Камењарче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Камењарче
Возрасен со перје во сезона на парење
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Фамилија: Мочварки
Род: Arenaria
Вид: Камењарче
Биномен назив
Arenaria interpres
(Linnaeus, 1758)

Камењарчето (науч. Arenaria interpres) е мала крајбрежна птица, една од двата вида на родот Arenaria. Сега е класифицирана во фамилијата на мочварките (Scolopacidae), но порано понекогаш беше сместувана во фамилијата на блатарките (Charadriidae). Таа е целосно птица преселница која се размножува во северните делови на Евроазија и Северна Америка и лета на југ за да зимува на крајбрежјата речиси во целиот свет. Ја има и во Македонија.

Опис[уреди]

Вон сезона на парење

Камењарчето е мала набиена птица со должина од 22 до 24 см, распон на крилјата од 50 до 57 см и тежина од 85 до 150 грама. Темниот, клинест клун е долг 2-2.5 см и благо свиен нагоре. Нозете се кратки, 3.5 см, светло портокалови. Во сите сезони, пердувите шарени во кафеави нијанси со црно и бело. Во сезона на парење, грбот им е црвеникаво-кафеав со црни шарки. Главата е претежно бела со црни линии на круната и црни дамки на лицето. Градите се претежно црни со бело од страните. Остатокот од долниот дел е бел. При лет, се гледа бело под крилјата, со дамка во близина на основата и белиот долен грб, под опашката и опашката со темни краеви. Женките се малку посветли од мажјаците со покафеава глава и повеќе линии. Вон сезоната на парење птиците се посветли и имаат сивокафеави горни делови прошарани со црно и темна глава со малку бело.

Птиците од подвидот morinella се помали со потемни горни делови и помалку линии на круната.

Камењарчето има продолжителен, растреперен повик, и во сезоната на парење разговорливо-тревожен повик.

Распространетост[уреди]

На Галапагос

Камењарчето се размножува во арктичките предели, близу до крајбрежјата, не повеќе од неколку километри од морето. Подвидот A. i. morinella живее во северна Алјаска и арктичка Канада. A. i. interpres се размножува во западна Алјаска, Гренланд, Норвешка, Данска, Шведска, Финска, Естонија и северна Русија.

Во Америка, овој вид зимува на крајбрежјата од Вашингтон и Масачусетс и до најјужниот дел на Јужна Америка. Во Европа зимува во западните региони на Исланд, и на југот од Норвешка и Данска. Во мал број се среќаваат на крајбрежјата во Медитеранот. Во Африка е вообичаена сè до најјужните делови и во поголем дел од островите. Во Азија, пак, зимува на југ, во Кина, Јапонија, како и во Тасманија, Нов Зеланд и на многу пацифички острови.

Однесување[уреди]

Исхрана[уреди]

Камењарчињата обично се хранат со инсекти во текот на летото, иако нивната исхрана е проширена со други без’рбетници како што се: ракови, мекотели, црви во другите сезони.

Исто така, забележано е дека ловат јајца од други птици, како галеби, патки, и поретко од други камењарчиња. Тие одат во незаштитеното гнездо и со клунот го дупнуваат јајцето и му ја јадат содржината.[2]

При исхраната, оваа птица е забележано дека користи различни начини на однесување за да дојде до својот плен. Тие може да се сместат во 6 основни категории::[3]

  • разгонување - со клунот ги превртува, копка и боцка купчињата морска трева од кои ги разбркува малите животинки како што се ракчињата или некои мекотели што се кријат под неа;
  • превртување камења - оттука е и името на птицата, таа ги превртува камењата со клунот и ги открива скриените полжавчиња и амфиподи;
  • копање - со мали копкања со клунот, птицата прави дупки во земјата супстрат (обично песок или кал), а потоа го клука изложениот плен - песочни скакулци и алгови мушички;
  • сондирање - камењарчето го пика својот клун повеќе од четвртина во земја и го бара својот плен;
  • чекан-сондирање - го отвара пленот (школките) со својот клун, како со чекан, а потоа ја јаде содржината;[4]
  • површинско хранење — со кратко, плитко копкање го пронаоѓа пленот на или веднаш под површината на земјата.

Постојат докази дека начините на исхрана се разликуваат врз основа на индивидуалните способности, полот, па дури и социјалниот статус во однос на другите птици. Во една проучувана група, доминантните поединци се хранеле со „разгонување“ и ги спречувале подредените да ловат на ист начин. Кога овие доминантни птици биле привремено отстранети, некои од подредените започнале со техниката „разгонување“, а кај другите немало промена во начинот на хранење.

Агресија и одбрана на територијата[уреди]

Кога се харнат, камењарчињата усвојуваат различни пози кои се показател на нивната доминација. Спуштената опашка и подгрбавениот став се поврзуваат со агресивност, односно со доминантна индивидуа.[5]

Декорациите на пердувите на камењарчето имаат голем број и необични комбинации во однос на другите крајбрежни птици. Тие ги користат овие единствени декорации за препознавање и дискриминирање на натрапниците од други територии. Кога е поставен лажен модел на птица на територијата на камењарчиња, помала веројатност за агресивен напад има ако таа е обоена со боите на камењарче од соседството.[6]

Живеалиште и однесување[уреди]

Јато камењарчиња во различен стадиум на митарење меѓу камчиња и алги

Камењарчето може да преживее во различни живеалишта и климатски услови, од арктичка до тропска. Типично живеалиште за размножување е отворената тундра со вода во близина. Вон сезоната на парење, живее долж крајбрежјата, особено на карпести или камени брегови. Тоа често се наоѓа на вештачки структури како што се браните, а понекогаш и на отворените тревни површини близу крајбрежјата. Помал број се среќаваат во континенталните водни живеалишта, особено за време на пролетните и есенските миграции.

Во врска со зимувалиштата, камењарчињата се особено верни на определената локација. Во труд објавен 2009 година кој ги истражувал зимувалиштата на овие птици е утврдено дека дури 95% од птиците се вратиле на истото место следната есен. Истата студија, потврдува дека овој вид е најдолговечен од сите крајбрежни птици, со стапка на смртност под 15% (на возрасните птици). [7] Просечниот животен век е 9 години, а највозрасната регистирана птица била стара 19 години и 2 месеца.

Камењарчињата имаат разновидна исхрана во која се вклучени и мрши, јајца, растенија, но претежно се хранат со инсекти и други без’рбетници. Кога се хранат, обично се во јато.

Размножување[уреди]

Arenaria interpres - Јајце
Врз гнездо, возрасен со перје во сезона на парење

Овие птици се моногамни и парот може да живее заедно повеќе од една сезона. Гнездото е плитко („гребнатинка“), често поставено со малку лисје. Тоа е околу 11 см долго и 3 длабоко. Може да биде изградено меѓу вегетација или на голи каменливи или карпести места.

Имаат само едно легло од 2-5 (најчесто 4) јајца. Тие се мазни, малку сјајни и варираат во боите, но претежно се светло зеленокафеави со темно кафеави дамки. Инкубацијата започнува откако ќе се снесе првото јајце и трае 22-24 дена. Претежно женката ги лежи, но и мажјакот помага, особено при крајот.

Малечките го напуштаат гнездото брзо по испилувањето, можат сами да се хранат, но се заштитувани од мажјакот. Со перје се здобиваат по 19-21 ден.

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Arenaria interpres. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106003034. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. Parkes, Kenneth (September 1971). „The Ruddy Turnstone as an Egg Predator“. „The Wilson Bulletin“ 83 (3): 306–308. http://www.jstor.org/stable/4160107. конс. 26 септември 2012. 
  3. Whitfield, D. Philip (February 1990). „Individual Feeding Specializations of Wintering Turnstone Arenaria interpres“. „Journal of Animal Ecology“ 59 (1): 193–211. http://www.jstor.org/stable/5168. конс. 26 септември 2012. 
  4. Metcalfe, N. B.; R. W. Furness (1985). „Survival, winter population stability and site fidelity in the Turnstone Arenaria interpres“. „Bird Study“ 32 (3): 207–214. http://www.tandfonline.com/doi/abs/10.1080/00063658509476881. конс. 26 септември 2012. 
  5. Groves, Sarah (January 1978). „Age related Differences in Ruddy Turnstone Foraging and Aggressive Behavior“. „The Auk“ 95 (1): 95–103. http://www.jstor.org/stable/4085499. конс. 26 септември 2012. 
  6. Whitfield, D. Philip (October 1986). „Plumage variability and territoriality in breeding turnstone Arenaria interpres: status signalling or individual recognition?“. „Animal behaviour“ 34 (5): 1471–1482. http://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S0003347286802184. конс. 26 септември 2012. 
  7. Metcalfe, N. B.; R. W. Furness (1985). „Survival, winter population stability and site fidelity in the Turnstone Arenaria interpres“. „Bird Study“ 32 (3): 207–214. http://www.tandfonline.com/doi/abs/10.1080/00063658509476881. конс. 26 септември 2012. 
  • Harrison, Colin (1975) A Field Guide to the Nests, Eggs and Nestlings of British and European Birds. Collins, London.
  • Robinson, R.A. (2005) BirdFacts: profiles of birds occurring in Britain & Ireland (v1.1, Jan 2006). BTO Research Report 407, BTO, Thetford (http://www.bto.org/birdfacts).
  • Rosair, David & Cottridge, David (1995) Hamlyn Photographic Guide to the Waders of the World. Hamlyn, London.
  • Snow, D. W. & Perrins, C. M. (1998) Birds of the Western Palearctic: Concise Edition Vol. 1. Oxford University Press, Oxford.

Надворешни врски[уреди]