Кредитна анализа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Кредитна анализа (англиски: Credit Analysis) е сеопфатна анализа на целокупното работење на клиентот и на конкретниот проект што треба да се финансира со кредитот, со цел да се процени кредитниот ризик, т.е. да се оцени кредитната способност на барателот на кредитот.

Поим за кредитна анализа[уреди]

Кредитната анализа е дел од кредитниот процес, во кој банката треба да изврши сеопфатна анализа на работењето на претпријатието и на оправданоста на проектот што треба да се финансира со кредитот. Притоа, обработката на кредитното барање вклучува бројни квалитативни и квантитативни аспекти. Првите се однесуваат на претходното работење на кредитобарателот, неговиот правен статус, управувањето, обезбедувањето на кредитот, конкуренцијата итн. Квантитативната анализа опфаќа анализа на финансиските извештаи на претпријатието, како и анализа на одредени финансиски показатели. Крајната цел на кредитната анализа е банката да го процени кредитниот ризик, т.е. да ја оцени кредитната способност на барателот на кредитот. За спроведување на квалитативната анализа, банките имаат на располагање повеќе методи, како што се: КАМПАРИ(CAMPARI), ПЕСТ(PEST), СВОТ(SWOT) итн.[1]

Кредитна анализа според методот 5Ц[уреди]

Одделните методи на кредитна анализа ги опфаќаат горе-долу истите прашања. Во тој поглед, квалитативната анализа на кредитното барање може да се опише со акронимот 5Ц (5Cs) изведен од првите букви од петте области што се земаат во предвид при анализата: карактер (character), капацитет (capacity), капитал (capital), обезбедување (collateral) и околности (conditions). Во продолжение, посебно ќе се осврнеме на секој од овие аспекти.[2] [3] [4]


Карактер[уреди]

Почетна точка во анализата на кредитниот ризик треба да претставува оцената на карактерот на кредитобарателот. Под овој поим се подразбираат сите аспекти коишто влијаат врз намерата на клиентот да го употреби кредитот според намената за која е одобрен, како и неговата подготвеност за уредна отплата на кредитот. Имено, постојат бројни примери во работењето на банките каде што во кредитните барања клиентите доставуваат лажни податоци за себе или прикриваат некои околности, а со цел да си ги зголемат изгледите за добивање кредит. Исто така, постојат случаи кога клиентите поднесуваат кредитни барања во повеке банки, иако немаат никаква намера да ги вратат земените кредити. Затоа, на почетокот на кредитната анализа, кредитниот службеник треба да ги процени карактеристиките на клиентот, како што се: чесност, искреност, одговорност, сериозност, деловниот углед итн. Во таа смисла, првиот впечаток може да се добие уште при почетните разговори, коишто можат да покажат дека клиентот нема јасна претстава за намената на кредитот, дека се обидува да прикрие некои важни информации, дека поднесува фалсификувани документи, дека има нечисто минато итн. Во продолжение, за да го оцени карактерот на клиентот, банката вообичаено бара информации за неговата кредитна историја, за работењето во минатото, за правниот статус, за органите на управување, за искуството на другите банки со него, за односите со добавувачите и со купувачите, за уредното плаќање на даноците итн. На пример, ако овие информации покажат дека клиентот не ги враќал претходно земените кредити или постојано доцни при плаќањето на фактурите, тогаш лесно може да се претпостави дека така ќе се однесува и при отплатата на кредитот. Врз таа основа, кредитното барање на тој клиент ќе биде веднаш одбиено, без да се врши дополнителна анализа на неговото финансиско работење.[5]

Капацитет[уреди]

Под поимот капацитет се подразбира оцената на финансиската состојба на кредитобарателот и неговата способност за уредна отплата на кредитот. Овој дел на анализата првенствено се заснова врз финансиските извештаи на претпријатието. Така, анализата на билансот на успехот треба да даде претстава за трошоците, приходите и профитабилноста на клиентот, додека извештајот на паричните текови треба да покаже дали неговото работење создава доволно парични приливи за уредна отплата на кредитот. Во продолжение, капацитетот вклучува и некои други аспекти, како што се: способноста на врвното раководство за успешно водење на претпријатието, дали кредитното барање е поткрепено со одлука на органите на управување, дали лицето кое преговара за условите на кредитот има овластување итн.[6]

Капитал[уреди]

Капиталот претставува олицетворение на финансиската моќ на кредитобарателот, т.е. неговата способност да го поднесе финансискиот товар што го предизвикува отплатата на кредитот. За таа цел, банката треба да ја анализира големината и структурата на средствата и обврските на клиентот, а особено внимание се посветува на нето-вредноста на претпријатието. Притоа, банката треба да ја провери не само книговодствената вредност на запишаниот капитал, туку и неговата пазарна вредност, зашто тие може значително да се разликуваат. Капиталот има посебно значење во кредитната анализа зашто тој го претставува крајното обезбедување на кредитот во случај на ликвидација на претпријатието. Исто така, во рамките на овој елемент на кредитната анализа, банката треба да обрне внимание и на учеството на клиентот во финансирањето на проектот.[7]

Обезбедување[уреди]

Вообичаено, банките настојуваат да ја обезбедат наплатата на кредитот така што бараат одредено обезбедување, како: хипотека на недвижен имот, хартии од вредност, депозит, побарувања, трговски стоки, скапоцености итн. Притоа, ако должникот не го враќа уредно кредитот, банката ќе го наплати побарувањето така, што ќе го преземе обезбедувањето со цел да го продаде. На тој начин, обезбедувањето претставува одреден поттик за уредна отплата на кредитот, зашто должникот е свесен дека ќе го загуби заложениот имот ако не го врати кредитот. Иако обезбедувањето го намалува кредитниот ризик, сепак треба да се забележи дека тоа претставува второстепен извор за наплата на побарувањето од должникот. Тоа значи дека со кредитната анализа, банката треба да ја утврди способноста на клиентот да го враќа кредитот врз основа на паричните приливи од работењето. Со други зборови, ако кредитната анализа покаже дека претпријатието не е кредитноспособно, банката треба да го одбие кредитното барање без оглед на тоа што е понудено квалитетно обезбедување. Инаку, во рамките на кредитната анализа, банката треба да го оцени квалитетот на обезбедувањето врз основа на следните елементи: колку е старо обезбедувањето, дали е технолошки застарено, дали се одликува со стабилна пазарна вредност, каков е правниот статус, дали е уредно документирано, дали се одликува со општа употреба или е специјализирано итн. Во тој поглед, особено е важно банката да ги преземе сите чекори кои ќе и обезбедат лесно преземање на сопственоста врз обезбедувањето и неговото впаричување во случај на неуредна отплата на кредитот. Според тоа, квалитетното обезбедување ги задоволува следниве три услови:

  1. неговата вредност да го надминува износот на кредитот;
  2. за обезбедувањето да постои активен пазар, т.е. да може лесно да се продаде и;
  3. банката да може лесно да ја преземе сопственоста врз обезбедувањето.[8]

Околности[уреди]

Најпосле, кредитната анализа треба да ги опфати и надворешните фактори врз кои претпријатието нема контрола, но кои можат да имаат силно влијание врз уредната отплата на кредитот. Всушност, овде станува збор за анализа на деловното окружување во кое работи кредитобарателот. Притоа, треба да се проценат следниве работи: трендовите во индустријата во која работи кредитобарателот, технолошките трендови во индустријата, положбата на кредитобарателот на пазарот, стабилноста на неговите односи со добавувачите и купувачите, фазата на деловниот циклус, идното движење на каматните стапки итн. Анализата на карактеристиките на индустријата во која делува кредитобарателот и на неговите предности и слабости во однос на конкуренцијата има особено значење при долгорочното кредитирање.[9]

Наводи[уреди]

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание),Скопје:Економски факултет,2011,стр.117.
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание),Скопје:Економски факултет,2011,стр.117.
  3. Robert Hisrich and Peters Michael, Entrepreneurship, Fourth Edition, Irwin Mc Graw -Hill, Boston, 1998, pp. 367–368.
  4. Бентон Гуп и Џејмс Колари, Комерцијално банкарство – Управување со ризик (превод), Влада на Република Македонија, 2011, стр. 263–264.
  5. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание),Скопје:Економски факултет,2011,стр.117-118.
  6. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание),Скопје:Економски факултет,2011,стр.118.
  7. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание),Скопје:Економски факултет,2011,стр.118.
  8. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание),Скопје:Економски факултет,2011,стр.118-119.
  9. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание),Скопје:Економски факултет,2011,стр.119.