Инфлациски данок

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Инфлациски данок (англиски: inflation tax) е економска категорија која означува пренос на реални добра (стоки и услуги) од луѓето и фирмите кон државата, под дејство на инфлацијата. Инфлацискиот данок се јавува како последица на инфлаторното финансирање на буџетот, т.е. кога државата ги покрива јавните расходи преку печатење пари.[1]

Кога државата не може да го финансира буџетот од редовните извори (даноците), таа може едноставно да испечати пари за да ги купи потребните добра и услуги. Бидејќи државата е првиот корисник на парите, а цените се зголемуваат дури по одреден период, таа ги употребува парите со несмалена куповна моќ. Подоцна, како последица на печатењето пари, доаѓа до пораст на цените, така што се намалува вредноста на парите. Заради намалената куповна моќ на парите, луѓето и фирмите можат да купат помалку производи, т.е. се намалува нивната потрошувачка, за сметка на зголемена потрошувачка на државата. Според тоа, инфлацијата делува како еден вид данок, бидејќи предизвикува прелевање на реални добра (производи и услуги) во полза на државата.

Пресметка на инфлацискиот данок[уреди]

Карактеристично за инфлацискиот данок е тоа дека ги погаѓа сите што држат одредено количество пари. Значи, како даночна база на инфлацискиот данок се јавува реалната парична маса, додека стапката на инфлација ја претставува даночната стапка. Оттука, вкупниот инфлациски данок се добива како производ на даночната база и даночната стапка:

  • ITt=(M/P) x (dP/dt) x (1/P)

каде што: ITt е инфлацискиот данок во одреден временски период, М е паричната маса, Р е општото ниво на цените, а dP/dt е промената на цените во определен временски период (инфлацијата).

Како што се гледа, инфлацискиот данок е поголем доколку расте стапката на инфлација, но под услов реалното количество пари да остане исто. Меѓутоа, паралелно со порастот на инфлацијата, опаѓа реалната побарувачка на пари, а со тоа се намалува и даночната база, со што државата губи дел од инфлацискиот данок. Оттука, вкупниот приход собран од инфлацискиот данок во одреден период зависи од износот на испечатените пари и намалувањето на вредноста на постојните пари:

  • ITt=(dM/dt) x (1/P) - (dM/P)/dt

каде што: првиот дел од равенството ја претставува реалната вредност на новоиспечатените пари, а вториот дел - губењето на вредноста на постојната парична маса.

Наводи[уреди]

  1. Горан Петревски, Монетарна политика - Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005, стр. 54-55.