Кори (храна)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Баклавата се прави со слоевито подредување на корите.
Кувани кори со овче сирење.

Корите се тенки (1 до 3-4 mm) и широки листови од ненараснато тесто кои се користат за подготовка на печива во блискоисточната и балканската кујна. Во пракса, ретко се користи една кора и затоа во разговорниот македонски јазик многу почесто се користи поимот „кори“. Со корите се обвива одреден фил и вака приготвеното тесто се подвргнува на термичка обработка (печење, пржење или варење).

Корите најчесто се користат за подготовка на баници, но од нив се прават и слатки (баклави, штрудли и сл.).

Подготовка[уреди]

Сите методи за подготовка користат жилаво тесто кое може да ја промени својата форма, без притоа да се раскинува. Разликите во подготовката се состојат најмногу во начинот на оформувањето.

Рассукување[уреди]

Основниот начин на подготовка е со притискање со сукало (рассукување) на многу тенки слоеви. Тестото се сече на мали топки и со притискање и тркалање на сукалото постепено се намалува дебелината за сметка на зголемување на останатите размери. Во зависност од посакуваната големина на корите се рассукуваат различно големи парчиња тесто.

Растегнување[уреди]

Тестото може да се растегне со раце на маса како подготовка за рассукување или како самостоен метод на подготовка. Во фабриките за производство на баници и слични производи често се користи овој метод поради неговата повисока производственост. За постигнување на минимална дебелина, на крајот тестото се врти и се користи центрифугалната сила за негово растегнување. Големината на таквата кора може да надмине 1 m2.