Корен на дланка

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Корен на дланка
Xray hand with color.jpg
Коренот на дланката (црвен дел)
Carpal bones.svg
8 коски кои го градат коренот на дланката

Дистален ред:
E = Трапезна коска, F = Трапезоидна коска, G = Главеста коска, H = Кукеста коска
Проксимален ред:
A = Чунеста коска , B = Полумесечеста коска , C = Триаглеста коска, D = Грашковидна коска
Останато:
1 = Палечна коска, 2 = Лакотна коска, 3 = Коски на прсти

Латински ossa carpi
Греева 54 221
MeSH Carpal+Bones
Dorlands
/ Elsevier
    
Carpus
TA A02.4.08.001
FMA FMA:71335

Коренот на дланката (латински: ossa carpi) е составен од осум коски распоредени во два реда и служи за поврзување на дланката со подлактицата.

Коски во првиот ред[уреди]

Од палецот кон малиот прст во горниот ред се наоѓаат коските: чунеста коска(латински: os scaphoideum), полумесечеста коска (латински: os lunatum), триаглеста коска (латински: os triquetrum) и грашковидна коска (латински: os pisiforme).

Чунеста коска[уреди]

Чунестата коска (латински: os scaphoideum) е сместена меѓу раката и подлактицата на палецот од страна на рачниот зглоб (странична или радијална страна).

Полумесечеста коска[уреди]

Полумесечестата коска (латински: os lunatum) е сместена во центарот на проксималниот ред на карпалниот зглоб на раката. Името на коската произлегува од латинскиот збор луна (латински: luna), што значи месечина.

Tриаглеста коска[уреди]

Триаглестата коска (латински: os triquetrum) се наоѓа во зглобот на медијалната страна на проксималниот ред на карпалниот дел помеѓу полумесечестата и грашковидната коска, се поврзува со грашковидната, кукестата и полумесечестата коска.

Грашковидна коска[уреди]

Грашковидната коска (латински: os pisiforme) е мала коска која наликува на зрно грашок, сместена е на проксималниот ред на карпалниот дел, се спојува единствено со триаглестата коска.

Коски во вториот ред[уреди]

Во вториот ред се наоѓаат коските: трапезна коска (латински: os trapezium), трапезоидна коска (латински: os trapezoideum), главеста коска (латински: os capitatum) и кукеста коска (латински: os hamatum).

Трапезна коска[уреди]

Трапезната коска (латински: os trapezium) е прва коска сместена во дисталниот ред на карпалниот дел, се поврзува со трапезоидната коска.

Трапезоидна коска[уреди]

Трапезоидната коска (латински: os trapezoideum) е најмала коска во дисталниот ред, се поврзува со трапезната, главестата коска и со метакарпалнните коски.

Главеста коска[уреди]

Главестата коска (латински: os capitatum) е најголема коска на коренот на дланката, сместена е во дисталниот ред на карпалниот дел и се поврзува со трапезната, кукестата коска и метакарпалните коски.

Кукеста коска[уреди]

Кукестата коска (латински: os hamatum) наликува на кука и затоа се нарекува кукеста, во горниот дел се спојува со триаглестата коска, а во долниот дел со четвртата и петтата метакарпална коска.

Зглобови[уреди]

Зглобовите на коренот на дланката овозможуваат поврзување на коските од првиот и вториот ред, поврзување помеѓу самите коски и поврзување со метакарпалните коски, како и поврзување со коските од подлактицата;

  • радиокарпален зглоб (латински: articulaciones manus) ги зглобува долните краеви од палечната и лакотната коска со чунестата, полумесечестата и триаглестата коска од коренот на шаката;
  • медиокарпален зглоб (латински: articulatio mediocarpea) ги зглобува горниот и долниот ред на карпалните коски. Двата зглоба функционираат како елипсовиден зглоб каде што се вршат движења на флексија, екстензија, абдукција, аддукција и циркумдукција на дланката;
  • интеркарпални зглобови меѓусебно ги поврзуваат карпалните коски, а по функција се рамни зглобови;
  • карпометакарпални зглобови го поврзуваат долниот ред од карпалните коски со горните краеви од метакарпалните коски, со исклучок на зглобот од палецот кој е седлест другите четири зглоба се полуподвижни.

Галерија[уреди]

Надворешни врски[уреди]