Кучиња

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Кучиња[1]
Период: Доцен еоцен - денес
Различни видови: арктичка лисица (горе лево), црвена лисица (горе десно), сив волк (долу лево) и којот (долу десно).
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Класа: Mammalia
Ред: Carnivora
Подред: Caniformia
Фамилија: Canidae
G. Fischer de Waldheim, 1817
Родови и видови

See text

Кучињата (лат. Canidae) се фамилија на кучевидни ѕверови. Во оваа фамилија припаѓаат лисиците, разни видови познати под името "шакал", којоти, волци, но и домашните кучиња. Денес се распространети на сите континенти, но првично ги немало во Австралија, Нов Зеланд, Нова Гвинеја, Мадагаскар и Антарктик. Меѓутоа, денес тие се речиси насекаде припитомени со помош на човекот.

Кучињата се развиле во олигоценот на подрачјето на Северна Америка од животно кое било со големина на лисица и потсетувало на неа, но сè уште можело да ги вовлекува своите канџи.

Физички опис[уреди]

Градбата на телото на кучињата на прв поглед не се разликува многу од тоа на мачките. Сите кучиња се со помал раст од оној на големите мачки. Телото им е витко, додека главата е мала, а издадената нуска е затапена. Трупот им е задлабен во пределот на слабините, а нозете се високи со мали шепи. На задните нозе кучињата поседуваат по четири целосно развиени прсти како и четири (кај родот Lycaon), односно пет (кај родовите Canis, Cyon, Icticyon, Otocyon) прсти на предните шепи. Силните канџи не се вовлекуваат во шепата, па затоа се тапи. Опашката не е долга, а често е обрасната со гривести влакна.

Имаат 42 заба, при што секогаш по четири предкатници од двете страни на горната и на долната вилица. Според тоа, забната формула е следна:

3.1.4.2
3.1.4.3

Формулата на првите "млечни" заби е: 3 1 3. Кога се млади, членовите на оваа фамилија немаат катници, додека како возрасни имаат по два на горната и три на долната вилица од секоја страна.[2]

Поседуваат крупни очи, а ушите им се зашилени и поголеми од мачкините. Женките имаат бројни млечни жлезди на градите и стомакот. Поплодни се од мачките и најчесто имаат четири до девет младенчиња, иако се познати и случаи со 18 и 23 младенчиња при едно парење.

Однесување[уреди]

Тешко е да се донесе заеднички заклучок за однесувањето на сите видови во оваа фамилија, бидејќи тие премногу се разликуваат меѓусебе. На пример, сите видови од оваа фамилија се по дефиниција месојади и затоа сите имаат нагон за лов и убивање, но тој значително се разликува меѓу волците и домашните кучиња.[3]

Разликите во однесувањето кај, на пример, волците и лисиците се изразени уште кај младенчињата во времето меѓу четвртата и петтата недела од староста. Зоологот Ерик Зимен, набљудувајќи ги младенчињата, забележал дека младите лисици парчињата храна најпрво ги земаат и ги закопуваат некаде во околната средина и дури потоа започнуваат да ги јадат; младите волци најпрво јадат колку можат, а дури потоа ги закопуваат остатоците од храната.[4]

Како слично однесување кај сите претставници од фамилијата на кучиња, Мајкл В. Фокс го опишува воведот во социјална средба меѓу припадниците на ист вид. Средбата започнува со заемно душкање на гениталното и аналното подрачје, но и делумно ушите, нуската и аналните жлезди. Душкањето на подрачјето на опашните жлезди е забележано само кај црвените, арктичките и сивите лисици, поретко кај прериските волци, но никогаш кај домашните кучиња, бидејќи тие многу ретко поседуваат опашни жлезди.[5]

Делумно се забележани и исти начини на однесување и меѓу различни видови; така, Фокс ја опишува успешната покана за игра меѓу чивава и прериски волк, со заемно покажување на подреденост меѓу младите којоти и волци, како и мигови од играта на возрасниот волк и возрасни црвени лисици.[6]

Систематика[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Возенкрафт, В. К. (16 ноември 2005). Вилсон, Д. Е., и Ридер, Д. М.. уред. „Mammal Species of the World“ (Трето издание издание). Johns Hopkins University Press. ISBN 0-801-88221-4. http://www.bucknell.edu/msw3/browse.asp?id=14000691. 
  2. Vgl. St. G. Mivart: Monograph of the canidae. London: R. H. Porter and Dulan, 1890. citirano u: Fox 1975.
  3. За ова видете, на пример, во: Zimen 2003: 47-49 (Оддел Unterschiede zwischen Wolf und Hund - "Разлики меѓу волкот и кучето")
  4. Zimen 2003: 40-42 (Abschn. Unterschiede bei Wolf und Fuchs).
  5. Fox 1975: 66 f.
  6. Fox 1975: 148 ff. (Оддел Zwischenartliche Verbindungen bei Caniden - "Врска меѓу различните видови на кучиња")