Киро Нацев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Киро Нацев – Фетак
Роден 1918
Куманово
Починал 21 декември 1942
Прилеп

Киро Нацев – Фетак (Куманово, 1918 - Прилеп, 21 декември 1942) — македонски комунист, учесник во НОВ. По војната е прогласен за народен херој.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Киро Нацев

Киро Нацев е роден во работничко семејство во Куманово. Гимназија не можел да ја заврши, поради немање доволно пари за школување, па татко му го пратил да учи занает.[2] Член на СКОЈ е од 1934 година, а на КПЈ од 1936 година. Како шивач, активно работел во УРС-овите синдикати и во работничкото друштво „Абрашевиќ“. Во 1936 година, кога бил примен во партијата, бил уапсен и минал повеќе месеци под полициска истрага. Но полицијата не можела ништо да дознае од него. Поради немање работа заминал за Ниш. Во 1939 година добил покана за војска, и заминал на отслужување. Капитулацијата на Југославија го дочекала додека бил војник.[3]

Учеството во Народноослободителната војна[уреди | уреди извор]

По Априлската војна се наошол во германско заробеништво откаде се вратил во септември 1941 година. Активно работел на формирање на првите партизански единици. на 11 октомври 1941 година, во Куманово група борци тргнале кон Козјак. Партијата му ја довери должноста политички комесар на Козјачкиот партизански одред, во кој меѓу другите борци бил и Карпош. Кога одредот претрпел пораз, Киро Нацев со група другари успеал да се пробие до Куманово, а оттаму заминува во Скопје како партиски инструктор. Како инструктор на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, ги обиколил партизанските организации, и подготвувал терен за формирање на нови партизански единици.[4] Од февруари 1942 година работел како инструктор на ПК КПЈ за Македонија во Прилепско и на теренот на Крушево.

Заробеништво и смрт[уреди | уреди извор]

Споменик во Прилепец посветен на деветтемина борци од партизанскиот одред „Ѓорче Петров“ кои на 19 декември 1942 година откако беа предадени загинаа во борба против бугарската војска и полиција

Кај манастирот Прилепец, по повеќечасовна борба на партизанскиот одред „Ѓорче Петров“ Киро бил тешко ранет и заробен од бугарските полицајци, а потоа е ѕверски мачен. Убиен е во касарната во Прилеп есента 1942 година.

За народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 година.[5]

Во негова чест е наречена една улица во општина Кисела Вода, и фабрика во Куманово.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1030 стр.
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 277
  3. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 279
  4. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 280
  5. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 281