Крива Река

Од Википедија, слободната енциклопедија
Скокни на: содржини, барај


Крива Река

Крива Река во Крива Паланка
Устие Пчиња
Земји во сливот Македонија Македонија
Должина 75 km

Крива Река е најдолга (75 км), а по површина на сливот (1002 км2) најголема притока на реката Пчиња. Извира на Осоговските Планини, северно од Царев Врв (2085 m), на надморска височина од 1932 m, а во Пчиња се влива кај Клечовце, на надморска височина од 294 m. Од изворишниот дел до вливот на Киселичка Река (на 18 km од изворот), Крива Река првин тече кон север и северозапад, а потоа нагло го менува правецот и продолжува да тече кон југозапад.

Содржина

[уреди] Речна долина

Долината на Крива Река е композитна, при што се сменуваат неколку клисурски делови (Жидиловско-Паланечка, Псачка, Маркова, Вакуфска Клисура) со ерозивни проширувања (Уземско, Трновечко, Средоречко) и котлини (Славишка, Кумановска). До с. Опила, долината на Крива Река претежно е всечена во кристалести карпи (гнајсеви, микашисти, хлоритски, мусковитски шкрилци), а низводно до с. Бељаковце главно е всечена низ терциерни вулканити: андезити, игнимбрити, туфови, бречи и др. Од с. Бељаковце до самиот влив во Пчиња, долината на Крива Река е всечена во еоцени (марински) седименти: песочници и плочести варовници.

[уреди] Речен слив

Сливот на Крива Река има неправилна правоаголна форма и зафаќа површина од 1002 км2. Се протега во доминантен правец исток-североисток запад-југозапад, при што минималната должина на сливот (од врвот Руен, 2252 m) до вливот на Крива Река во Пчиња (294 m), изнесува 55 km, а максималната должина (по водотекот), изнесува 79 km. Сливот на Крива Река се одликува со мала пошуменост, особено во западните (палеовулкански) делови, како и на јужните падини на Герман и Билино. Обесшуменоста на сливот условува значително површинско истекување за време на врнежи, поради што најголем дел од водотеците имаат пороен карактер и доста променлив протек во годината. За да се подобри состојбата и да се намали ерозивноста, во втората половина на 20 век се вршени пошумувања, но на релативно мала површина и без соодветна динамика. Затоа, добиените резултати битно не се одразуваат врз современата состојба.

[уреди] Хидрографска мрежа

Крива Река има развиена хидрографска мрежа, која ја чинат над 600 постојани, периодични и повремени водотеци со вкупна должина од околу 1400 km. Од тој број, 14 водотеци се подолги од 10 km, а од нив 11 се директни притоки на Крива Река и тоа: Киселичка Река, Габерска Река, Рашка Река, Ранковечка, Ветуничка Река, Дрзава (или Руѓинска Држава) и Живуша, кои се десни притоки и Дурачка Река, Кратовска Река, Повишница и Врлеј кои се леви притоки.

[уреди] Извори

  • Квалитет на површинските води во сливот на Крива Река“ Димитровска О., Милевски И. — Билтен за Физичка географија, Скопје, 2005
Лични алатки
Именски простори

Варијанти
Дејства
Навигација
технички
алатник
Други јазици