Коњско одење
Коњско одење е начин на кој коњот може да се движи, било природно или како резултат на специјализирана обука од страна на луѓето.
Содржина |
[уреди] Класификација
Коњското одење може да се подели во две групи: природно, што скоро секој коњ може да го користи без посебна обука, и тренирано, што претставува збир од неколку различни видови “меки“ одења кои се карактеристични само за одредени раси, а најчесто е потребна и посебна обука на коњот, пред воопшто јавачот да може таквите одења да ги искористи при јавањето.
Во природното коњско одење спаѓаат чекор, кас, кентер и галоп.[1] Некои луѓе сметаат дека во оваа група наместо четири, има три вида одење, затоа што кентерот претставува своевидна варијанта на галопот, иако кентерот има три удари со нозете, а галопот четири. Во тренирано одење спаѓаат пејс, толт, и други.
Постои и друга класификација на коњското одење, таканаречено четириножно одење, кое вклучува: 1) нормално одење (вклучително и чекорот), 2) трчање или кас, и 3) одење со потскокнување.
[уреди] Чекор или нормално одење
Чекорот или нормалното одење е таканаречено “одење со четири удари“, при што се постигнува просечна брзина од 6,4 км/час[2]. При ова одење нозете се менуваат дијагонално и јасно се слуша ударот на секоја нога - според редослед: лева предна, десна задна, десна предна, лева задна.
Според брзината се разликуваат: скратен, среден и брз чекор. Кај чекорот е пожелно задната нога да падне за околу две должини на копитото пред предната нога (тоа се забележува кај средниот и брзиот чекор).
Постои изрека дека коњот што добро чекори, добро и галопира. За почетниците-јавачи чекорот изгледа по малку досадно и монотоно, но овој вид одење многу открива за коњот, затоа што оној коњ што има добри движења при чекорот, што изгледа истрајно и упорно, тој со сигурност е добар и при брзите одења.
Чекорот треба да е правилен и ритмичен. Неправилниот чекор е голема мана и може да укаже на неправилност во околината каде коњот се движи, како и на слабо извршена обука кај тренираните коњи.
[уреди] Кас
Кас е побрзо одење, одење со два удари, при што нозете се движат дијагонално во пар - левата предна со задната десна и десната предна со задната лева. Периодите додека нозете се на почвата се кратки, а меѓу нив има таканаречена “лебдечка фаза“, кога сите четири нозе се во воздухот.
Од гледна точка на стабилноста, може да се каже дека касот е многу стабилно одење при што коњот не мора да прави големо балансирање со главата и вратот.
Во зависност од брзината, и кај касот разликуваме три вида: скратен, среден и брз. Што се однесува до коњите за трки, со најбрз кас се движат коњите од расата за кас.
Треба да се напомене дека иако касот е природен вид одење, кај расата коњи за кас тој преминува во трениран вид - бидејќи коњите во дивината никогаш не достигнуваат големи брзини во кас, туку трчаат со галоп (што е забрането во трките со кас и повлекува дисквалификација).
Брзината што се постигнува при кас се движи меѓу 8 и 12 км/час, а понекогаш достигнува дури и 19 км/час.
[уреди] Кентер и галоп
Како што беше споменато претходно, кај некои класификации кентерот и галопот се сместени во иста категорија, иако секој од нив има свои специфичности.
Кентер е такво одење на коњот кај кое се слушаат три такта (одење со три удари). Нозете се движат според следниот редослед: одењето започнува со една од задните нозе, да речеме левата, а потоа следува другата задна нога (во овој случај десната) истовремено со предната десна, а на крајот следува левата предна.
Овој вид одење се користи при тренинг на грлата за галоп, па затоа понекогаш кентерот се нарекува работен галоп. Кентерот е омилен меѓу јавачите кои своето време им го посветуваат на коњите и јавањето, затоа што е удобен за јавање и лесно се совладува.
Галоп е најбрзото коњско движење и претставува одење со четири такта (со четири удари). Редоследот на чекорите е ист како и кај кентерот со тоа што кај галопот, поради должината на исчекорот, средниот такт се раздвојува во два (прво земјата ја допира задната, а потоа предната нога - а не истовремено како ка кентерот). И во двата случаја (кентер и галоп) постои фаза на лебдење кога ниедна нога не ја допира земјата.
Кај галопот чекорот се издолжува и со тоа станува побрз, но секогаш го задржува соодветниот ритам. Бидејќи расчекорот се издолжува, височината на грбот се спушта и со тоа коњот изгледа многу помал, односно понизок. При полн галоп коњите достигнуваат големи брзини, дури до 70 км/час. Во природни услови галопот им служи на коњите за бегање од нивните природни непријатели.
[уреди] Пејс
Пејс (анг. pace) е двотактен вид одење што на прв поглед потсетува на кас, меѓутоа постои голема разлика меѓу нив. Пејсот не е вроден вид одење. Кога коњот трча, наизменично гази со паралелни нозе (лева предна со лева задна, па десна предна со десна задна), при што се добиваат два такта (удари). И кај овој вид одење има фаза на лебдење.
Во САД се многу распространети и популарни трките на коњи пејсери за кои се организираат посебни трки, а нивното одење се потпомага со специјална опрема. При пејс коњите развиваат брзина скоро како и при галоп. Бидејќи нозете ги разменуваат паралелно, нема опасност од престигнување, а со тоа е помала и опасноста од повреди.
Во Јужна Америка е распространета раса коњи (Paso Fino) што се движат со пејс и кои се многу удобни за јавање. Интересно е да се каже дека овој вид одење им е вроден на камилите и нивните сродни видови (пр. ламите).
[уреди] Толт
Толт (исланд. tölt) е еден вид брзо одење, при што се слушаат четири такта (удари). Нозете се движат според следниот редослед: лева задна, лева предна, десна задна, десна предна. Во текот на одењето коњот ја држи главата многу високо.
Овој вид одење е најпознат кај расата Исландско пони - кај нив се јавува како вродена особина и се воочува уште на рана возраст, кај ждребињата. Исландските коњи се во состојба да постигнат многу голема брзина со ова одење, дури и на нерамни терени. Толт е многу удобен за јавање.
[уреди] Видете исто така
- Со галоп до шест милиони долари во Дубаи, Утрински весник
- Коњ во галоп до смрт влечел девојче, Вест
[уреди] Наводи
- ↑ Horse Gaits (анг.)
- ↑ Horse Speed in MPH - How fast is your horse going? The Ultimate Horse Site (анг.)