Калањево

Координати: 41°30′20″N 22°15′51″E / 41.50556° СГШ; 22.26417° ИГД / 41.50556; 22.26417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Калањево

Поглед на селото

Калањево во рамките на Македонија
Калањево
Местоположба на Калањево во Македонија
Калањево на карта

Карта

Координати 41°30′20″N 22°15′51″E / 41.50556° СГШ; 22.26417° ИГД / 41.50556; 22.26417
Регион  Вардарски
Општина  Неготино
Област Тиквеш
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1440
Повик. бр. 043
Шифра на КО 18015
Надм. вис. 600 м
Слава Илинден
Калањево на општинската карта

Атарот на Калањево во рамките на општината
Калањево на Ризницата

Калањево — раселено село во Општина Неготино, во областа Тиквеш, во околината на градот Неготино.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Постарите мештани пренесуваат легенда во која се вели името на селото доаѓа поради тоа што во него се наоѓаат мноштво светликави камења, налик на калај па од калајот и името Калањево.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Куќи во селото

Селото се наоѓа во крајниот источен дел на територијата на Општина Неготино, под јужната падина на планината Серта.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 600 метри.[2]

Селото се наоѓа на левата страна од Раечка Река, притока на Војшанска Река, на падините на планината Серта и врвот Бел Камен. Во селото и во околината се наоѓаат повеќе јаки извори.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Крушиште, Нерезине, Драгојна, Вишеглав, Кшлакова Њива, Ума, Малотрн, Њивишта, Ранѓела, Раец, Бела Вода, Здражопили, Мандра, Лековита Вода и Караѓоз (Црно Око).[3]

Главни места во селото се: Падарницата, возвишение на кое постојано стражарел турски падар и од каде го набљудувал теренот; Мандра, близу месноста Бела Вода каде биле бачилата, мандрите каде се чувал добитокот и се правело сирење; Ќумурницата, каде селаните правеле ќумур, а потоа им го продавале на ковачите во Неготино и другите места; Солиште, каде се крмела селската стока; Манастирбаир, каде во стари времиња постоел манастир; Ѓуровец, се наоѓа веднаш до селото и кога е денот Ѓурѓовден селаните тука играат и изнесуваат јадења да ручаат заедно; Ранѓела; Раец; Гробиштата; Обесената Коса; Дервишевото Гумно, каде според преданијата бил имотот на некој дервиш; Џамаларските Гробишта, кои се наоѓаат веднаш под селото каде се истепале две групи џамалари и потоа тука биле погребани и Јуручки Друм, по сртот на планината Серта, кој го користеле главно Јуруци.

Селото има збиен тип со повеќе маала, како што се Горно, Долно, Отадњо и Омерлер Маало.[3] По Балканските војни куќите во селото биле распоредени во овие маала, додека пред овие војни во Калањево живееле 100 Македонци и 202 муслимани во 40 куќи (распоредени низ Шакалар и Омерлер Маало).

Историја[уреди | уреди извор]

Селото спаѓа во оние стари населби што постоеле уште пред доѓањето на Турците. На почетокот живееле само Македонци, но од XVI век надошле поголем број јуручки семејства. Турците останале сè до 1913 година кога се иселиле во Мала Азија.

Од 29 јуни до 7 јули 1913 година, додека траело Тиквешкото востание, според пишувањата на дневникот кој го водел еден тиквешки свештеник, селото, заедно со други села во Тиквешијата, како и градот Неготино било запалено.[4]

На сред село се наоѓале Кулата, запалена во 1912 година и Бегниските гумна, каде се собирал спаилокот, веднаш до Шарената чешма изградена од Турците.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Баткова чешма

Атарот зафаќа простор од 27,5 км2.[2]

Селаните главно биле сточари и земјоделци кои работеле на свои имоти. Имало чифлички семејства на бегот од Синановци од Кавадарци.[3] Македонците христијани ги имале тесните странливи ниви во орманите. Тие биле копачишта. Најпрвин се сечела шумата и се разработувала земјата зашто подобрите ниви ги држеле Турците.

Во селото се одгледувале говеда од расата буша. Доста од нив се занимавале и со пчеларство, одгледување на планински чај, собирање лековити билки и шумски печурки. Се занимавале со експоатација на дрва, а имало и обиди за одгледување винова лоза, иако земјиштето на падините на планината не било погодно. Меѓу двете војни, калањевци на пазарот во Неготино носеле дрва, ќумур, волна, козина која ја продавале на мутавџиите за изработка на вреќи, зобници, постилки и слично, сирење, мед, 'рж и стока. Реката Вардар ја поминувале со скелиња.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948135—    
1953143+5.9%
196183−42.0%
19716−92.8%
19810−100.0%
ГодинаНас.±%
199100.00%
199400.00%
200200.00%
202100.00%

Во средината на XIX век во селото имало 17 муслимански и 13 христијански куќи.

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото Калањево имало 302 жители, од кои 202 Јуруци и 100 Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Калањево имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[7]

Селото било наполно раселено по 1971 година, кога што броело шест жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Калањево немало жители.[8] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 302 160 135 143 83 6 0 0 0 0 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови[уреди | уреди извор]

Калањево било муслиманско-христијанско село.[3]

Според истражувањата на Воислав Радовановиќ во 1924 година родови во селото се:

  • Македонски родови:
    • Староседелци: Кривошијовци (3 к.), Ѓоровци (3 к.), Ќировци (2 к.), Ташковци (3 к.) и Недевци (2 к.), староседелски родови; **Доселеници: Боќевци (4 к.), доселени се на почетокот од XIX век од селото Гарван кај Радовиш.
  • Турски родови:
    • Доселеници: Алилер (1 к.), доселени се од селото Долни Промет во 1915 година, по потекло Јуруци.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Јуруците се иселиле по Првата светска војна во Турција, а на нивно место дошле предците на денешните жители.[3]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Баткова чешма

Во XIX век, Калањево било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во Општина Неготино, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на општината Неготино и во периодот 1957-1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Пепелиште, во која покрај селото Калањево, се наоѓале и селата Брусник, Војшанци, Јанешево, Криволак, Липа, Пепелиште, Пештерница, Црвени Брегови и Џидимирци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Бистренци, во која влегувале селата Бистренци, Војшанци, Иберли, Калањево, Корешница, Кошарка, Липа и Челевец.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1232 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Војшанци. Во ова избирачко место се опфатени и селата Брусник, Војшанци и Липа.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 315 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 320 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Петка“
Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви
  • Црква „Св. Петка“ — главна селска црква, сместена високо на рид надвор од селото.
  • Во минатото постоела друга црква под селото, која Турците рано ја разрушиле. Околу нејзе се наоѓаат христијански гробишта.
Џамии
  • Во минатото постоела џамија, која изгорела по Првата светска војна. Според преданието, џамијата била ненамерно запалена од жена која живеела во една просторија на џамијата, откако нејзината магаре ја турнало сламата во огнот.
Чешми

Во селото постоеле и постојат бројни чешми: Шарена, Дедо Јакова (ја направил дедото Јако за душата на син му Фило кој го убиле кај Габер-Кајна и му го украле стадото), Велиова, Долна, Тодорова, Крстева, Џамиска, Караѓоз, Богоевска, Капеж, Бела, Баткова и други.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 58. Посетено на 14 октомври 2021.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Раец. Белград. стр. 491–492.
  4. „Ѕверствата на окупаторските власти - Тиквешкото востание“. Македонска нација. Посетено на 2017-10-01.
  5. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 154.
  6. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 104-105.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 октомври 2021.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 26 октомври 2021.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 232. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]