Краткопрст ползач

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Краткопрст ползач
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Ползачки
Род: Certhia
Вид: Краткопрст ползач
Биномен назив
Certhia brachydactyla
Brehm, 1820
Приближна распространетост

Краткопрстиот ползач (науч. Certhia brachydactyla) е мала врапчевидна птица во шумите низ потоплите региони на Европа, вклучувајќи ја и Македонија и северна Африка. Генерално има појужна распространетост од другите ползачи, односно од обичниот ползач, од кого тешко може да го разликуваме каде ги има и двата. Краткопрстиот ги претпочита листопадните шуми и пониските надморски височини во областите каде распространетоста им се преклопува. Таа не е птица преселница, но знае да заскита надвор од својот опсег.

Таксономија и систематизација[уреди]

Краткопрстиот ползач за првпат е опишан од Кристијан Лудвиг Брем 1820 година.[2] Научното име потекнува од грчкото kerthios - мала птица што ползи по стеблата, опишана од Аристотел и brachydactyla што доаѓа од brakhus, „краток“ и dactulos „прсти“, што, исто така, е содржано во македонскиот назив и што се однесува на пократките прсти што оваа птица ги има во однос на обичниот ползач.[3]

Има 5 подвида на краткопрстиот ползач:

потемен и покафеав одозгора и појасно бело избразден одоздола од C. b. megarhyncha;

  • C. b. mauritanica; северна Африка; потемен и со постуденокафеави бои одозгора и поинтензивна портокалова нијанса одоздола. Има различна песна;
  • C. b. dorotheae; Кипар, посивкави горни делови и помалку бело одоздола; различна песна;
  • C. b. harterti; Мала Азија и Кавказ; сличен на C. b. megarhyncha, но побледи, кремави горни долови.

Опис[уреди]

Возрасен на стебло од дрво

Сите ползачки се слични по изглед, мали, кафеави, со линии и точки на горните делови, со портокалова нијанса над опашката и белкави долни делови. Имаат долг надолу свиен клун и долга цврста опашка што им помага при ползењето по стеблата.[4]

Краткопрстиот ползач е долг 12.5 см и тежок 7.5-11 грама. Има бессјајни сивокафеави горни делови, комплексно прошарани со црно, бело и кремаво, слаба белкава линија над окото, темникави долни делови кои се во контраст со белото грло. Половите се слични, а младенчињата имаат белкави долни делови понекогаш со портокалова нијанса на стомакот.

Повикот на овој вид е повторливо остро тит...тит тит-тит а песната му е секвенца од малку продолжени исти такви ноти тиит-тиит-тиит-е-рои-тиит. Има географски варијанти на пеењето, на пример во Данска песната е пократка, на Кипар е многу кратка и едноставна, а во северна Африка е пониска.[4]

Овој вид својата распространетост ја дели со обичниот ползач, кој е побел одоздола, a одозгора, пак, кафеавата боја му е потопла и има повеќе точки, линијата над окото му е поизразена и има малку пократок клун. Како и да е, идентификацијата по надворешен изглед во природа не е лесна, но обичниот ползач има карактеристична песна составена од чрчорење, треперење и последен свиреж со шрии, што ретко се среќава кај краткопрстиот. Но сепак, познато е дека и двете птици можат да си ги пеат песните едниот на другиот.[4]

Однесување[уреди]

Живеалиштето на краткопрстиот ползач се шумите со стари дрвја, особено дабови, избегнувајќи ги целосно четинарските и повисоките надморски височини. Таа е постојан жител, односно не е птица преселница, но во периодот по размножување можни се распрскувања кои доведуваат до скитништво. Како мала шумска птица со криптични пердуви и тивок повик, оваа птица може да не ја забележиме како вертикално потскокнува качувајќи се полека нагоре по стеблото на дрвото, помагајќи си со вкочанетата опашка и широко раширените прсти на нозете. Таа не е многу внимателна и плашлива и речиси е рамнодушна кон присуството на луѓето. Има карактеристичен непредвидлив брановиден лет, со наизменични замавнувања со крилјата, сличен на пеперугите. Зимно време живеат сами, но кога е многу студено може да се соберат по повеќе од десетина птици да спијат заедно на заштитено место за да се греат меѓусебно.[4]

Исхрана[уреди]

Краткопрстиот ползач се храни со без'рбетници кои ги вшмукува од стеблата на дрвјата. Почнува од долу и се движи нагоре во спирала, помагајќи си со цврстата опашка, и за разлика од лазачките, не се симнува надолу со главата, туку летнува до основата на некое друго блиско дрво. Го користи својот долг, тенок клун за да ги извади инсектите и пајаците од пукнатините во кората. Иако обично се хранат на дрвјата, повремено го ловат пленот на ѕидови, гола земја или меѓу паднатите борови иглички, па и додава некое иглолисно семе во својата исхрана во постудените месеци.

Размножување[уреди]

Certhia brachydactyla

Гнездото го прават во дупка во дрвото или пукнатина од кората. Старите гнезда на клукајдрвците, дупките во ѕидовите и зградите, како и куќичките за птици, доаѓаат предвид за гнездење. [4] Го постилаат со гранчиња, борови иглички, трева и помеки материјали како пердуви, волна, мов, лишај или пајажина. Несат 5-7 јајца, бели со пурпурноцрвени дамки. Ги инкубира само женката во период од 13 до 15 дена, а потоа ги хранат обата родитела, но ги загрева повторно само женката уште 15-18 дена додека да се оперјат. Овој вид често има и второ легло. Мажјакот започнува да го гради новото гнездо додека женката сè уште се грижи за потомството од првото.[4]

Статус[уреди]

Краткопрстиот ползач има широка распространетост од 1 до 10 милиони км² и голема популација од 4.1 до 14 милиони поединци. Според Црвениот список на МСЗП спаѓа во вид со најмала загриженост.[1]


Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Certhia brachydactyla. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106006907. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. (германски) Brehm, Christian (1820). „Handbuch der Naturgeschichte aller Vogel Deutschlands“. стр. 266–271. 
  3. „Краткопрст ползач Certhia brachydactyla [CL Brehm, 1820“]. „BirdFacts“. British Trust for Ornithology (BTO). http://blx1.bto.org/birdfacts/results/bob14870.htm. конс. 23 мај 2008. 
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Harrap, Simon; Quinn, David (1996). „Tits, Nuthatches and Treecreepers“. Christopher Helm. стр. 177–195. ISBN 0-7136-3964-4. 

Надворешни врски[уреди]