Каматен своп

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Каматен своп (англиски: interest swap) претставува договор меѓу две страни за замена на парични приливи, пресметани на некоја договорена номинална вредност, на точно утврдени денови во рамките на определен временски период. Со каматниот своп, двете страни се договараат да си ги разменат своите каматни плаќања, пресметани на некој однапред утврден номинален износ, кој ја претставува договорната вредност (notional ammount) на свопот. Каматните свопови спаѓаат во групата на финансиски деривати, a нивната основна форма (basic interest swap) во жаргонот на учесниците на пазарот се нарекува „обична ванила“ (plain vanilla).

Каматните свопови за првпат се појавиле во 1981 година на пазарот на еврообврзници и, оттогаш, нивниот пазар забележува неверојатен растеж. Како резултат на тоа, денес, вредноста на трансакциите со каматни свопови далеку го надминува тргувањето со другите финансиски деривати. Тоа произлегува оттаму, што своповите се наметнуваат како многу привлечни инструменти за заштита од ризиците, пред сè, заради можноста за нивно приспособување кон посебните потреби на клиентите.

Kарактеристики на своповите[уреди]

Со каматниот своп, двете страни се договараат да си ги разменат своите каматни плаќања, пресметани на договорната вредност на свопот. Притоа, едната страна плаќа камата по постојана каматна стапка, а прима камата по променлива каматна стапка, додека другата страна плаќа камата по променлива каматна стапка, а прима камата по постојана каматна стапка. Меѓутоа, своп-договорот подразбира само замена на каматните плаќања, но не и на номиналната вредност, која останува непроменета за време на важењето на свопот. Како што може да се забележи, свопот е многу сличен на кредит што две страни истовремено си го одобруваат една на друга, со тоа што не се отплаќа основниот долг, туку само каматата. Притоа, едната страна плаќа камата по постојана, а другата по променлива каматна стапка.

Каматните свопови не се стандардизирани инструменти, така што со нив се тргува на пазарот преку шалтер (over the counter market, OTC market). Инаку, рочноста на своповите се протега од 6 месеци до 30 години, меѓутоа, најчести се своповите со рочност од 1 до 10 години. Своп-трансакциите се извршуваат преку финансиски посредници (големите комерцијални и инвестициски банки итн.), кои делуваат или како посредници или како дилери. Во првиот случај, посредниците само ги поврзуваат двете страни на свопот и се грижат за извршување на каматните плаќања. Во вториот случај, дилерите се јавуваат како поддржувачи на пазарот, односно врз себе ја преземаат улогата на спротивна страна во своп-трансакцијата. Се разбира, тоа значи дека ризиците од своп-трансакцијата паѓаат на товар на дилерот.

Делувајќи како поддржувачи на пазарот, дилерите ги објавуваат каматните стапки по кои се спроведуваат своп-трансакциите со различна рочност. Притоа, постојаните каматни стапки обично се засновани на каматните стапки на државните обврзници, додека променливите каматни стапки се земаат од пазарот на пари (ЛИБОР, каматната стапка на државните записи, каматната стапка на комерцијалните записи итн.). Врз таа основа, дилерите објавуваат „куповни“ и „продажни“ котации за постојаните каматни стапки со различна рочност, додека наведената променлива каматна стапка се применува на сите трансакции.

Видови каматни свопови[уреди]

Од основниот вид своп-договори, каде што се разменува постојана за променлива каматна стапка, се развиле своп-договори што вклучуваат размена на две различни променливи каматни стапки – свопови на основата (basis swaps). Понатаму, се појавиле свопови во кои номиналната вредност на договорот се менува (расте или се намалува) за време на важењето на свопот. Како натамошна новина на пазарот се јавиле своповите со опции (swaps with options) и т.н. свопции (swaptions). Првите претставуваат своп-договори комбинирани со опции, каде што сопственикот на опцијата има право да го поништи своп-договорот по истекот на одредено време. Свопциите претставуваат опции што гласат на свопови, т.е. купувачот на опцијата има право да склучи своп-договор со одредени карактеристики.

Пример за каматен своп[уреди]

Една банката е заинтересирана за своп-договор на износ од 20 милиони долари со рочност од 3 години, во кој би плаќала постојана каматна стапка, а би примала парични приливи по променлива каматна стапка. Во исто време, друга банка сака да склучи своп-договор со истите карактеристики, во кој би плаќала парични текови пресметани по променлива каматна стапка, а би примала парични приливи по постојана каматна стапка. Двете банки може да се обратат до дилерот на свопови, којшто ги спојува двете страни на трансакцијата. Дури и да не постојат две страни, доволно е едната банка да се обрати до дилерот и тој ќе се согласи да склучи своп-договор во кој тој ќе ја заземе спротивната страна.

Притоа, за своп-договорите со рочност од три години, дилерот објавува одредени каматни стапки, на пример: 6,45% и 6,47%, додека како променлива каматна стапка се зема тримесечен ЛИБОР, кој на денот на склучувањето на своп договорот изнесува, на пример, 4,16%. Оваа котација означува дека првата банка ќе плаќа постојана каматна стапка од 6,47%, а ќе прима променлива каматна стапка, еднаква на тримесечен ЛИБОР, додека втората банка ќе плаќа тримесечен ЛИБОР, а ќе прима постојана каматна стапка од 6,45%. Бидејќи своп-договорот е со рочност од 3 години, тоа значи дека банките ќе си разменат каматни плаќања во 12 тримесечни периоди. Во тој случај, двете банки ќе ги имаат следниве парични приливи и одливи:

Парични текови во првиот период

Прва банка: Плаќа: 0,0647 х 91/365 х 20 000 000 = 322 614 Прима: 0,0416 х 91/360 х 20 000 000 = 210 311 Плаќа: = 112 303

Втора банка: Плаќа: 0,0416 х 91/360 х 20 000 000 = 210 311 Прима: 0,0645 х 91/365 х 20 000 000 = 321 616 Прима: = 111 305

Заработка на дилерот: 112 303 – 111 305 = 998

Како што се гледа, во своп-трансакцијата, двете банки ја плаќаат и ја примаат само каматата, додека номиналната вредност служи само како основа на пресметката. Притоа, во практиката нема плаќање и примање на каматата кај двете страни, туку онаа страна која има поголеми парични одливи од приливи само ја плаќа разликата. Така, во горниот пример, каматните плаќања на првата банка се поголеми од нејзините каматни приливи и затоа, таа има обврска да ја плати разликата од 112 303 долари. Од друга страна, каматните приливи на втората банка се поголеми од нејзините каматни обврски и, оттука, таа ја прима разликата од 111 305 долари. Износот што го плаќа едната банка не е еднаков на износот што го прима другата банка, а разликата меѓу овие вредности ја претставува заработката на дилерот. Инаку, во примерот се прикажани само паричните текови во првиот период, додека натамошните плаќања меѓу двете страни зависат од идното движење на тримесечниот ЛИБОР. Притоа, во зависност од висината на оваа каматна стапка, може да се случи во некој следен период, втората банка да се јави како нето-должник во своп-трансакцијата.[1]

Заштита од каматниот ризик со помош на своповите[уреди]

Огромниот растеж на пазарот на своп-договори произлегува оттаму што тие се покажале како многу погоден инструмент за заштита од каматниот ризик. Така, каматните свопови им овозможуваат на банките да ја приспособат каматната осетливост на своите средства и обврски, како и да ги променат карактеристиките на средствата и обврските. На пример, со помош на каматните свопови, банките можат одобрените кредити со постојани каматни стапки ефективно да ги претворат во кредити со променливи каматни стапки. Притоа, каматните свопови можат да послужат за заштита на конкретни средства, обврски и трансакции (микрозаштита од ризиците) и за заштита на целокупното портфолио (макрозаштита од ризиците).

На пример, ако една банка одобрува долгорочни кредити по постојана каматна стапка, а се финансира преку прибирање тримесечни евродоларски депозити, тогаш таа е изложена на ризикот од пораст на каматните стапки, бидејќи во тој случај ќе се соочи со зголемени каматни расходи. Бидејќи банката остварува постојани каматни приходи, таа би сакала и нејзините обврски да бидат засновани на постојани каматни стапки. Со други зборови, банката е заинтересирана своите обврски со променлива каматна стапка да ги замени за обврски со постојана каматна стапка. За таа цел, банката може да склучи своп-договор каде што таа ќе плаќа постојана каматна стапка, а ќе прима променлива каматна стапка, еднаква на тримесечен ЛИБОР. Според тоа, банката ќе ги има следниве парични текови од нејзиниот биланс на состoјбата и од своп-трансакцијата:

прима: постојана каматна стапка од кредитот + ЛИБОР од свопот плаќа: ЛИБОР на депозитите + постојана каматна стапка на свопот

Како што се гледа, каматната стапка што банката ја плаќа на депозитите е еднаква на каматната стапка што ја прима од своп-трансакцијата. Тоа значи дека овие два парични прилива меѓусебно се поништуваат, т.е. од каматата што банката ја прима од свопот ќе ја плати каматата на своите обврски. Оттука, нето-ефектот ќе се сведе на тоа дека банката прима постојана каматна стапка од кредитот и плаќа постојана каматна стапка на свопот. На тој начин, со помош на своп-трансакцијата, банката успеала своите обврски со променлива каматна стапка да ги претвори во обврски со постојана каматна стапка.

Соодветно на тоа, ако една банка одобрува кредити со променлива каматна (која е поврзана со ЛИБОР), а се финансира преку издавање обврзници со постојана каматна стапка, јасно е дека таа е изложена на ризикот од опаѓање на каматните стапки, што би предизвикало намалување на нејзините каматни приходи. Бидејќи банката има постојани каматни расходи, таа би сакала своите кредити со променлива каматна стапка да ги претвори во кредити со постојана каматна стапка. За таа цел, банката влегува во своп-договор, каде што таа плаќа променлива каматна стапка (ЛИБОР) а прима постојана каматна стапка. Во тој случај, паричните приливи на банката од билансните ставки и од своп-договорот се:

прима: ЛИБОР од кредитот + постојана каматна стапка од свопот плаќа: ЛИБОР од свопот + постојана каматна стапка на обврзниците

Според тоа, банката ќе ги искористи приходите од кредитот за да ги плати каматните обврски од свопот, така што овие два парични тека ќе се поништат. На пример, ако во меѓувреме се намали ЛИБОР, тоа ќе предизвика опаѓање на каматните приходи од кредитот, но истовремено ќе се намалат и каматните плаќања што произлегуваат од своп-договорот. Оттука, банката ќе биде заштитена од ефектите на промените на каматните стапки. Со други зборови, благодарение на своп-трансакцијата, банката го претворила кредитот со променлива каматна стапка во кредит со постојана каматна стапка.

На сличен начин, каматните свопови може да се употребат и за заштита на вредноста на капиталот на банката. На пример, некоја банката може да склучи своп-договор што предвидува таа да плаќа постојана и да прима променлива каматна стапка. Во тој случај, ако пазарните каматни стапки пораснат, пазарната вредност на капиталот ќе се намали, но истовремено, банката ќе прима повисоки парични текови од свопот. На тој начин, добивката од своп-договорот ќе ја поништи загубата од опаѓањето на пазарната вредност на капиталот. Обратно, некоја банка може да склучи своп-договор во кој таа плаќа променлива и прима постојана каматна стапка. Тогаш, опаѓањето на пазарните каматни стапки ќе предизвика намалување на нето-вредноста на банката, но загубата ќе биде надоместена од добивката остварена од своп-договорот. Имено, падот на каматните стапки ќе ги намали каматните плаќања на банката од своп-трансакцијата.

На тој начин, каматните свопови нудат големи можности во заштитата од каматниот ризик. На пример, за разлика од фјучерсите, каматните свопови може да се склучуваат на различни износи и со различни рокови. Според тоа, своповите нудат поголема флексибилност во заштитата, т.е. овие договори може да се приспособуваат на посебните потреби на клиентите. Најпосле, примената на своповите не е ограничена само на заштитата од каматниот ризик, туку, при одредени услови, тие им овозможуваат на страните и да ги намалат трошоците на финансирањето. Таков е случајот со своп-договорите склучени меѓу страни со различен кредитен рејтинг, каде што двете страни можат да обезбедат пониски каматни стапки од оние што би можеле самостојно да ги постигнат на пазарот.[2]

Ризици кај каматните свопови[уреди]

Најзначајниот ризик што се јавува кај своповите е кредитниот ризик, односно ризикот дека една од страните на своп-договорот нема да ги изврши своите обврски. Имено, плаќањата што ги вршат двете страни на своп-договорот меѓусебно се порамнуваат, така што на крајот од секој пресметковен период, едната страна врши плаќање во полза на другата страна. Тоа создава потенцијална опасност, страната што треба да изврши плаќање да не сака да ја исполни својата обврска. На пример, ако две страни склучиле своп-договор каде што едната страна прима постојана каматна стапка од 6%, а плаќа променлива каматна стапка. Ако променливата каматна стапка е повисока од 6%, овој клиент се јавува како нето-должник, а спротивната страна не должи ништо. Оттука, нето-должникот може да падне во искушение да се откаже од извршувањето на своп-договорот.

Во практиката, своп-договорите најчесто се склучуваат преку дилери, така што двете страни на договорот не го поднесуваат кредитниот ризик, туку тој се пренесува врз дилерот. Имено, ако едната страна не ги изврши своите обврски, дилерот мора да го изврши плаќањето кон другата страна. Оттука, заради заштита од кредитниот ризик, дилерите бараат одредено обезбедување (банкарска гаранција, залог на хартии од вредност итн.) од клиентите со повисок кредитен ризик. Исто така, разликата меѓу куповните и продажните каматни стапки служи како надомест на дилерот за преземениот кредитен ризик. Најпосле, дилерите на каматни свопови го ограничуваат износот на договорната вредност на своп-договорот што го склучуваат со еден поединечен клиент.

Како дополнителен проблем кај своп-договорите се јавува нивниот нестандарден карактер, посебно во случај кога договорот е скроен според посебните потреби на некој клиент. За таквите договори не постои секундарен пазар, така што клиентот нема можност да го продаде договорот пред истекот на неговата важност. Инаку, како решение на овој проблем, дилерите на свопови постепено развиле стандардна форма на основните своп-договори, што овозможува нивна лесна продажба на секундарниот пазар.[3]

Наводи[уреди]

  1. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 425-427.
  2. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 427-429.
  3. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 429.