на цената на финансисиките производи. Затоа, под влијание на Британската асоцијација на банкари [11] и Банката на Англија[12] се оформиле BBALIBOR стандардите. Од 2 септември 1985 година, овие стандарди почнале редовно да се применуваат на Лондонскиот меѓубанкарски пазар.[3]

Панел банки[уреди | уреди извор]

Овде спаѓаат банките кои може да си позајмуваат краткорочно по Либор стапките, а тие се водечки банки кои преку поднесувањето стапки за секоја предвидена рочност од преку ноќ па до една година влијаат врз оформувањето на Либор стапките. Изборот на овие банки се изведува секоја година од страна на ICE Benchmark Administration [13] со помош на Комитетот за пазари на пари и меѓународна размена (FX&MMC). Панел од банки се составува за секоја валута. Тој се состои од 11 до 18 банки кои ќе бидат одговорни за одредување на Либор стапки за таа валута и за соодветните рочности. Банките што се избираат мора да бидат учесници на Лондонскиот пазар на пари. При одредување кои банки ќе бидат членки на панелот од банки се применуваат повеќе критериуми, како што се пазарниот удел на банката, репутација и соодветното знаење и искуство за валутата за која ќе учествува во одредување на Либор стапките.[3]
На пример, во панелот на банки кои учествуваат за одредување на Либор стапките за американскиот долар се:[7]

  • Bank of America
  • Bank of Tokyo-Mitsubishi UFJ
  • Barclays Bank
  • BNP Paribas
  • Citibank
  • Credit Agricole CIB
  • Credit Suisse
  • DeutscheBank
  • HSBC
  • JP Morgan Chase
  • Lloyds Banking Group
  • Rabobank
  • Royal Bank of Canada
  • Société Générale
  • Sumitomo Mitsui Banking Corporation Europe Ltd
  • Norinchukin Bank
  • Royal Bank of Scotland
  • UBS AG

Финансиски производи врзани за Либор[уреди | уреди извор]

Финансиските производи кои се врзани за Либор се класифицирани во три групи:[7]

  • Стандардни меѓубанкарски производи (термински договори за каматните стапки, евродоларски фјучерси, свопови за каматни стапки, опции за свопови за каматни стапки, прекуноќни индексирани свопови, опции за каматни стапки)
  • Комерцијални финансиски производи (термински заеми, хипотекaрни кредити со варијабилни стапки, синдикатни заеми, депозитни сертификати со варијабилни каматни стапки, обврзници со варијабилни каматни стапки)
  • Хибридни производи (колатерилизирани хипотекарни обврски, колатерилизирани долговни обврски и др.)

Технички одлики[уреди | уреди извор]

Пресметка[уреди | уреди извор]

Либор стапките се пресметуваат од страна на „Томпсон Ројтерс“.[14] Либор претставува индекс кој ги мери трошоците за позајмување на средства на панел банките кои учествуваат во негово одредување. Секој работен ден во 11 часот панел банките го информираат „Томпсон Ројтерс“ по која најниска каматна стапка се подготвени да се задолжат значајно на Лондонскиот пазар на пари за тој ден за секоја предвидена рочност. Пресметката на Либор стапките не се заснова на вистински трансакции, зашто ниедна од панел банките не позајмува секој ден значаен износ на пазарот на пари за секоја предвидена рочност. Откако ќе ги собере каматните стапки од сите панел банки, „Томпсон Ројтерс“ ги елиминира највисоките 25% и најниските 25% од вредностите кои се однесуваат на каматните стапки. На преостанатите 50 % од вредностите се пресметува просек. Добиениот просек ја претставува официјалната Либор стапка.[3]

Валути[уреди | уреди извор]

Либор има фиксирани стапки за пет валути:[15]

Рочност[уреди | уреди извор]

Либор стапките се однесуваат за рочности од еден ден, една недела,еден месец, два месеци, три месеци, шест месеци и дванаесет месеци.[15]

Либор скандал[уреди | уреди извор]

Сомнежите за манипулација со Либор стапките започнале уште во 2008 година, кога била изработена студија од „Вол стрит џрнал“ [16] каде се утврдило дека Либор стапките не соодвествувале со тековните услови односно на условите кои биле предизвикани од финансиската криза. Исто така, во 2012 година, „Фајненшел тајмс“ објавил изјава од поранешен брокер кој тврдел дека со Либор стапките било манипулирано уште од 1991 година.[17] Овие изјави биле поддржани од BBC и Reuters. Сомнежите конечно се потврдиле со објавувањето на извештајот на Мартин Витли, директор на финансиското регулаторно тело во Велика Британија, во кој се барало оформување на нов комитет кој ќе ја пренесе контролата и администрирањето на Либор стапките на ново надворешно тело. Исто така, се предложиле и нови мерки за санкција на тие што ќе манипулираат со стапките и подобри мерки за транспарентност. Извештајот бил во целост усвоен од Владата на Велика Британија, а Британската Асоцијација на Банкари ја изгубила надлежноста за контрола и администрирање на Либор стапките, т.е. надлежностите биле преземени од Британските регулаторни тела.[4] По овие откритија за местење на Либор стапките следувале големи истраги за сите големи панел банки како и соодветни санкции.[18]

Реформи на Либор[уреди | уреди извор]

Реформите кои биле преземени се однесувале на повеќе прашања:[7]

  • Администрацијата на Либор е ставена под регулација на Британското тело за финансиско однесување.
  • Секаква манипулација со каматните стапки е прогласена за кривично дело во Велика Британија.
  • Данските, шведските, канадските, австралиските и новозеландските либор стапки се укинати и се намалиле роковите од 15 на 7, односно се намалил бројот на стапки од 150 на 35.
  • Либор стапките ќе бидат објавувани за пет валути и за седум рока.
  • Бил претставен нов статут, кој ги регулира системите и контролите кои треба да ги имаат банките кои ќе учествуваат во оформување на Либор стапките.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Investopedia, LIBOR
  2. ICE Benchmark Administration
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „Global rates“. Архивирано од изворникот на 2015-01-14. Посетено на 2015-01-06.
  4. 4,0 4,1 BBC
  5. CFR[мртва врска]
  6. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 35.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 https://en.wikipedia.org/wiki/Libor
  8. https://en.wikipedia.org/wiki/Certificate_of_deposit
  9. https://en.wikipedia.org/wiki/Option_%28finance%29
  10. https://en.wikipedia.org/wiki/Swap_%28finance%29
  11. „BBA“. Архивирано од изворникот на 2019-12-24. Посетено на 2015-01-06.
  12. https://en.wikipedia.org/wiki/Bank_of_England
  13. ICE Benchmark Administration
  14. Thompson Reuters
  15. 15,0 15,1 Investopedia
  16. „Wall Street Journal“. Архивирано од изворникот на 2015-01-07. Посетено на 2015-01-06.
  17. „Financial Times“. Архивирано од изворникот на 2014-03-16. Посетено на 2015-01-06.
  18. „CFR“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-01-06.