Итаипу

Од Википедија — слободната енциклопедија

Браната Итаипу (португалски: Itaipu, шпански: Itaipú; шпански изговор: [itaiˈpu]) е хидроелектрична централа на реката Парана на границата меѓу Бразил и Парагвај. Името „Итаипу“ потекнува од мало островче кое постоело близу местото на изградба. На јазикот Гуарани значи „гласот на каменот“. Американскиот композитор Филип Глес (Philip Glass) има напишано симфониска кантата наречена Итаипу во чест на градбата.

Оваа брана е најголемиот функционален хидроелектричен објект во поглед на годишен капацитет за производство, произведувајќи 94.7 TWh (терават часови) во 2008 г. и 91.6 TWh во 2009 г., во споредба со капацитетот на браната Три клисури кој во 2008 г. изнесуваше 80.8 TWh, а во 2009 г. 79.4 TWh.[1] Браната е двонационален потфат на Бразил и Парагвај на границата меѓу двете земји на 15 км северно од Мостот на пријателство. Проектот се протега од Фоз до Игуасу (Foz do Iguaçu) во Бразил и Сиудад дел Есте (Ciudad del Este) во Парагвај на југ, па сè до Гуаира и Салто дел Гуаира на север. Основниот капацитет за производство на електраната е 14 GW (гигавати), што се постигнува со 20 единици за производство од кои секоја произведува 700 MW (мегавати) и 118-метарска хидраулички дизајнирана глава. Во 2008 г. електраната произвела рекордни 94.68 милијарди kWh (киловат часови), што претставува 90% од вкупната електрична енергија потрошена во Парагвај и 19% од онаа потрошена во Бразил.[2]

Од дваесетте постоечки генератори, десет со јачина од 50 Херци (Hz) произведуваат за Парагвај и десет со јачина од 60 Hz произведуваат за Бразил. Два 600-киловолтни далноводи за директно пренесување на високонапонска електрична енергија (HVDC lines) долги по приближно 800 км пренесуваат бразилска и парагвајска електрична енергија до Саун Пауло каде таа се претвора во електрична енергија од 60 Hz.

Историја[уреди | уреди извор]

Преговори меѓу Бразил и Парагвај[уреди | уреди извор]

Идејата за електраната Итаипу беше резултат на макотрпни преговори меѓу двете земји во текот на 60-тите години. Актот Игуасу (Ata do Iguaçu) беше потпишан на 22 јули 1966 г. од страна на бразилскиот министер за надворешни работи Жураси Магаљаеш (Juracy Magalhães) и парагвајскиот министер за надворешни работи Сапена Пастор (Sapena Pastor). Ова претставуваше изјава на заеднички интерес за проучување на начинот на искористување на водните можности со кои располагаа двете земји во делот од реката Парана кој започнува со Салто де Сете Куедас (Salto de Sete Quedas) и завршува со вододелницата на реката Игуасу. Спогодбата со која започна изградбата на електричната централа беше потпишана во 1973 г.

Условите на спогодбата, која истекува во 2023 г., се причина за големо незадоволство во Парагвај. Владата на претседателот Луго бараше обнова на преговорите со Бразил околу условите на спогодбата, кој, пак, долго време се спротивставуваше на какви било нови преговори.[3]

Во 2009-тата год. Бразил се согласи на поповолна исплата на електрична енергија на Парагвај и исто така му дозволи на Парагвај да го продава вишокот енергија директно на бразилски компании, наместо само преку бразилскиот електро-енергетски монопол.[4][5]

Почеток на изградбата[уреди | уреди извор]

Проширување на браната.

Во 1970-тата г., здружението кое го формираа компаниите ИЕКО (IECO) (од Соединетите Американски Држави) и ЕЛЦ Електроконсалт С.п.А. (ELC Electroconsult S.p.A.) (од Италија) победи на меѓународното натпреварување за истражување на изводливоста на проектот и објаснување на проектот за изградба. Со работа се започна во февруари 1971 г. На 26 април 1973 г. Бразил и Парагвај ја потпишаа Спогодбата Итаипу, законската алатка потребна за хидроелектрична експлоатација од страна на двете земји на реката Парана. На 17 мај 1974 г. беше создадено Двонационалното тело Итаипу за да управува со изградбата на централата. Во јануари наредната година започна и нејзината изградба.

Пренасочување на реката Парана[уреди | уреди извор]

На 14 октомври 1978 г. реката Парана беше пренасочена, со цел дел од речното корито да се исуши за да се овозможи изградбата на браната.

Договор меѓу Бразил, Парагвај и Аргентина[уреди | уреди извор]

Бразил, Парагвај и Аргентина склучија важен дипломатски договор со потпишувањето на Тространиот договор (Acordo Tripartite) на 19 октомври 1979 г. Овој договор ги воспостави дозволените нивоа на реката и колку тие може да се променат како последица на разните хидроелектрични потфати на вододелницата која ја делат трите земји. Во овој период трите земји беа воени диктатури. Аргентина беше загрижена дека во случај на конфликт Бразил би можел да ги отвори вратите на браната, покачувајќи го нивото на водата на реката Плата (Rio de la Plata) што би довело до потопување на главниот град Буенос Аирес.

Создавање на езерото[уреди | уреди извор]

Резервоарот на електраната започна да се гради на 13 октомври 1982 г. откако заврши работата на браната и вратите на страничниот канал се затворија. Во текот на целиот овој период, силните дождови и поплави го забрзаа процесот на полнење на резервоарот и водата достигна височина од 100 метри за на 27 октомври во 10:00 часот да ги допре вратите на проточниот канал.

Почеток со работа[уреди | уреди извор]

На 5 мај 1984 г. во Итаипу започна со работа првата единица за производство. 18 единици беа пуштани во употреба со брзина од две до три годишно, а последните две од нив започнаа со работа во 1991 г.

Зголемување на капацитетот во 2007 г.[уреди | уреди извор]

Последните две од 20-те електрични единици за производство започнаа со работа во септември 2006 г. и март 2007 г., зголемувајќи го вкупниот капацитет за производство на 14 GW и со тоа заврши изградбата на електричната централа. Ова зголемување на капацитетот ќе овозможи 18 единици за производство да работат постојано, додека две се на технички преглед. Поради клаузула во спогодбата меѓу Бразил, Парагвај и Аргентина, максималниот број на единици за производство кои може да работат истовремено е ограничен на 18.

Основната моќ на секоја единица за производство (турбина и генератор) е 700 MW. Но, половина од времето расположливата моќ е преку 750 MW за секој генератор.

Секоја турбина произведува околу 700 MW. За споредба, целокупната вода од водопадите Игуасу би имала капацитет да снабди со вода само два генератори.

Прекин во електричното напојување во ноември 2009 г.[уреди | уреди извор]

На 10 ноември 2009 г. преносот на енергија од централата беше целосно прекинат, најверојатно поради бурата која оштети три високонапонски далноводи, но браната не беше оштетена.[6] Ова предизвика масовни прекини на електрични енергија во Бразил и Парагвај. Цел Парагвај беше во темнина 15 минути, а Рио де Жанеиро и Саун Пауло преку 2 часа.[7] До прекинот на електрична енергија дојде во 22:13 часот по месно време. Најмногу влијаеше врз југоистокот на Бразил, оставајќи ги Саун Пауло, Рио де Жанеиро и Еспирито Санто во потполен мрак. Службените лица задолжени за електрична енергија изјавија дека до прекин на електрична енергија дошло и во Рио Гранде до Сул, Санта Катарина, Мато Гросо до Сул, Мато Гросо, внатрешноста на Бахија и делови од Пернамбуко.[8] Повеќето области добија електрична енергија до 00:30 часот.

Чудо на модерниот свет[уреди | уреди извор]

Во 1994 г. Американското здружение на градежници (ASCE) ја избра браната Итаипу за едно од седумте Чуда на модерниот свет. Во 1995 г. американското списание Познати механичари ги објави резултатите.[9]

Панорама на браната Итаипу со проточните канали (затворени кога беше сликана фотографијата) на левата страна

Влијание врз општеството и животната средина[уреди | уреди извор]

Кога започна изградбата на браната, околу 10.000 семејства кои живееја покрај реката Парана беа раселени.[10]

Најголемите водопади по количина во светот, водопадите Гуаира, влегоа во склоп на новоформираниот резервоар Итаипу. Бразилската влада го укина националниот парк Гуаира Фолс (водопадите Гуаира) и со динамит ги уништи подводните гребени каде се наоѓаа водопадите за да овозможи посигурна навигација, истовремено елиминирајќи ја можноста за натамошно враќање на водопадите во првобитната состојба. Неколку месеци пред да се наполни резервоарот, 80 луѓе загинаа при уривање на пренатрупан мост кој имаше поглед на водопадите, одземајќи ги животите на туристите додека ги гледаа водопадите за последен пат.[11]

Статистички податоци[уреди | уреди извор]

Проточни канали
Браната во вечерно време.

Изградба[уреди | уреди извор]

  • Текот на седмата најголема река во светот беше изменет, а беа поместени и 50 милиони тони земја и камења.
  • Количеството на бетон употребено за изградба на електричната централа Итаипу би било доволно да се изградат 210 фудбалски стадиони со големина како онаа на Маракана (Estádio do Maracanã).
  • Железото и челикот кои беа употребени би биле доволни за изградба на 380 Ајфелови кули.
  • Количината на ископани земја и камења во Итаипу е 8.5 пати поголема од онаа при копањето на Ламанш, а, пак, количината на бетон е 15 пати поголема.
  • Околу 40.000 луѓе работеа на изградбата.
  • Цената за изградбата на Итаипу ја прави една од најскапите градби во историјата.

Станицата за производство и браната[уреди | уреди извор]

  • Целокупната должина на браната е 7235 m. Итаипу е всушност четири брани споени заедно.
  • Проточниот канал е со должина од 483 m.
  • Максималниот проток на проточните канали, кои се поделени на 14 дела, изнесува 62.2 илјади кубни метри во секунда, и тоа во три канали направени во вид на скијачка патека. Еднаков е на 40 пати по просечниот проток на природните водопади Игуасу.
  • Доколку Бразил користеше термоелектрична централа за да ја произведе електричната енергија која ја произведува Итаипу би биле потребно согорување на 69.000 m3 бензин секој ден.
  • Браната е висока 196 метри, што е еднакво на 65-катница.[12]

Производство[уреди | уреди извор]

Внатрешноста на браната.
Годишно производство на електрична енергија
Година Изградени единици GWh
1984 0–2 277
1985 2–3 6.327
1986 3–6 21.853
1987 6–9 35,807
1988 9–12 38.508
1989 12–15 47.230
1990 15–16 53.090
1991 16–18 57.517
1992 18 52.268
1993 18 59.997
1994 18 69.394
1995 18 77.212
1996 18 81.654
1997 18 89.237
1998 18 87.845
1999 18 90.001
2000 18 93.428
2001 18 79.307
2002 18 82.914
2003 18 89.151
2004 18 89.911
2005 18 87.971
2006 19 92.690
2007 20 90.620
2008 20 94.684
2009 20 91.652
2010 20 85.970
Вкупно 20 1.846.517

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://www.itaipu.gov.br/en/energy/energy Предлошка:Retrieved
  2. Folha (2009), Itaipu bate recorde de produção de energia, mas perde participação no consumo, Folha Online, Посетено на January 2, 2009
  3. Nickson, Andrew (20 February 2008). „Paraguay: Lugo versus the Colorado Machine“. Open Democracy. Архивирано од изворникот на 2009-08-03. Посетено на 2011-06-02.
  4. „Why Brazil gave way on Itaipu dam“. BBC. 26 July 2009. Посетено на 2009-07-26.
  5. Barrionuevo, Alexei (July 27, 2009). „Energy Deal With Brazil Gives Boost to Paraguay“. New York Times. стр. A10.
  6. Abreu, Diego (2009-11-11). „Apagão teve origem em função de condições meteorológicas, diz MME“. Globo News.
  7. „Major Power Failures Hit Brazil“. BBC. 2009-11-11.
  8. Barrionuevo, Alexei (November 11, 2009). „Brazil Looks for Answers After Huge Blackout“. New York Times.
  9. Pope, Gregory T. (December 1995), „The seven wonders of the modern world“, Popular Mechanics, стр. 48–56
  10. „Indian Journals“. 61 (4). 2004. Наводот journal бара |journal= (help)
  11. Switkes, Glenn (2008-03-14). „Farewell, Seven Falls“. Архивирано од изворникот на 2013-03-15. Посетено на 2010-03-02.
  12. „Itaipu binacional — Technical data — Comparisons“. Посетено на February 16, 2007.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]