Кво вадис (роман)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

За други употреби види Кво вадис (појаснување)

„Кво вадис“  
Quo Vadis 1897 Edition.jpg
Насловната корица од првото американско издание
Автор Хенрих Сјенкјевич
Земја Полска
Јазик полски
Жанр(ови) Историски роман
Издадена 1895

Кво вадис (Quo Vadis), е историски роман на Хенрих Сјенкјевич.[1] Кво вадис е латински израз со значење „Каде одиш?“ и алудира на делот од Новиот завет, Евангелие по Јован, каде се вели дека свети Петар го прашал Исус, каде одиш? А Исус му одговорил: „Таму каде што одам, сега не можеш да ме следиш.“ Сепак, во романот свети Петар го поставува прашањето: „Quo vadis, Domine!“ бегајќи од Рим, а Исус му одговорил: „Штом ти го оставаш мојот народ, јас одам во Рим за да ме распнат повторно.“ На ова, апостолот Петар се вратил назад, проповедајќи го христијанството сè до денот кога бил распнат.

Романот Кво вадис е приказна за љубовта меѓу младата христијанка, Лигија, и римскиот патрициј, Марк Винициј, а пред сè приказна за Нерон, за палењето на Рим, и за декаденцијата во Римската Империја, која збудалена по крв, ги фрла христијаните на лавовите во арената. Дејствието се случува во Рим за време на владеењето на царот Нерон, околу 64 година од нашата ера.

Сјенкјевич детално го проучил животот во Стар Рим пред да го напише романот, кој изобилува со точни историски детали. Во книгата се појавуваат и неколку историски личности. Првпат е печатен во 1896 година како книга (иако претходната година се објавувани делови од книгата во неколку полски списанија), и досега е преведена на повеќе од 50 јазици во светот. Овој роман на Сјенкјевич му ја обезбеди Нобеловата награда за литература во 1905 година.

Врз основа на романот, снимени се неколку филмови со наслов „Кво вадис“, меѓу кои и филмот од 1951 година, во режија на Мервин Лерој.

Ликови во романот[уреди]

  • Марк Винициј (измислен син на историската личност Марк Винициј), воен трибун и римски патрициј, со чие враќање во Рим започнува романот. Вљубен е во Лигија.
  • Калина, која сите ја викаат Лигија, ќерка на кралот на Лигијците. Лигија е всушност заложник на Сенатот, и е заборавена од нејзиниот народ. Станува христијанка.
  • Петрониј, наречен „арбитер на елеганцијата“, поранешен управник на Битинија. Петрониј е член на советот на Нерон, сакан од народот поради либералните ставови, почитуван и истовремено омразен од Нерон. Тој е вујко на Марк Винициј.
  • Евника, робинка во домот на Петрониј, која е вљубена во својот господар. Претставена како убава црномуреста жена по потекло од Грција.
  • Хилон Хилонидес, шарлатан и приватен детектив. Најмен е од Марк за да ја најде Лигија. Овој лик е испуштен во некои филмувани верзии на романот, но во романот има важна улога.
  • Нерон, претставен како вистински тиранин.
  • Тигелиј, префект на преторијанската гарда, ривал на Петрониј за наклоноста на Нерон.
  • Попеја Сабина, сопругата на Нерон, која ја мрази Лигија заради нејзината убавина.
  • Аул Плавциј, почитуван римски генерал во пензија, кој живее мирен и повлечен живот со своето семејство, потполно несвесен за фактот дека неговтаа сопруга Помпонија и неговата гостинка Лигија, која ја сака како своја ќерка, се христијанки.
  • Урсус, телохранител на Лигија. Потекнува од истото племе Лигијци. Претставен како човек со голема физичка сила. Христијанин.
  • Апостол Петар, изморен старец кој ја проповеда пораката на Христос. На моменти се плаши дека Рим не е вистинското место за ширење на христијанството.

Содржина[уреди]

Романот започнува со средбата меѓу Марк Винициј и неговиот вујко Петрониј. Младиот Марк бара совет од Петрониј како да дојде до Лигија во која се вљубил, а која е заложник во Рим и живее со семејството на Аул Плавциј. Петрониј го советува да ја побара директно од Нерон, кој има право да ја премести од семејството во кое таа живее во моментот. И тука почнува заплетот.

Нерон навистина му удоволува на младиот Марк, и издава наредба Лигија прво да се доведе во царската палата, од каде треба да биде испратена директно во домот на Марк Винициј. Но, Лигија сфаќајќи во каква игра е замешана, организира бегство со помош на своите пријатели христијаните. Марк Винициј ја започнува потрагата по неа, за што го ангажира и Хилон Хилонидес. Најдена е куќата во која се крие Лигија, а Марк е тешко ранет во обид да ја грабне од таму, и останува повеќе време со христијаните, меѓу кои е и апостол Петар. Слушајќи ги секојдневно приказните за Исус Христос, гледајќи ја нивната понесеност, искреност и добрина, Марк Винициј и самиот станува верник.

Во дворскиот живот се случуваат гозби и друг вид забави, сплетки и интриги, а една ноќ е запален Рим за да може Нерон да рецитира стихови додека гори градот. Било потребно да се казнат виновници за да се смири народот, па Нерон смислува да ги обвини христијаните за пожарот. Така, христијаните се затворани, убивани и мачени, а најголемиот дел се пуштени во арената со дивите ѕверови на задоволство на народот. Меѓу затворените христијани се наоѓа и Лигија. Дел од описот на игрите во амфитеатарот:

Низ целиот амфитеатар се разнесе шепотот:

„Христијаните! Христијаните!“ Железните решетки зачкрипеа. Арената наеднаш се исполни со некакви шумски богови покриени со кожи. Сите одеа брзо, како во некаков транс, дојдоа до средината, се удираа еден во друг и ги кренаа рацете. Се зачу викање: „Ѕверовите! Ѕверовите!”

Наеднаш се случи нешто неочекувано. Од средината на влакнестата толпа се слушнаа пејачки гласови, и веднаш потоа се слушна песна која никогаш не беше чуена во римскиот циркус: „Христос регнат! (Христос царува) ...” Гледачите беа зачудени. Осудените пееја со очите свртени кон небото. Нивните лица беа бледи, но како нешто да ги инспирираше. Тогаш сите сфатија дека овие луѓе не бараат милост, туку дека не го гледаат ни циркусот, ни сцената, дури ни Нерон. „Христос регнат!” - ечеше сè посилно.

Насекаде по клупите гледачите се прашуваа: „Што е ова? Кој е тој Христос што царува во устата на овие што умираат?” Тогаш ја отворија другата врата, а лавовите излегуваа во арената еден по еден, со кафеави гриви и со големите глави. Рикањето го исполни целиот амфитеатар. Христијаните ја завршија песната и клекнати останаа неподвижни, па така скаменети повторуваа само едно тажно: „За Христос! За Христос!”

Тоа е времето кога апостол Петар решава да го напушти Рим:

Идниот ден во мугрите две темни фигури се движеа по Апискиот пат кон полињата на Кампанија. Едната беше Назариј, другата апостол Петар, кој го напушташе Рим, оставајќи ги во него мачениците соверници. Тогаш Петар застана и рече: „Ја гледаш ли светлината што ни иде во пресрет? Некаква фигура ни иде во пресрет низ сончевиот блесок.“ Но, никакви чекори не можеа да слушнат. Околу нив беше наполно тивко.

Наеднаш Петар клекна на коленици, ги протегна рацете пред себе, а од устата му се откина извикот: „Христосе! Христосе!“ Ја доближи главата до земјата, како да бацува нечии стапала. Долго време молчеше, а потоа во тишината одекнаа зборовите на старецот прекинувани со офкање: „Quo vadis, Domine?“ Назариј не слушна одговор, но до ушите на Петар допре глас, тажен и благ, кој рече: „Штом ти го оставаш мојот народ, јас одам во Рим за да ме распнат повторно.“ Апостолот лежеше со лицето во прашината, неподвижен и без зборови. По некое време стана, си го зеде стапот во треперливите раце, и ништо не зборувајќи, тргна назад кон седумте градски ѕидови. А момчето кога го виде тоа, повтори: „Quo vadis, Domine?“

„Во Рим“, одговори тивко апостолот.

Наводи[уреди]

  1. Halsey, F. R.. „Historians of Nero's Time“, „New York Times“, 5 февруари 1898, стр. BR95 (конс. 2 јануари 2009).