Конфучијанизам

Од Википедија

Скокни на: навигација, барај
Конфучијански храм во Вувеи, Народна Република Кина.

Конфучијанизам (кинеско писмо: 儒学 училиште на научници) е религија што ја основал кинескиот филозоф Конфучиј (551 - 479 п.н.е.) во кинеската покраина Шангтунг. Неговото подучување било во врска со моралот, добродетелта, природата и општественото уредување. Земји и култури кои се под силно влијание на конфучијанизмот се Кина, Јапонија, Кореа, Тајван, Сингапур и Виетнам.

Конфучијанизмот не се заснова врз верата во некој бог, туку врз следење на Тао (патот), и учи дека мудроста на живеењето се состои од урамнотежениот живот, кој е во склад со природата. Значително место зазема култот кон предците и верата во духови.

Содржина

[уреди] Историја

Главна статија: Конфучиј

Конфучиј бил мудар филозоф од Кина, чие учење со векови е влијателно во Источна Азија. Неговите идеи не се прифатени додека бил жив, а тој самиот често се жалел дека не е ангажиран од ниеден феудален господар. Како што се случува и со други истакнати фигури, како Исус Христос, Сократ и Буда, Конфучиј не оставил зад себе ниеден напишан текст. Денешните текстови кои се поврзуваат со него се текстови запишани од неговите ученици. Најважната книга на конфучијанизмот се нарекува Аналекти. Ова е уште повеќе искомплицирано со периодот на палење на книгите, за време на династијата Чин во Кина, меѓу 213 и 206 г. п.н.е.

Првиот вистински конфучијански систем е создаден од неговите ученици или од учениците на неговите ученици. Во текот на плодниот период на филозофијата во Кина, конфучијанизмот го развиле во етичка и политичка доктрина личности како Менциј и Ксун Це (да не се меша со Сун Це). Менциј го збогатил ова учење со тврдењето дека природата на човекот во својата суштина е добра, за разлика од Ксун Це, кој го тврдел спротивното дека човечката природа е лоша и затоа е потребно да бидат учени и изложени на ритуали.

Некои од учениците на Ксун Це, како Хан Феи и Ли Си станале легалисти (еден вид ран тоталитаризам, сосема различен од учењето на конфучијанизмот).

Конфучијанизмот онаков каков што опстојал до 19 и 20 век, главно доаѓа од школите на неоконфучијанизмот, предводен од Чу Кси. Неоконфучијанизмот ги комбинира идеите на таоизмот и будизмот со постоечките конфучијански идеи, и со тоа се претвора во покомплетен систем на метафизиката. Во исто време, многу форми на конфучијанизмот историски се декларирале како спротивни на системот на верувања на будизмот и таоизмот.

За време на кинеската културна револуција (1949–1976), конфучијанизмот е потиснат, но после тој период повторно е оживеан.

[уреди] Обреди

Статуа на Конфучиј во Шангај
Води ги луѓето со административни налози и постави ги на своите места со „кривичен закон“, и тие ќе ги избегнуваат казните, но нема да имаат чувство за срам. Води ги со одличност и постави ги на своите места со обреди, тогаш кај нив ќе се развие чувството за срам и самите ќе се доведат во ред. (Аналекти II, 3)


Погорниов цитат ја објаснува суштинската разлика меѓу легализмот и ритуализмот, како и меѓу европското и источно-азиското општество.

Како што се случува со преводите на древни текстови, така и за овие текстови преводите се разликуваат во зависност од гледната точка на преведувачот. Некои преводи од 18 век, терминот „обред“ го преведуваат со „ритуал“ во смисла на религиозно жртвување. Сепак, терминот „ритуал“ може да се сфати како изнаоѓање баланс меѓу спротивставени квалитети, кои инаку би воделе кон конфликт. Ритуалот ги дели луѓето на категории и гради хиерархиски врски преку церемонии и протоколи.

[уреди] Управување

Никогаш не им го прави на другите она што не би сакал тие да ти го направат тебе.


Едно од клучните концепти на конфучијанизмот е: за да владееш со другите, прво треба да владееш со себеси. Ова натаму е развиено во првата од Четирите книги „Големото учење“, и тесно е поврзано со таоистичкиот концепт на ву веи: „Колку помалку кралот се труди, толку повеќе е сторено.“

Оваа идеја можеме да ја најдеме во шаманистичките верувања, како на пример дека кралот е оска меѓу небото, луѓето и Земјата.

[уреди] Совршен човек

Пресудно прашање во класичниот конфучијанизам е џентлеменството, или „јунзи“ (Chinese: 君子; буквален превод: „благородник“). Ги поттикнува сите луѓе да се стремат кон идеалот на „џентлеменот“, „благородникот“, „совршениот човек“. Накратко описот на „совршен човек“ е оној кој е комбинација на квалитетите на светец, научник и вистински господин.

Најголем пример за совршен човек бил самиот Конфучиј.

[уреди] Исправување на имињата

Ксун це во делот 22 од „Исправување на имињата“ изјавил дека древните мудри кралеви бирале имиња кои директно се во врска со реалноста, но подоцнежните генерации ја измешале терминологијата, исковале нова номенклатура и поради тоа веќе не можат да го одвојат правилното од погрешното. Самиот Конфучиј верувал дека општествениот неред е резултат на неуспехот да се сфати и да се живее во реалноста.

[уреди] Дали конфучијанизмот е религија?

Повеќето религии се дефинираат како верба во еден или повеќе богови, организирано свештенство, верба во задгробен живот и воспоставени традиции. Според таквото дефинирање, конфучијанизмот не е религија. Иако конфучијанизмот може да вклучува обожување на претците, жртвување на духовите од претците и на апстрактно небесно божество, како и обожување или боготворење на древните кралеви, па дури и на самиот Конфучиј, сепак сите овие карактеристики ги наоѓаме како верувања во Кина далеку пред појавата на Конфучиј.

Општо земено, Кинезите и останатите народи од Источна Азија не го сметаат конфучијанизмот за религија.

[уреди] Види исто така

Commons logo
Заедничката ризница има категорија поврзана со