Кашински настан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дел од темата „Јане Сандански

И покрај поларизација меѓу раководителите на македонското ослободително движење, ТМОРО не ја променила својата политика кон Врховниот комитет, напротив таа зазела уште поцврст став. Главни носители на борбата против врховистите по востанието биле Серчани и нивниот водач Јане Сандански. Сандански уште пред востанието имал една јасна македонска политика. Според него, врховистите биле орудие на бугарската влада и кнез кои сакале да ја присоединат Македонија кон Бугарија. Оттука, тој цврсто застанал кон новите врховистички навлегувања. Јасно зошто врховистите по востанието сакале да го ликвидираат Јане и да го освојат Серскиот револуционерн округ, кој бил тврдина на неговите приврзаници.

Хронологија[уреди | уреди извор]

По Илинденското востание, Организацијата и Комитетот на Цончев ја продолжиле борбата. До востанието, врховистите со исклучок на градовите и неколку села, ги контролирале Горноџумајскиот, Петричкиот и Малешевскиот реон. Во Поројско и Гевгелиско, по смрта на Алексо Поројлијата и Иван Карасулијата врховистичкото влијание замрело. Одделни приврзаници на врховизмот можеле да се сренат овде-онде и во подалечните градови, како што биле д-р Владов во Битола и Ј. Тренков во Прилеп. Меѓутоа, најголемиот дел од нив биле принудени да дејствуваат заедно со месните комитети на Внатрешната организација. Приврзаниците на Иван Цончев во завладеаните области во Македонија, по востанието сакале да ги избришат сите траги на Вантрешната организација и да стапнат во соседните области: Разлошко, Мелничко, Кресненско и Струмичко. Нивни мети биле селата кои останале лојални на Организацијата, внатрешните раководители, оделните посовесни приврзаници на Организацијата, особено учителите. Најжестоки во прогонувањата биле бившите арамии, кои се ставиле во услуга на ВМОК, меѓу нив биле: Дончо Златков, Геше Пелтека, Атанас Чифлигаров и други. Меѓу нив биле и поранешните организациски луѓе кои поради злоупотреба на пари или друго престапно дело биле исклучени од Организацијата, како што бил поранешниот раководител Стојчо Бакалчето.

Серскиот револуциуонерен округ на Внатрешната организација по востанието не случајно бил зафатен од нов бран на врховистичка пенетрација. Серскиот округ бил тврдина на Сандански и неговите приврзаници, најголемите непријатели на врховизмот и јадрото на реформската струја која се појавила во Организацијата по востанието. Врховистите сметале дека со завладувањето на Серскиот округ, ќе можат полесно да навлезат во останатите револуционерни окрузи во Македонија. По новата врховистичка пенетрација, повторно на виделина излегле идејните разлики помеѓу двете страни. Внатрешните дејци во Револуционерен лист истакнале дека: Врховистите претставуваат полна негација на Внатрешната организација-меѓу неа и нив има бездна. Пред се, наспроти целта на Организацијата, автономна Македонија и нејзината девиза Македонија за Македонците, тие (врховистите б.н) поставуваат некаква автономна Македонија, со прикриена девиза Македонија за Бугарија. Автономна Македонија се сфаќа од Организацијата како самостојна државичка, која ќе влезе како одделен дел во федерацијата на другите државички на Полуостровот, а врховистите ја сфаќаат како претходна форма на Сан-Стефанска бугарија, која е остварлива само за оние, кои не гледаат подалеку од својот нос. [1].

Овие суштински разлики неминовно воделе кон понатамошни судири. Дејците на Внатрешната организација, како и нејзините приврзаници се ноѓале во постојана опасност. Врховистите врз нив ги применувале различни мерки: заседи, измачувања, заробувања и пуштање на слобода со откуп, напади врз нивните куќи, палења и убиства. Во селото Добрилаки, Петричко четите на Атанас Чифлигаров и Стојче Бакалчето го ликвидирале организацискиот раководител бидејќи не сакал да се потчини на врховистичките наредби. Истите чети, во селото Игуменец запалиле 5 куќи, а притоа убиле и две лица. Врховистите ги заробиле, а потоа со откуп ги ослободиле Стефан Христов, Мицко Чакарски и Тасе Радев. Најомразени за врховистите биле даскалите, затоа што тие биле најнеподатливи за врховистичките сплетки и агитации. Давитко Милчев го претепал учителот во селото Дебочица, Горноџумајско затоа што одбил да се потчини на неговите наредби и работел како учител. Милчев, исто така му се заканил со смрт на учителот во селото Габрово, доколку отвори училиште. Со слични заплашувања биле избркани и учителите од селото Русиново, Малешевско.

Меѓутоа, Внатрешната организација презела акција против врховистичките прогони. Врховистите понекогаш паѓале во заседа на организациските чети или наидувале на вооружен отпор од страна на самите селани. Во декември 1904 година, потпоручникот Партениев ги собрал четите на Стојчо Бакалчето, Весе Пеливанов и други, во јачина од 60 души и влегол во Костурино, Струмичко со цел да го потчини на ВМОК. Но, набргу дошло до мобилизирање на организациската милиција од околните села и натрапниците биле избркани. За врховистите, несреќно завршиле и другите нивни обиди во Струмичко. ТМОРО јавно ја демаскирала оваа погубна политика: Прва задача на тие чети,-на четите што ги испраќа генерал Цончев, е да ги гонат поппросветните и посознателни членови на Внатрешната организација. Тие ги гонат, исто така, сите наши другари селани, кои ги примаат организациските чети и им содејствуваат; дури тие одат многу подалеку: ги тераат насила селаните да ги предаваат нашите чети на Турците.

Јордан Стојанов
Панорама на Кашина

Како најголема врховистичка пречка за освојувањето на Серскиот округ се покажал Јане Сандански, Тој препорачал: Да, другари, опасноста е голема и (наш) долг е да ги следиме внимателно и најмалите постапки на непријателот, секогаш да бидеме на штрек и да го искорениме злото додоека е во зародиш, зашто после ќе биде доцна, многу доцна[1]. Отука, Иван Цончев и неговите приврзаници, со поддршка на бугарскиот кнез Фердинанд, презеел иницијатива за освојување на Мелничкиот револуционерен реон и ликвидирање на Старикот. Мелничкиот револуционерен реон се наоѓал во рацете на Јане и неговите приврзаници, истовремено тој бил тврдина на серчани и имал стратешко значање во Серскиот револуционерен округ. Врховистичката тенденција за ликвидирање на Јане произлегувала од надежта дека со отстранувањето на најопасниот и најогорчениот противник на врховизмот ќе се постиган две цели: создавање на поволни услови за освојување на Серскиот револуционерен округ и обезглавување на реформската струја во ТМОРО, со што дополнително Организацијата одвантре ќе ослабнела.[1]

Реализацијата на овој план му била доверена на капетан Јордан Стојанов. Во април 1905 година, здружените врховистички чети под команда на капетанот го започнале походот во Мелничко. Стојанов тогаш изјавил: ... или главата на Сандански ќе падне, или мојата...[1] Но, Јане бил навремено известен, од страна на Љ. Харизанов од Софија, за врховистичката наезда. Во селото Кашина, врховистите престојувале три дена. Храната ја плаќале за да создадат впечаток дека не се разбојници, туку луѓе кои тргнале да ги заштитат интересите на народот. И покрај оваа постапка, населението знаело со кого си има работа. Отука, сите обиди на врховистите да дознаат каде се наоѓа Јане биле неуспешни. Старикот се наоѓал во месноста Желава и бил одлично информиран за случувањата во Кашина, преку раководителот на месниот комитет - Христо Гуштеров.

Кашинчани, од врховистичките четници Димитар Филчев од Кашина и Златан од Игралиште, го дознале времето и правецот на врховистичкото заминување. Оваа информација, му помогнала на Јане навремено да ја постави заседата. Во ноќта помеѓу 6/7 април (стар стил) 1905 година, врховистите заминале од Кашина и се упатиле кон селото Ковачево. Во 23 часот и 30, врховистите биле начекани од Јане Сандански. Во заседата учествувале четата на Јане во јачина од 30-35 души, четата на Таската Серски во јачина од 15 четника и четата атаанс Тешовалија со 15 четника и 4-5 селани, сè на сè околу 70 души. Врховистите биле 54 души. Во престрелката загинале 7 врховисти, а 6 биле ранети[1]. Од заседата успеале да се извлечат Јордан Стојанов и Иван Господарев. Другите врховисти се предале и биле разоружани. Следниот ден, 6-мина од врховистите што биле заробени, биле изведени пред револуционерниот суд поради своите злосторства кон населението. Од нив, четворица биле осудени на смрт и на 8 април (стар стил) 1905 година биле ликвидирани. Останатите двајца биле ослободени.[1]

Веднаш по погубувањето, Јане одржал говор пред другите врховисти и остро ја осудил нивната дејност. Меѓу останатото, рекол: дека сме иделе во Македонија само да си го поминеме времето и сме биле плаќани од кнезот и поддржувани од владата, дека нашата цел била да ја освоиме нивната татковина Македонија, и да го направиме кнезот крал, дека тие не сакале Македонија да ги плаќа долговите на Бугарија и сл. Им рекол дека се тие Внатрешна организација и дека нив не ги сака народот и дека немаат потреба од бугарски пушки, бугарска помош, од Егзархијата, пцуел (ругал) се бугарско и сл.[1] Неколкумина од врховистите, по говорот на Јане, ја увиделе својата заблуда и останале кај него. Таската Серски и Андон Ќосето биле задолжени да ги одведат во две групи заробените врховисти до бугарската граница. Јане, пред нивното заминување, им препорачал: Уште со своето идење вие го нарушивте статутот на Организацијата. Кој сака да се бори за слободата на Македонија, треба да се потчини на револуционерните закони! Запомнете добро, нема да ви дозволиме да правите лична политика со нашето свето дело!

Настанот кај Кашина силно ја разбранила бугарската јавност. Иван Цончев и неговите приврзаници просто биле запрепастени. Врховистите не очекувале толку остра реакција на Старикот. Врховистите попаднале во иста замка, каква што тие му подготвувале на Јане. Со оваа акција, Јане Сандански им пратил порака на врховистите, која тие многу јасно ја разбрале. Внатрешната организација, кон врховистичките чети ќе применува ист третма, каков што применува кон андартските и српските чети. Кашинскиот настан бил само еден од многуте во долгатаа борба помеѓу двете организации, меѓутоа ново било во тоа што овој пат имало повеќе жртви, а меѓу настраданите имало познати имиња. По Кашина, борбата продолжила со уште поголема жестокост. По двомесечно молчење, Внатрешната организација излегла со опширно објаснување зошто таа се бори против врховистите, односно да ги објасни своите принципиелни ставови.[1]

На 2 јуни 1905 година во Официјалниот додаток на Револуционерен лист било истакнато: Организацијата се зафати да го подготви населението за свесна револуционерна борба; да го заштитува од произволностите на администрацијата, од поткупливоста на судовите, ос експлатацијата на земјовладителите и лихварите, од разбојниците, да му обезбеди поподнослив живот во текот на ослободителната борба, да го подготвува и да го заштитува, за да може еден ден целосно да ја користи слободата која сама ќе си ја извојува. Внатрешните дејци објасниле, дека за да ја заштитат Организацијата од расцеп тие категорички застанале против секое надворешно посегнување, од каде и да доаѓа. А од друга страна биле врховистите кои имале за цел да создадат револуционерно движење надвор од Македонија, без да имаат врска со пробеното население. Внатрешната организацијам истакнала: Денес веќе никој умен човек не мисли дека со такви вештачки движења, потпалени и поддржувани однадвор, Македонија може да се ослободи: Тие на Бугарија би и донеле војна со Турција или со некоја соседна држава, но никогаш слободна Македонија.[1]

Организацијата објаснила дека таа е принудена да ги прогонува врховистите, не само од идејни разлики, туку и поради практични причини. Односно, според погледите на внатрешните дејци, и да не постоеле никави принципилени разлики помеѓу ВМОК и ТМОРО, Организацијата ќе морала да ги гони врховистите, бидејќи тие егзистирале како нешто посебно од неа, зашто таа не може на својата територија да трпи никаква друга револуционерна организација или корпорација, која не се потчинува на нејзините закони. Организацијата, како и во минатото, истакнала дека нејзините врати се отворени за секого што сака да работи и дека нема потреба од друго групирање на силите, освен ако со тоа се сака да се внесе раздор во македонското дело. ТМОРО на обвинувањата за казнените мерки кои ги спроведувала, одговорила: Организацијата има право да казнува: тоа право и го дава населението за кое се бори. Ако султанската влада применува крвави закони за да го одржи во ропство милионското населени, тогаш и Организацијата, која се бори за надминување на таа крвава тиранија, има право да се служи до истото насилство-со смртни казни-со убиства. [1]

Кашинскиот настан придонел за продор и зацврстување на вистината за македонската борба пред европската јавност. Внатрешната организација, не се борела само против налетите на грчките и српските чети, туку и против четите кои навлегуваат од Бугарија. На страната на серчани застанале повеќе јавни гласила: бугарскиот весник Ден, рускиот Син отечества, бугарските Народни права, списанието Ново време, Балкански новини и др. Во еден допис од Белград, публикуван во весникот Ден, била изнесена констатацијата дека Кашина е прелудиј на онаа градиозно-страшна борба, која допрва ќе почне против сите оние чети, кои со своите национални стремежи сакаат да отворат уште една длабока рана на и онака многу страдалното тело на Македонија, кои сакаат да ја поделат Македонија и да ја онеспособат Македонија и да ја онеспособат за борба против тиранот...[1] Внатрешната организација смело им ја фрли нараквицата на шовинистичките чети, безразлично откаде тие идат и безразлично какви се: бугарски, српски или грчки.

По Кашина, врховистите биле жедни за одмазда и го засилиле притисокот врз селата кои биле лојални на Организацијата. Полковникот Атанас Јанков по колежот во селото Загоричани, заминал со својата чета за да им се одмазди на андартите, меѓутоа се задржал во Пирин и застанал не чело на походот против Внатрешната организација. Какви биле намерите на врховистите дознаваме од Григор, еден од четниците на Јанков, кој испратил писмо до некој свој роднина во Софија. Писмото се нашло во рацете на Организацијата и тоа бил објавено во Револуционерен лист, во него се вели: Овие денови ќе го префрлиме Пири за да слеземе во Банско-пространа рамнина, каде што треба да извршиме пресуди над некои села, кои морално и материјално помогнале за разбивање на една наша чета. Таму ќе има оган и нож, којшто може тоа ќе прави. [1]

Од ова писмото, може да се заклучи дека тактиката на врховистите воопшто не се разликува од онаа на српските и грчките чети, кои ја пустошеле Македонија по Илинденското востание со цел да го зацврстат или прошират влијанието на сопствените држави. Организацијата истовремено морала да војува и против едните и против другите. По Кашинскиот настан, борбата помеѓу ТМОРО и ВМОК се засилила. Четите на двете организациисе чекале, си поставувале заседи, а кога ќе се сретнеле се бореле жестоко. Кон крајот на мај 1905 година, врховистичкиот војвода Кочо Лефтеров ја опколил и нападнал малешевската чета предводена од Душо Желев, во селото Русиново. Во Струмичко, се воделе повеќе крвави битки. Врховистите во оваа област навлегле со неколку чети за да го разбијат Христо Чернопеев и да му го одземат округот. На 23 мај 1905 година се водела најжестоката борба. Струмичката реонска чета се судрила со поручникот Настев. Од врховистите паднале тројца, меѓутоа на помош им дошле Протогеров и Лефтеров со своите чети. Борбата траела пет часа, во текот на која паднале тројца врховисти и двајца организациски борци. Во јуни 1905 година, имало нова борба помеѓу Чернопеев и Лефтеров. Во предвечеријето на Рилскиот конгрес, односите помеѓу двете организации биле влошени до степен на истребување.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Димитар Димески, Кашина-симбол на непомирливата антиврховистичка борба на Јане Сандански