Кочанска Котлина

Од Википедија, слободната енциклопедија
(Пренасочено од Кочанска котлина)
Скокни на: содржини, барај
Карта на Кочанската Котлина
Средишниот дел од Кочанска Котлина со поглед на селата Прибачево, Зрновци, Мородвис и Видовиште
Дел од Кочанска Котлина со поглед на Кочани на зајдисонце

Кочанската Котлина е долина по течението на реката Брегалница во источниот дел на Република Македонија, на географска ширина од 41° и 55' и географска должина од 22° и 25'. Таа зафаќа површина од 1020 км² и се протега од двете страни на Брегалница, од запад-југозапад кон исток-североисток, во должина од 26 км. Дното на Котлината, односно нејзиниот рамен дел зафаќа површина од 115 км². Најниска точка е во западниот дел, кај вливот на Злетовска Река во Брегалница, каде има надморска височина од 290 метри. Одејќи кон исток рамнината постепено се издигнува, така што кај вливот на реката Осојница има височина од 330 метри. Разликата од најнискиот до највисокиот дел на полето изнесува 40 метри.

За одделни делови од Кочанската Котлина постојат посебни имиња. Така, средишниот дел е познат како Кочанско Поле (или само Кочанско), југоисточниот како Виничко, а западниот дел како Злетовица. Територијата пак околу поголемите села се именува како: Оризарско, Истибањско, Зрновско, Облешевско и сл.

Котлината има релјефна погодност и плодна почва, која заедно со расположивата хидрографска мрежа овозможува природно движење на водата и дозволува житните култури, посебно оризот, да егзистираат во извонредни природни услови.

[уреди] Историја

Според досегашните испитувања, дојдено е до научни сознанија дека Котлината настанала по тектонски пат. Пресудно значење за денешната форма и релјефната структура одиграле тектонските движења што се случиле пред средниот олигоцен. Тогаш дошло до спуштање на земјиштето меѓу две раседни линии и тоа една од северната, Осоговската и друга од јужната, Плачковичката страна. При крајот на миоценот и почетокот на плиоценот, котлината е поплавена од слатководно езеро кое заедно со другите соседни езера го создава познатото, во геоморфолошката литература, Средновардарско Езеро. Длабочината на ова Кочанско плиоцено езеро била над 500 метри.

Со истекувањето на езерата на средно-вардарската потолина дошло до исушување и на Кочанското Езеро, бидејќи тоа преку истеци комуницирало со нив. Потоа започнала флувијалната фаза во развојот на релјефот и формирањето на флувијалните релјефни форми. Засекувањето на коритото на Брегалница довело до формирање речни тераси кои се најзабележливи на влезот и излезот на реката од Кочанската Котлина.

Структурата на котлината со своите маркантни раседи ја прави сеизмички доста активна, со потенцијалност од 8-9° според Меркалиевата сеизмичка скала. [1]

[уреди] Клима

Срдедната просечна годишна температура на воздухот изнесува 13°С, со што Кочанската Котлина се вбројува во редот на топлите котлини во Македонија. Таа е слична на температурата на воздухот во Струмичката и Велешката котлина. Котлината изобилува со термални извори, од кои покарактеристични се оние кај селата Истибања, Долни Подлог, Бања и Крупиште. Кај селото Долни Подлог, близу Кочани сега се користат две дупнатини длабоки 35 и 460 метри со штедрост од 300л/сек. и температура меѓу 70-80°С[2]. Лековитите својства на термалната вода од Кочанската Котлина, според Ристо Чанев, се истоветни со водата во Негорски бањи, кај Гевгелија.

[уреди] Наводи

  1. Кочани и Кочанско од праисторијата до денес, монографија, Општина Кочани, декември 2003 г.
  2. Официјална веб страница на Општина Кочани
Лични алатки
Именски простори

Варијанти
Дејства
Навигација
технички
алатник
Други јазици