Колиметрија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Колиметрија е микробиолошка лабораториска метода која се користи за одредување на присуството на колиформи бактерии во вода. Методата се состои од три фази: претпоставувачка, потврдна и завршна фаза. Колиметријата се потпира на некои од одликите на колиформните бактерии: тоа се сите аеробни и факултативно анаеробни, грамнегативни, аспорогени, стапчести бактерии кои ја ферментираат лактозата, при што произведуваат гас и киселина за време од 48 часа при 35° С.

Резултатите од колиметријата се изразуваат во форма на најверојатен број (Most Probable Number, MPN) на присутните организми. Овој број кој се одредува од некои формули на веројатност е проценка на просечната густина на колиформи во земениот примерок на вода. Утврдувањето на густината на колиформите дава најдобра проценка за делотворноста на процесот на третирање на водата и санитарниот квалитет на нетретираната вода.

Прецизноста на секој тест зависи од бројот на искористени епрувети. Колиметрискиот тест дава најдобри информации кога најголемиот примерок со инокулум не произведува гас во сите или во повеќето од епруветите. Густината на бактериите може да се процени со формула или од табела користејќи го бројот на позитивни епрувети во повеќе разредувања.