Камени Кукли
Камените кукли кај Куклица се наоѓаат на десната долинска страна на Крива Река, поточно на еродираниот дел од нејзината речна тераса, на надморска височина од 415-420 метри. Целата појава е распространета на површина од околу 0,3-0,4 km², при што се утврдени околу 120 помали и околу 15 поголеми форми.[1]
Содржина |
[уреди] Морфолошки карактеристики на куклите
На локалитетот Куклица се јавуваат две групи на земјени пирамиди: оние во централниот дел на малата депресија во подножјето на ридот Дубица се поголеми (високи до 10 м), самостојни и во вид на земјени столбови; на исток (десно) од претходните, по страните на возвишението Забел се распоредени помали форми (високи до 5 м), блиску една до друга и често споени во подножјето. Поради интересниот изглед на големите земјени столбови кои наликуваат на човечки фигури наредени како „скаменети свадбари“, целата појава локалното население ја нарекува „Весела свадба“.
[уреди] Настанување на камените кукли
Камените кукли во овој простор се природна појава настаната со долготрајната ерозија на вулканските карпи со различна отпорност: игнимбрити, андезити и туфови. Поцврстите, компактни карпи (игнимбрити, андезити) бавно се еродираат и ги штитат меките туфови под себе. Вака заштитени, туфовите заедно со карпестиот блок на врвот, остануваат да штрчат во релјефот во вид на остенци и столбови, односно земјени пирамиди. Во меѓувреме, долготрајните атмосферски влијанија (врнежите, температурните промени, ветрот) ги доизградиле, моделирале, модифицирале и затоа тие имаат така карактеристичен облик. Овие процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, така што некои земјени пирамиди постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, пирамидите перманентно го менуваат својот облик, само што тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година.
[уреди] Значење на локалитетот
Феноменот земјени пирамиди или камени кукли, во светски рамки претставува ретка појава и за нивно создавање треба посебни геолошки, геоморфолошки, климатски и вегетациски услови. Тоа особено се однесува за добро изразените, типични појави како во Куклица. Затоа овој локалитет е заштитен како природна реткост. Воедно не треба да се преземаат активности со кои ќе се загрози локалитетот, поединечните форми или со кои ќе се намали амбиенталната вредност и природниот изглед на просторот. Поради малата површина на локалитетот и неговата „осетливост“, треба да се ограничи бројот на посетители на прифатливи рамки. Во спротивно, овој феномен нема да се сочува во својата спектакуларност за идните генерации.
[уреди] Наводи
- ↑ „Земјани пирамиди во Куклица-Кратовско. Географски разгледи кн. 35“, Милевски И., Скопје, 2000
[уреди] Надворешни врски
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Камени Кукли“ |