Кераца Висулчева

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Кераца

Кераца Висулчева (с. Нестрам, Костурско, 7 април 1910 - Скопје, 13 јануари 2004) беше современа македонска и бугарска сликарка.

Ресен - Кераца Висулчева.

Набргу по нејзиното раѓање, нејзиното семејство го напушта родниот крај и се сели во Бугарија. Најголемиот дел од животот Кераца Висулчева го минала во Пловдив. Во 1930 година, Висулчева се запишува на Художествената академија во Софија. Студиите ги завршила во 1935 година. Поради јавното искажување дека е Македонка, Висулчева била исклучена од Сојузот на ликовните уметници на Бугарија. На нејзиното инсистирање, во 1941 година доаѓа во Македонија и се вработува во Женската гимназија во Скопје, а во меѓувреме учествува и на неколку групни изложби. Заради одредени семејни обврски се враќа во Бугарија 1944 година и предава цртање во неколку гимназии во Пловдив, каде останува да живее се до своето преселување во Скопје. Неколку години пред својата смрт, во 1996, таа емигрира во Република Македонија, каде Министерството за култура и се оддолжи водејќи грижа за нејзиниот престој во Македонија и обезбедувајќи заштита за делата кои ги остави за Македонците и на Македонија.

Целокупното творештво од над 500 дела (слики, пастели, акварели и скулптури) Висулчева го остави во трајна сопственост на македонската држава. Нејзината последна желба беше уметничките дела да не се продаваат, туку да останат како дел од националното богатство на Македонија. Денес тие се изложени во Ресен и Скопје.

Стилското дефинирање на целокупниот опус на Кераца Висулчева се задржува на реализмот и пост-импресионизмот, со мали отклонувања кон национал-романтизмот. Нејзиното сликарство накусо се означува како сликарство на импресијата, на чувствата и душата. Позначајно од стилската определба е бескомпромисната оддаденост на уметноста и нејзините феномени: бојата, формата, светлината, цртежот. Страста кон сликањето не и дозволила на оваа борбена сликарка да стане заложник на тематски, идеолошки или содржински диктати. Напротив, поетиката на пејзажите, спокојните визури на урбаните сцени од Париз, Антиб или Авињон, сензибилитетот на балерините, дамите и капачките, наспоредни на благородните физиономии на редица значајни личности од нејзиното опкружување, укажуваат на доследност кон естетскиот принцип. Во духот на сопствената кауза и интима се реализирани и нејзините автопортрети, мајката на Никола Вапцаров, училиштето во Пиринска Македонија. Психолошкиот третман на портретираните личности го имаат својот пандан во емотивниот пристап кон раскошната архитектура на Монмартр или Мулен Руж и кон, не помалку возбудливата ерупција на, морските бранови. Повеќето актови соопштуваат длабоко почувствувана сензуалност на женските тела. Во делата Несрам, моето родно село – 1980 и Мојот роден крај – 1980, работени на седумдесетгодишна возраст (кога за прв пат по неколку децении го посетува родното место), очигледно е присуството на болката, носталгијата или меланхолијата згуснати во времето, собирани со децении во една емотивна жена.

Надворешни врски[уреди]