Италијанска архитектура

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Архитектурата на Италија, позната како италијанска архитектура, се однесува на сите форми на оваа уметност во Италија. Италија има многу широк и различен архитектонски стил, кој едноставно не може да се класифицира по периоди и по региони, заради поделбата на Италија на неколку градови-држави до1861 година. Италија е позната по нејзините значајни достигнувања во архитектурата, како што е изградбата на аркади, куполи и слични структури во времето на антички Рим и основањето на архитектонското движење ренесанса при крајот на 14 до 16 век. Италија била татковина на Паладианизам, стил на градба којшто инспирирал движења како движењето на неокласична архитектура и имал влијание при градењето на благородничките куќи на село низ цел свет, особено во Велика Британија, Австралија и САД при крајот на 17 век до почетокот на 20 век. Неколку од најдобрите дела во западната архитектура, како Колосеум, Дуомо во Млано, катедралата во Фиренца и градбите на зградите во Венеција се наоѓаат во Италија. Во Италија има вкупно 100.000 споменици од сите сорти (музеи, палати, згради, скулптури, цркви, уметнички галерии, вили, фонтани, историски куќи и археолошки урнатини). Италијанската архитектура исто така имала значително влијание врз светската архитектура. Британскиот архитект Иниго Џонс, инспириран од градбите на италијанските згради и градови и од Андреа Паладио, ги донесол идеите на италијанската ренесансна архитектура во Англија во 17 век. Исто така, италијанската архитектура која е популарна и во странство од 19 век, се користела да ја опише странската архитектура којашто се градела во италијански стил, особено по моделот на ренесансната архитектура.

Античка Грција и Етрурците[уреди]

Грчки археолошки остатоци во Агриџенто, Сицилија

Заедно со предисториската архитектура, помеѓу првите народи во Италија кои правилно започнале со тек на изградби биле Грците и Етрурците. Во северна и централна Италија Етрурците биле оние кои во тоа време го воделе правецот во архитектурата. Етрурските згради биле направени од тули и дрво, според тоа малку етрурски архитектонски места се доказ за ова во Италија, со исклучок на неколку во Волтера, Тоскана. Етрурците имале цврсто влијание врз римската архитектура, бидејќи и тие граделе храмови, фора, јавни улици и аквадукти. Тешките столбови и портали кои биле изградени од Етрурците и нивните градски порти исто така значајно влијаеле врз римската архитектура.

Во јужна Италија, од 8 век п.н.е., грчките населеници кои ја изградиле Магна Грација, ги граделе нивните градби во грчки стил. Грците граделе поголеми, подобри и потехнолошко напредни куќи од луѓето во железното и бронзеното доба и исто така имале влијание врз римската архитектура. Сепак до 4 век п.н.е. помал акцент се ставало на градење храмови, додека Грците поминувале повеќе време градејќи театри. Театрите биле полукружни и имале аудиториум и сцена. Порано тие биле градени само на падини, спротивно од Римјаните кои вештачки ги граделе седиштата за публиката. Грчките храмови имале обемни камени или мермерни столбови. Денес има неколку остатоци од грчката архитектура во Италија, особено во Калабрија, Апулија и Сицилија. Пример за ова се урнатините во Агриџенто, Сицилија кои во моментот се дел од Светско наследство на УНЕСКО.

Антички Рим[уреди]

Колосеум во Рим, Италија

Архитектурата на антички Рим ја присвоила надворешната грчка архитектура околу 2 век п.н.е. за свои цели, што резултирало со создавање на нов архитектонски стил. Двата стилови често се сметаат како едно тело на класична архитектура. Овој пристап се смета дека е репродуктивен и некогаш го попречува разбирањето и можноста на стручњакот да процени римски градби по грчки стандарди, особено кога се потпира единствено на надворешниот изглед. Римјаните го апсорбирале грчкото влијание, што е очигледно во многу аспекти кои се блиско поврзани со архитектурата; на пример ова може да се забележи во претставувањето и користењето на Триклиниум во римски вили како место и начин на јадење. Римјаните исто така биле задолжени на нивните соседи и предоци Етрурци кои ги снабдувале со богатството на знаењето кое било од суштинско значење за идните архитектонски решенија, како што е хидраулика и во изградбата на порти.

Социјалните елементи во градовите како богатство и високата густина на населеност ги натерале античките Римјани да откријат нови (архитектонски) решенија за себе. Употребата на сводови и порти заедно со солидно познавање на градежни материјали, им овозможило да постигнат нов успех во изградбата на очевидни структури за јавна употреба. Такви се каналите на Рим, бањите на Диоклетијан и бањите на Каракала, базилики и можеби најважното од се Колосеум. Тие биле одново создадени во помал обем во најважните градови во Империјата. Некои опстанати градби се скоро целосни, како градските ѕидини на Луго во Хиспанија Тараконензис или северна Шпанија.

Ранохристијанска и византиска архитектура[уреди]

Богати мозаици во ентериерот на катедралата во Монреал, Сицилија

Италија била значително погодена од ранохристијанската доба, посебно Рим како седиште на Папа. Византијците исто така дошле во Италија, кои во нивен стил изградиле неколку градби, палати и цркви.

Христијанскиот концепт за “базилика“ е измислен во Рим. Тие биле долги, правоаголни згради, кои изградени во речиси античко-римски стил, често богати со мозаици и декорации. Ранохристијанската уметност и архитектура исто така била значително инспирирана од онаа на римските пагани; нивните цркви биле украсени со статуи, мозаици и слики. Доцнохристијанските фрески може да се забележат во некоја од многуте катакомби во Рим.

Во Италија исто така присутна била и византиска архитектура. По Западното римско царство, Византијците владееле со светот во поглед на култура, уметност, музика, литература, мода, наука, технологија, бизнис и архитектура исто така. Византијците, кои во потесна смисла биле луѓе од Западното римско царство, ги задржиле римските принципи за архитектура и уметност, давајќи им поисточен пресврт, и биле познати по своите незначително истакнати куполи, и богатата употреба на позлатени мозаици и икони отколку статуи. Бидејќи Византијците останале некое време во Сицилија, нивното влијание во архитектурата може да се забележи денес, на пример во катедралата Кефалу во Палермо или во Монреал со нејзините богато декорирани цркви. Базиликата Свети Марко во Венеција исто така е пример за византиска архитектура во Италија.

Романска архитектура[уреди]

Дуомо во Пиза на Пјаца деи Мираколи

Романското движење било помеѓу византискиот и готичкиот период и траело од 800 год.н.е. до 1100 год.н.е. Овој период бил еден од најплодните и најкреативните во италијанската архитектура, со неколку ремек дела како Кривата кула во Пиза на Пјаца деи Мираколи и базиликата на Св. Амброџио во Миланo. Наречена е “романска“ заради употребата на романски порти, витраж прозорци а исто така и заоблените столбови кои обично се истакнувале во конаците.

Романската архитектура во Италија доста варирала, како во стил така и во конструкција. Најуметничка област веројатно била Тоскана, особено фиренциската и пизанската романска архитектура. Сицилија, која била под влијание на нормански доселеници, исто така била значајна.

Во Италија за време на романската архитектура се прекинла градбата на дрвени покриви во црквите. Тежината на градбата имала тенденција да попушта однадвор и затоа се ставало потпирачи за да ја придржуваат. Ѕидовите на црквите во романски стил биле гломазни и тешки, сепак ова значело дека романскиот црковен интериер во Италија бил далеку попрост и поблаг од оној на ранохристијанскиот и византиски период. Тие се состоеле само од мермер и камен и имале мала декорација, за разлика од богатите мозаици во италијанско-византиските архитектонски дела.

Главна иновација од романската архитектура е сводот којшто претходно не постоел во историјата на западната архитектура.

Готска архитектура[уреди]

Покривот на готската Миланска катедрала

Готска архитектура се појавила во Италија во 12 век. Италијанската готика отсекогаш задржувала посебна карактеристика со којашто се разликувала во еволуцијата од онаа во Франција, а исто така и во други европски земји. Всушност, архитектонските ерудитивни решенија и технички иновации на француските готски катедрали никогаш не се направиле: италијанските архитекти претпочитале да продолжат со традиционална изградба основана во претходните земји.

Готската архитектура била донесена во Италија како што била и во сите други европски земји. Редот на Бенедиктин Цистерциан е главниот носител на овој нов архитектонски стил со нивните нови градби. Се раширил од Бургундија (денес источна Франција), нивна првобитна област, преку останатиот дел на Западна Европа.

Веројатна временска рамка од готската архитектура во Италија може да се состои од:

  • „рана готска“ фаза (1228-1290)
  • „зрела готска„ фаза (1290-1385)

Ренесанса и маниристичка архитектура[уреди]

Храм Сан Пјетро во Монторио,Рим од Браманте

Во 15 век Италија, а посебно градот Фиренца бил роден крај на ренесансата. Почетоците на новиот архитектонски стил се во Фиренца, тој не еволуирал бавно како што готското произлегло од романското, туку таа била свесно донесена од посебни архитекти кои се обиделе да го обноват редот на минатата „Златно доба“. Научниот пристап на античката архитектура се совпаднало со општото оживување на учењето. Голем број фактори влијаеле за нејзиното остварување. Италијанските архитекти отсекогаш преферирале форми кои се јасно дефинирани и конструктивни елементи кои ја истакнувале нивната намена. Овие карактеристики се прикажани на повеќе тосканско-романски градби, како што се Баптисериумот во Фиренца и катедралата во Пиза.

Италија никогаш целосно не го прифатила готскиот архитектонски стил. Покрај Миланска катедрала, во голема мера работа на германски градежници, на неколку италијански цркви е даден приоритет на вертикалното, накитен орнамент и сложен ребрест свод, што ја карактеризираат готика во другите делови на Европа.

Присуството на антички архитектонски остатоци, посебно во Рим, кои претставуваат одреден класичен стил послужило како инспирација на уметниците во времето кога филозофијата исто така се насочувала кон класицизмот.

Ренесансна црква Сан Бјаџо во Монтепулчијано
  • Катедрала Дуомо во Фиренца

Катедралата во Фиренца, изградена од Арнолфо ди Камбио, останала недовршена до крајот на 14 век. Имало огромна дупка на центарот каде што требало да стои куполата. Филипо Брунелески победил во натпреварот за градење на куполата, којшто ја изградил најголемата купола од римско време. Тој повикал тимови работници од осум делови на градот со што остроумно го возбудил цел град.

  • Базилика Сан Лоренцо

Оваа црква во Фиренца е изградена од Брунелески кој ги користел сите работи кои ги научил следејќи ја архитектурата на антички Рим. Црквата има порти, столбови и заоблени прозорци во римски стил и изгледа потполно различна од зашилено-заоблените цркви од готскиот период. Само ентериерот бил завршен додека екстериерот сеуште бил со груби тули и никој не знае како Брунелески замислувал да изгледа. Сепак, тој ги научил сите на нови архитектонски правила.

  • Базилика Света Андреа

Кога императорите на антички Рим се вратиле од битка, тие изградиле триумфална порта како нивен споменик. Во Рим и во други делови на Италија има неколку такви споменици и главната градба опфаќа голема порта на центарот и помала пониска порта или влез на двете страни. Архитектот Леон Батиста Алберти го користел ова како модел за предниот дел на црквата Света Андреа во Мантуа. Тој го користел истиот стил на високо и засводено, ниско и правоаголно, се до внатрешноста на црквата. Ова било копирано од многу други архитекти. Исто така базиликата Света Андреа била прва градба која имала столбови кои опкружуваат два реда, наречени џиновски ред.

Поглед на центарот на Фиренца од ренесансната Палацо Пити
  • Палатата Медичи Рикарди

Кога станува збор за градење палати, богатите луѓе во времето на ренесансата имале различни потреби од римските императори, па така архитектите морале да се придржуваат на правилата со цел да направат нов вид на грандиозна градба. Овие ренесансни палати обично биле на три спрата и сосема обични однадвор. Внатре имале двор, опкружен со убави столбови и прозорци.

  • Базилика Свети Петар

Најпознатата црква во Рим е античката црква која е изградена врз гробот на Св. Петар. Од 1500 година почнала да пропаѓа па затоа Папата решил наместо да ја обнови црквата, да ја руши и да изгради нова црква. Многу важни архитекти работеле на конструкцијата, што доста се сменила, резултирајќи во побарокен отколку ренесансен стил. Помеѓу архитектите кои биле присутни за нејзината изградба се Донато Браманте, Рафаел, Антонио да Сангало помладиот, Микеланџело, Пиро Лигорио, Бароци да Вињола, Џакомо дела Порта и Карло Мадерно. Оваа црква ја има највеличенствената купола во светот која се имитира во многу земји.

  • Вила Ротонда

Оваа вила е изградена од Андреа ПаладиоВинчензо Скамоци по неговата смрт) од 1566 година. Градбата е во форма на квадрат која изгледа исто од сите страни и на центарот има купола. На секоја страна има огромно предворје како на римски храм. Дизајнот на вилата е толку елегантен што други архитекти го користеле истиот стил кој може да се забележи на цркви, куќи и палати, вклучувајќи ја и Белата куќа.

Архитектура во рокококо и доцен барокен век[уреди]

Базилика ди Суперга близу Торино во рокококо стил

Најоригиналното дело на цела доцна барокна и рокококо архитектура е Палаџина ди касиа ди Ступиниџи (Ловечка палата на Ступиниџи) која датира од 18 век. Таа е изградена од Филипо Хувара кој исто така ја изградил Базилика ди Суперга близу Торино. Во истиот период во Венето имало навраќање на паладински мотиви, коешто било очигледно во вилата Писани во Стра (1721 година) и црквата Сан Симеоне Пиколо во Венеција (завршена во 1738 година).

Последното поглавје на римската барокната сезона ги носи најважните достигнувања во големите урбани подобрувања како Шпански скали и фонтана ди Треви, додека фасадата на Базилика Свети Јован Латерански од Алесандро Галилеи има поостри класични својства.

Во Кралството Неапол, архитектот Луиџи Ванвители во 1752 година започна со изградбата на дворецот во Казерта.

Архитектурата во неокласицизмот и 19 век[уреди]

Неокласичен храм во Канова, Посањо

При крајот на 18 век и почетокот а 19 век Италија била под влијание на неокласицистичкото архитектонско движење. Сé од вили, палати, градини, ентериери и уметност започнало да се базира на римски или грчки мотиви, и градбите биле доста базирани на ремек делото од Андреа Паладио Вила Капра „Ла Ротонда“.

Пред откривањето на изгубените градови Помпеја и Херкуланеум градбите се основале на мотив од антички Рим и класична Атина, но подоцна биле инспирирани од овие археолошки локалитети. Примери од неокласична архитектура во Италија се театарот Сан Карло (Неапол 1810 година), Сан Франческо ди Паола (Неапол 1817 година), Педрочи кафе (Падова, 1816 година), храм во Канова (Посањо, 1819 година), театарот Карло Феличе (Џенова, 1827 година) и Цистернон (Ливорно, 1829 година).

Во средината на 19 век Италија била исто така позната по неколку релативни авангардни структури. Галерија Виктор Емануел II во Милано, изградена во 1865 година, е првата градба во Италија со железо, стакло и челик и светски најстарата шопинг галерија, која подоцна имала влијание врз галерија Умберто I во Неапол.

Модерна архитектура[уреди]

Нова уметност (слободна) архитектура[уреди]

Фашистичка црква Сан Пјетро е Паоло во областа ЕУР,Рим

Најоригиналните поборници за новата уметност биле Џузепе Сомаруга и Ернесто Басиле. Првиот е творец на Палацо Кастиглион во Милан додека вториот го проектирал проширувањето на Палацо Монтечиторио во Рим.

Сепак во 1920 година и следните години бил воведен нов архитектонски јазик – рационализам. Овој вид на футуристичка архитектура била воведена од Антонио Сантелиа и оттука од Групо 7, основана во 1926 година. По распаѓањето на групата, движењето било прифатено од одвоени уметници како Џузепе Терањи (Каза дел Фашио, Комо), Адалберто Либера (вила Малапарте во Капри), и Џиовани Милелучи (железничка станица во Фиренца Марија Новела).

За време на фашистичкиот период, рационализамот бил надминат од ''Новеченто италијано'', кој не ги прифаќа авангардните мотиви и наместо тоа цели кон оживување на минатата уметност. Најважните претставници во областа на архитектурата биле Џио Понти, Пјетро Асчјери и Џовани Муцио. Ова движење служело како инспирација за Марчело Пјачентини при создавањето на „поедноставен неокласицизам“ кое било поврзано со повторното откривање на империски Рим. Пјачентини е творец на неколку дела во Италија, од кои најважното е контроверзното создавање на Виа дела Концилиационе во Рим.

Фашистичка архитектура[уреди]

Рационалистично-фашистичка архитектура е италијански архитектонски стил кој се развил во текот на фашистичкиот режим и започнал при крајот на 1920 година. Овој стил бил промовиран и применет најпрво од Групо 7, чијшто архитекти се Гидо Фрете, Себастијано Ларко, Џино Полини, Карло Енрико Рава, Џузепе Терањи и Адалберто Либера. Стилот се одликувал со две гранки, модернистичла гранка со Џузепе Теранџи како најистакнат претставник и конзервативна гранка со Марчело Пјачентини и Ла Бурбера како највлијателни.

Архитектурата по Втората светска војна и модернистичка архитектура[уреди]

Двајца италијански архитекти добиле Прицкерова награда за архитектура: Алдо Роси (1990 година) и Ренцо Пиано (1998 година). Некои од најважните архитекти кои работеле во Италија во периодот помеѓу крајот на 20 век и почетокот на 21 век се Ренцо Пиано, Масимилијано Фуксас и Гај Ауленти. Делата на Пиано се стадионот Сан Никола во Бари, аудиториумот Парко дела Мусика во Рим, обновувањето на старото пристаниште во Џенова и други. Помеѓу најпознатите проекти на Фуксас се (од јануари 2011 година) Гратачјело дела реџионе пјемонте (облакодер во регионот Пиемонт) и Центро конгреси Италија нувола во ЕУР, Рим.

Други забележливи прикази за современа атхитектура во Италија се швајцарецот Марио Бота (обновување на Ла Скала во Миланp), Заха Хадид (Национален музеј на 21 век на уметност и архитектура во Рим, облакодерот Ло Сторто во Милано), Ричард Мејер, Норман Фостер и други.