Џејмс Тобин

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Корисник:EleK/Џејмс Тобин)
Џејмс Тобин
Неокензијанска економија
Џејмс Тобин (1962)
Роден5 март 1918(1918-03-05)
Чемпејн, Илиноис, САД
Починал11 март 2002(2002-03-11) (возр. 84)
Њу Хевен (Конектикат), САД
НационалностСоединети Американски Држави
УстановаЈеил Универзитет
Комисија на Ковелс
ПолеМакроекономија
Алма матерХарвард Универзитет
Влијанија одКејнс · Шумпетер · Хансен · Хаберлер · Сличтер · Харис · Мејсон · Чемберлен · Баумол · Леонтјев
Влијаел врзСемјуелсон · Метзлер · Галбраит · Бергсон · Мусгрејв · Гудвин · Кругмен · Грифит-Џонс · Каул
ПридонесиПортфолио теорија
Кејнзијанска економија
Тобиновиот q
Тобитов модел
Тобинов данок
НаградиЏон Бејтс Кларк медал (1955)
Нобелова награда по Економија (1981)
Информации на IDEAS/RePEc
Тобин во 1962 година

Џејмс Тобин (англиски: James Tobin) (5 март 191811 март 2002) — американски економист, претставник на неокензијанците, кој дал значаен придонес за неокласичната синтеза. Неговата академска работа вклучува пионерски придонеси кон проучувањето на инвестициите, монетарната и фискалната политика и финансиските пазари. Во 1981 година бил награден со Нобеловата награда за економија за неговиот придонес „во анализата на состојбата на финансиските позиции и нивните врски со решенијата во областа на расходите, вработеноста, производството и цените“, односно за неговиот придонес во развивањето на модел во кој монетарните, финансиските и реалните променливи се меѓусебно обусловени и за неговата теорија на имотен избор.

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани и студентски години[уреди | уреди извор]

Тобин е роден во Чемпејн, Илиноис, САД во 1918 година. Неговиот татко, Луј Мајкл Тобин, бил директор на атлетскиот клуб на Универзитетот на Илиноис во Урбана – Чемпејн, додека неговата мајка Маргарет Едгертон Тобин била социјален работник.[1] Тобин во Урбана завршил основно и средно образование, каде што се истакнал како на часовите така и во спортските активности, односно во кошарката и атлетиката. Во 1935 година, по иницијатива на својот татко, без какви било специјални подготовки, ги положил приемните испити, и добивајќи стипендија станал студент на престижниот универзитет "Харвард". Токму тие години во Одделот за економија на Харвард биле собрани едни од најголемите умови во економската наука како што се: Едвард Чемберлен, Јозеф Шумпетер, Едвард Месон, Сејмур Харис, Самнер Шликтер, Алвин Хансен, Василиј Леонтјев, Готфрид Хаберлер итн. Покрај тоа, и на другата страна од катедрата, тие години студенти на Харвард биле личности кои подоцна станале водечки во поодделни области од економијата. Меѓу нив спаѓаат: Џон Милер, Пол Семјуелсон, Лојд Рејнолдс, Лојд Мецлер, Пол Свизи, Ричард Гилберт, Ричард Гудвин, Ј. К. Галбрајт, Ричард Мазгрејв, Абрам Бергсон итн. Тобин дипломирал во 1939 година, а магистрирал во 1940 година. По влегувањето на САД во Втората светска војна, тој се пријавил на курс за морнарички офицери на Универзитетот Колумбија. Четирите воени години воглавно ги поминал во американската морнарица како офицер навигатор или на посебни задачи, учествувајќи во борбите во Северна Африка, јужна Франција и Италија. По заземањето на Јапонија ја напуштил војската и се вратил на Харвард за да ја продолжи академската кариера. Наредните две години работел на својата докторска дисертација на тема „Теориски и статистички истражувања на функцијата на побарувачката“, напишана под супервизија на Шумпетер, која успешно ја одбранил во 1947 година, по што вратите на Харвард биле широко отворени за неговата наставничка и истражувачка кариера. Тобин предавал на Харвард три години како помлад колега. Во тој период поминал една година во Англија како гостин на департманот за применета економија на познатиот универзитет во Кембриџ, и тоа од 1949 година до 1950 година.

Универзитетска кариера и консултант[уреди | уреди извор]

Во 1950 година Тобин преминал на Универзитетот Јеил како вонреден професор, за подоцна да стане редовен професор по економија (19551957), професор по економија со највисок академски ранг на Јеил (Sterling Professorship) (1957 – 1988), и претседател на департманот за економија (19681969 и 19741978). Исто така бил и директор на фондацијата "Каулс" (Cowles Foundation) за истражувања во економијата (1955 – 1961 и 19641965). Од 1988 година до неговата смрт во 2002 година бил професор со највисок академски ранг, пензиониран почесен професор, на Универзитетот Јеил. Таму Тобин ги објавил и своите најпознати трудови, меѓу кои и оние за кои му била доделена Нобеловата награда за економија.[2] Речиси целиот свој работен век го има поминато предавајќи на студентите и пишувајќи трудови. Во периодот 1961 – 1962 година станал член на Економскиот совет на Претседателот Кенеди, што всушност е едно од ретките скршнувања од неговата универзитетска кариера. Покрај Тобин, во Економскиот совет на Кенеди се вклучиле и голем број на познати економисти како што се Хелер, Окун, Солоу и Ероу. Во 1962 година оваа група на „великани“ во економската наука го издала и денес познатиот извештај (Economic Report) на кој се засновала Кенедиевата „нова економска политика“. Тобин истакнал дека тој и неговите колеги биле многу горди што претседателот Кенеди ги прифаќал нивните совети и ги преточувал во мерки и политики кои за време на неговиот мандат дале резултати во намалувањето на невработеноста како и на полето на економскиот раст. Меѓутоа, сите тие резултати пропаднале за време на Виетнамската војна и стагфлацијата во 1970-тите години.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

На 14 септември 1946 година, Тобин се оженил со Елизабет Феи Ринго, поранешна студентка на Пол Семјуелсон на МИТ (Massachusetts Institute of Technology), со која имал четири деца: Маргарет Ринго, Луис Мајкл, Хју Ринго и Роџер Гил. Живееле во истата куќа во Њу Хевен, која ја купиле уште првата година од нивниот брачен живот и, според американските обичаи, еднаш годишно се собирале на заедничка прослава со своите деца и внучиња. Тобин починал на 11 март 2002 година на возраст од 84 години во Њу Хевен,[3] а неговата сопруга починала на возраст од 90 години, во јуни 2009 година.[4]

Тобин бил претседател на Американската економска асоцијација (1970), бил член на Американската национална академија на науките, на Американската статистичка асоцијација, на Американската академија за хуманитарни и природни науки, на Американското филозофско здружение.

Позначајни дела[уреди | уреди извор]

Тобин има објавено 16 книги и повеќе од 400 статии наменети за стручната и пошироката јавност. Притоа, голем дел од неговото творештво е претставено во изданието во три тома „Есеи за економските науки

Придонесот на Џејмс Тобин за развојот на економската наука[уреди | уреди извор]

Џејмс Тобин е еден од најзначајните неокензијанци. Тој, заедно со Семјуелсон и Модиљани, и покрај тоа што биле кензијанци , интегрирале дел од придонесите на класичните економисти во своето економски учење. Овие економисти дале голем придонес за неокласичната синтеза, што всушност претставува обединување на едно место на јадрото на класичната економска теорија и на кензијанската економска мисла.

Тобин, како и останатите умерени кејнзијанци, е кејнзијанец на краток рок, а монетарист на долг рок. Тој тврди дека економијата понекогаш е во кејнзијанска ситуација, кога има неангажирани фактори на производство и кога треба да се стимулира агрегатната побарувачка. Но, понекогаш економијата е во класична ситуација. Тоа се случува кога функционира на нивото на потенцијалниот бруто-домашен производ и рационално ги користи сите ресурси, па во тој случај не треба да се стимулира со мерките на страната на агрегатната побарувачка. Овие ставови на Тобин ја потвдруваат ваквата квалификација:

  • Економијата секогаш на крајот завршува со полна вработеност, но урамнотежувањето на пазарите бара време, од околу пет години, поради ригидноста на цените и платите;
  • На краток рок, владите треба да водат стабилизациона политика со управување со агрегатната побарувачка;
  • На долг рок, преку мерките на страната на агрегатната понуда, треба да се влијае врз бруто-домашниот производ;
  • Не постои реска граница помеѓу мерките на страната на агрегатната понуда и агрегатната побарувачка (кај Кејнз, инвестициите се битна одредица на агрегатната побарувачка, а од друга страна инвестициите влијаат и врз производството и врз агрегатната понуда).[5]

Тобин ја доразвил Кејнзовата теорија “Liquidity preference” - Теоријата за претпочитување на ликвидни средства, и ја приспособува на новите изменети услови, односно неговата теоријаPortfolio Balance Approach” претставува теорија на имотен избор.

Тобин се залага за дискрециона монетарна политика со која централната банка има значајна улога во реализирање на основните цели на економската политика, како што се: ниска стапка на инфлација, намалување на стапката на невработеност, постигање на одредена стапка на економски раст. Според него, во зависност од типот на тековите кои ја погодуваат економијата потребен е адекватен одговор на монетарната политика, а не централните банки да се грижат само за стабилноста на цените. Централната банка треба постојано да врши анализа на реалните и монетарните движења, односно на движењата на платите, вработеноста, производството, побарувачката на стоки, како и залихите на стоки, растот или опаѓањето на кредитите и други монетарни стратегии, и да донесува одлуки за монетарна експанзија или контракција врз основа на анализата на овие променливи.

Тобин предлага монетарната политика да се проектира на три временски рокови:

  • На краток рок, период од 1-2 квартала, во кој таргети на централната банка би биле паричната маса, резервите на банките и краткорочните каматни стапки, со што всушност врши спој на монетаристичката концепција, за која е важна само паричната маса (М2), со кејнзијанската концепција, за која се важни краткорочните каматни стапки и резервите на банките.
  • На среден рок, период од две години, во кој таргет на монетарната политика би бил номиналниот општествен производ. Периодот од две години би бил доволно долг за да може да се конпензираат промените во брзината на оптекот на парите, односно во побарувачката на парите, што всушност претставува клучна детерминанта кај монетаристите.
  • На долг рок, неколку години, целите на монетарната политика би се совпаднале со целите на економската политика. Тобин се залага да се води координирана фискална и монетарна политика во реализацијата на основните долгорочни цели на економската политика.

Всушност, Тобиновите гледишта за монетарната политика се дискрециона и флексибилна монетарна политика наспроти автоматска и крута, која ќе кореспондира со останатите компоненти на економската политика.

Џејмс Тобин е најзаслужен меѓу неокејнзијанците, во борбата со монетаристите, што неокејнзијанската теорија сè уште има рамноправен третман и е поддржувана од голем број економисти во современата економска теорија, а за ова помага и фактот што неговата теорија на имотен избор е поблиску до реалноста во современите развиени пазарни економии во споредба со другите конкурентни теории.[6]

Посебниот придонес на Тобин поради кој му е доделена Нобеловата награда[уреди | уреди извор]

Најголемиот придонес на Тобин за развојот на економската наука е во доразвивањето на Кејнзоновата економска теорија “Liquidity preference” и нејзино приспособување на новите изменети услови. Оваа теорија “Portfolio Balance” всушност е теорија на имотен избор. Поединецот своите заштеди ги разместува помеѓу алтернативните имоти, при што парите претставуваат само еден вид на имот. Побарувачката за одделен вид имот варира правопропорционално со сопствената каматна стапка, а обратнопропорционално со каматните стапки на другите имоти, при што зголемувањето, односно намалувањето на побарувачката на одделен имот ја изменува структурата на заштедите на вкупниот имот и ќе ги промени каматните стапки на сите имоти.

Под претпоставка на целосна рамнотежа во стопанството, доколку централната банка ги намали задолжителните резерви на комерцијалните банки, се зголемува можноста за ново создавање на депозити по видување. Тоа пак, од своја страна ќе овозможи да се зголеми побарувачката на хартии од вредност и заеми, што ќе води до покачување на цените на вредносните хартии и намалување на каматните стапки. Додека не се исцрпат резервите за создавање дополнителни пари ќе тече овој процес на замена на новосоздадените депозити по видување за вредносни хартии, а потоа настапува обратен процес. Поради намалените каматни стапки на вредносните хартии ќе се намали нивната побарувачка, а ќе се зголеми побарувачката на супститутивните имоти, како што се парите и стоките, при што јавноста ќе го прераспореди својот имот со намалување на количеството на вредносни хартии, а зголемување на пари и стоки.

Количеството на пари се зголемува за целиот износ за кој е намалено количеството на вредносни хартии, додека побарувачката за пари не е зголемена во тој износ, туку е помала за разликата што ја надополнува побарувачката за стоки, поради што се јавува нерамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на пари, која јавноста ја премавнува преку купување на реални добра. Сега пак, зголемената побарувачка на реални добра ги зголемува нивните цени, а ја намалува профитната стапка. Побарувачката за стоки ќе запре во оној момент кога јавноста повеќе ќе сака да држи пари поради зголемените цени на стоките, но токму тие зголемени цени ќе ги стимулираат производителите да го зголемат производството. На тој начин, со намалување на задолжителните резерви од страна на централната банка, во економијата ќе настанат низа на промени кои завршуваат со зголемување на производството. Во оваа теорија, на парите, како еден вид на имот, не им се придава поголема важност во однос на другите видови имоти, па опишаните промени во економијата можат да настанат со промена на релативната структура на имотот од кој било вид имот.

Разлики помеѓу “Portfolio Balance Approach” и “Liquidity Preference”:

  • Според “Liquidity Preference” теоријата, промени во каматните стапки и побарувачката за други видови имоти, можат да настанат само ако има промени во понудата на пари, за разлика од “Portfolio Balance Approach” теоријата, каде може да настанат ако има промена на релативната структура на имотот од кој било вид имот.
  • Втора разлика помеѓу овие две теории е тоа што во “Liquidity Preference” теоријата постои една каматна стапка и еден избор – побарувачка за пари или побарувачка за непаричен имот, додека во “Portfolio Balance Approach” теоријата постои спектар од каматни стапки кои пак овозможуваат да се прават најразлични прегрупирања во релативната структура на непаричниот имот.
  • Третата разлика е во трансмисиониот механизам на влијанието на промените на паричната маса врз економската активност. Во квантитативната теорија промените кај парите директно предизвикуваат промени во доходот и цените, па промените кај парите стварно имаат влијание врз економската активност. Во “Liquidity Preference” теоријата, на парите им се придава значење бидејќи промените во паричната маса во однос на побарувачката за пари предизвикуваат промени во каматната стапка и профитната стапка на капиталот. Додека во “Portfolio Balance Approach” теоријата, парите имаат значење, но не поголемо од значењето што го имаат другите имоти. Според оваа теорија, промените во паричната маса или промените на кој било друг имот, влијаат врз промените во структурата на каматните стапки. Трансмисиониот механизам во овој случај го има следниот правец: промени во парите или во кој било имот, промени во каматните стапки (не една, туку сите каматни стапки), промени во побарувачката за капитал, промени во стопанската активност.
  • Четвртата разлика се однесува на правецот на ефектите. Во “Liquidity Preference” теоријата промените на количеството на парите ја погодуваат економската активност во ист правец, односно зголемување на количество на пари – зголемена економска активност и обратно. Додека според “Portfolio Balance Approach” теоријата тоа може да биде, но не мора, правецот може да биде и спротивен. Бидејќи правецот на промените може да биде и спротивен, според оваа теорија, паричната маса и каматните стапки се погоден индикатор за економската политика, при што најпогоден индикатор за економската политика е директната анализа на пазарот на капитал.

Оваа теорија има мала емпириска верификација, при што и оние економски проверки кои се правени, се среќаваат со нерешливиот проблем на мултиколинеарноста. Во регресивните анализи, кога се работи со повеќе независни променливи, ако тие меѓусебно високо корелираат, резултатите што се добиваат се дискутабилни. Во овој случај, мултиколинеарноста тешко може да се избегне поради фактот што каматните стапки меѓу себе високо корелираат. Покрај тоа, нема емпириска верификација дека другите непарични имоти високо корелираат со економската активност, а наспроти тоа постојат сериозни и бројни емпириски анализи за зависноста помеѓу промените во парите и промените во економската активност.[7]

Погледнете[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Џејмс Тобин“. Архивирано од изворникот на 2014-07-04. Посетено на 2013-05-16.
  2. Howard R. Vane and Chris Mulhearn “The Nobel Memorial Laureates in Economics” (An introduction to their careers and main published works) – James Tobin, year 2005, page 120-125
  3. Џејмс Тобин, добитник на Нобеловата награда по економија и советник на Кенеди, почина на 84 годишна возраст
  4. Општество за признавање на успесите на познатите луѓе – Џејмс Тобин
  5. Фити Таки, „Економија“ (трето издание), Економски факултет-Скопје, Скопје, 2010, стр. 498-499.
  6. „Нобеловци по економија 1969-2008“ (второ издание) – Џејмс Тобин, Економски факултет-Скопје, Скопје, 2008, стр. 121-126.
  7. Трпески Љупчо, „Монетарна економија“ (прво издание), Економски факултет-Скопје, Скопје 2010, стр. 180-183.