Ксантика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ксантика
Ксантика
Го празнува(ат)Македонија Македонија
ЗначењеДен на пролетта, ден посветен на природата, љубовта, македонските обичаи и на љубовта помеѓу Македон и божицата на цвеќињата Ксантија
Почнува1 март
Завршува31 март
ПрославаДенес:
Манифестации и концерти Антика:
манифестации, културни приредби, спортски натпревари и воени дефилеа

Ксантика (од старомакедонски: - март) — старомакедонско празнување кое почнало да се слави пред 3000 години.[1] Ова е празник на пролетта, љубовта и природата. Празнувањето се одвивало на улиците и во театрите[2] низ програма од ора[3], музика и обреди. За празнувањето пишувале повеќе антички писатели како биографот на Александар III МакедонскиКвинтиј Куртиј Руф, Хесихиј, Јустин и Диодор. На празникот исто така се организирале разни манифестации, културни приредби, спортски натпревари и воени дефилеа. Според старомакедонскиот календар, почетокот на годината се совпаѓал со есенската рамнодневица и прв месец бил Диј (октомври). Оттаму пак, првиот пролетен месец Ксандик (март) бил празнуван како благослов за животот кога разбудената пролетна светлина ја победува зимската темнина.

Празникот според македонскиот професор Ташко Белчев бил во чест на митот на несреќната љубов помеѓу македонскиот бог Македон и Ксантија (божица на цвеќињата),[4] од кој се зачувани записи од VI век п.н.е Според стари преданија, богот Македон кој бил син на семоќниот бог на Диа, се вљубил до последен здив во божицата на цвеќињата - Ксантија. Но од како злите сили на некои од боговите на Пантеонот ја замениле Ксантија во цвеќе, кутриот бог Македон, секоја пролет ја барал својата прва и незаборавна љубов низ сите ливади и полиња, кај сите бистри потоци и реки, во сите цветни градини.

Ксантика е празник во кој Античките Македонци верувале дека се случува „измивање на душите“, простување на гревовите, доминација на разбудената пролетна светлина врз зимската темнина, што ги притиска нивните души. Симбол на празникот беше црвено-белата врвка исплетена од бел и црвен конец. Од тука, нешто што е и до денес зачувано и кај нас, тоа е онаа мартинка, онаа просто волшебна црвено-бела плетенка која тогаш се провлекувала како нишка за спојување на тие луѓе за време на празникот. Белата боја во таа плетенка најверојатно потекнува како симбол на белиот делфин кој се сметал за божји дар и кој живеел само во Егејско Море, па и оттука и називот „Беломорска Македонија“. Празникот на пролетта Ксантика е многу битен за сфаќањето на светогледот на Античките Македонци, за нивното обединување и формирањето на нивната држава од страна на аргеадските кралеви.

Ксантика, Македонците ја преземале како епоним од името на божицата на цвеќињата, љубовта и убавината Ксантија, која според митолошките податоци постоела во земјата на богот Македон. Многу ја обожавале божицата Ксантија и во нејзина чест, тие пролетниот празник го нарекле Ксантика, а првиот месец Ксантик, кој на повеќе места се спомнува во Библијата. Се празнувала спонтано цел месец.

Ксантика остана незаборавена до денешно време. Ја гледаме во празнувањето на Прочка, Цветници, Младенци, Лазарица, Тодорица, Летник и Благовец. Ја гледаме во народните ракотворби, во изворноста на македонскиот вез, во монументалноста на нашите песни и ора, во звуците на народните инструменти. Ја гледаме во сјајот на пролетните цвеќиња.

И во денешно време се организираат разни манифестации во градот Битола со кои се празнува овај антички празник на Македонците.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. www.kralemarko.com - Ксантика
  2. Ангелина Маркус, Ксантика - древно македонско празнување, 2010 ISBN 978-608-65008-4-9
  3. Ангелина Маркус, Царот Александар Македонски (поема), 2010 ISBN 9989-2461-1-4
  4. Ташко Белчев, Орфеј-Горпеј