Карлична коска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карлична коска
Позиција на карличната коска (црвен дел)
Машка карлица pelvis, формирана лево и десно од карличните коски sacrum, и coccyx
Податоци
Назнаки
ЛатинскиOs coxae, os innominatum
TAA02.5.01.001
FMAFMA:16585

Карличната коска (OS COXAE) е парна, голема и плочеста коска составена од три меѓусебно сраснати коски: бедрена коска (os ilum), седална коска (os ischii) и срамна коска (os pubis) . Тие коски се одделени до шеснаесеттата година со помош на една ’рскавица , а потоа сраснуваат во единствена карлична коска. ’Рскавицата се наоѓа во зглобната чашка на коската (acetabulum).

Бедрена коска[уреди | уреди извор]

Бедрената коска (os ilium) се состои од долен масивен дел или тело (corpus ossis ilii) што го гради покривот од ацетабулумот и горен плочест дел наречен крило на бедрената коска (ala ossis ilii). На внатрешната страна од крилото се наоѓа илијачна јама (fossa iliaca) за поврзување на истоимениот мускул, а зад неа на зглобна површина налик на уво (facies auricularis) за зглобување со сакрумот. Крилото горе завршува со гребен (grista iliaca). На неговиот преден крај се наоѓа горен преден шилец (spina iliaca anterior supperior), а на задниот крај се наоѓа горен заден шилец (spina iliaca posterior superior). На надворешната седална страна (facies glutea) од крилото се гледаат три полукружни седални линии за поврзување на трите седални мускули.

Карлична коска (надворешна страна)

Седална коска[уреди | уреди извор]

Седалната коска (os ischii) е составена од тело (corpus ossis ischii), кое го гради задниот дел од ацетабулумот и гранка (ramus ossis ischii), која учествува во ограничувањето на запречниот отвор (foramen obturatum). На темето од гранката се наоѓа рапава седална џумка (tuber ischiadicum) за поврзување на задните бутни мускули. Од задниот раб на телото косо наназад се протега седален шилец (spina ischiadica), кој одделува два засека, горен седален засек (incisura ischiadica major) и долен мал седален засек (incisura ischiadica minor). Коскените засеци со помош на две врски се преобразени во коскено-фиброзни отвори за премин на крвни садови и нерви.

Срамна коска[уреди | уреди извор]

Срамната коска (os pubis) се состои од тело (corpus ossis pubis) и две гранки, горна и долна. На спојот меѓу двете гранки се наоѓа валчеста зглобна површина (facies symphysis pubica). Двете гранки учествуваат однапред во ограничувањето на запречниот отвор, а телото го гради предниот дел од ацетабулумот. Ацетабулумот претставува зглобна чашка изградена од телата на сите три коски. Тој е насочен надолу, а во неговото дно се наоѓа јама обрабена со полумесечеста зглобна површина за зглобување со бутната коска (femur).

Карлични коски, лево и десно

Надворешни врски[уреди | уреди извор]