Иниго Џонс

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Портрет на Иниго Џонс од Вилијам Хогарт (1758) според слика на Сер Антонис ван Дајк (1636)
Банкетниот дом во Вајтхол, Лондон

Иниго Џонс (англ. Inigo Jones), (15 јули 1573, Смитфилд, Лондон21 јуни 1652) се смета за првиот истакнат британски архитект, и првиот кој ја донел ренесансната архитектура во Англија. Дал и важни придонеси кон сценографијата.

За младоста на Џонс се знае малку. Роден е во Смитфилд во центарот на Лондон, како син на велшки текстилец-католик, и крстен е во црквата Св. Вартоломеј Малиот. Кон крајот на XVI век, бил еден од првите Англчани кои учеле архитектура во Италија, посетувајќи ја земјата на два пати. Првата посета (~1598-1603) веројатно ја остварил со парични средства на Роџер Менерс, Петтиот Ерл од Ратленд. При втората пак, (1613-1614) го придружувал Ерлот од Арандел. Веројанто бил во Италија и во 1606 под влијание на амбасадорот Хенри Вотон и со себе имал примероци на делата на Андреа Паладио со маргиналии посветени на Вотон (Видете: Вотон и неговите светови, 2004 од Џералд Карзон). Иниговите дела била под силно влијание на Паладио. Во помала мера, Џонс сметал дека во распоредот на зградите, архитектот треба да се води според начелата на римскиот стручњак Витрувиј. Најпознатите згради на Џонс се Краличината куќа во Гринич (започната 1616 - неговото најрано зачувано дело) и Банкетниот дом во Вајхтхол, Лондон (1619) – дел од неговиот крупен проект за осовременување на Вајтхолската палата. Таванот на Банкетниот дом го живописал големиот фламански мајстор Петар Паул Рубенс.

Банкетниот дом е еден од неколкуте проекти на кои Џонс работел со неговиот личен помошник и внук Џон Веб.

Друг позначаен проект на Џонс бил проектирањето на Ковент Гарден. Тука Џонс добил задача од Ерлот од Бедфорд да изгради станбен плоштад во облик на италијанска пјаца. Ерлот сметал дека има должност кон граѓаните да им изгради и црква, па затоа го предупредил Џонс дека не може да се расфрла со пари. Ерлот едноставно му рекол да изгради „плевна“, на што Џонс му одговорил дека ќе ја добие „најпрекрасната плевна во Европа“. Денес од таа црква не е останато речиси ништо.

Покрај архитектонската работа, Џонс ѝ бил многу посветен и на сценографијата. Се смета дека е првиот кој почнал да користи подвижни сцени и просцениумски свод во Англија. Џонс се истакнал и во костимографијата, декорацијата, и сценските ефекти за низа маски на драматургот Бен Џонсон, со кого на долго и широко се расправал дали во театарот е поважна сценографијата или книжевноста. (Џонсон го исмевал Џонс во неколку негови дела, напишани во текот на две декади)[1]

Како главен градежен инспектор на кралот Чарлс I, Џонс работел и за кралицата Хенриета Марија на проектирање ан римокатоличка капела во Сомерсетската куќа (чин кој предизвикал голема сомничавост кај Протестантите), па затоа, со избувнувањето на Англиската Граѓанска војна во 1642 и конфискацијата на кралските домови во 1643, на кариерата на Џонсон ѝ дошол крај. Подоцна неговиот имот му бил вратен (~1646), но Џонс до крајот на животот живеел во Сомерсетската куќа, а по смртта бил закопан во црквата Сент Бенет Полс Ворф во Лондон. На неговата важна функција го наследил прво Џон Денам, а потоа Сер Кристофер Рен.

Џонс бил првиот кој извршил сериозни мерења на Стоунхенџ, иако неговите заклучоци и толкувања биле фантазерски и ненаучни.

Иниго Џонс извшил значајно влијание врз неколкумина архитекти од XVII век, особено врз Лорд Барлингтон и Вилијам Кент.

Белешки[уреди]

  1. Видете: „Маска на авгурите“, „Врзоп новости“, „Приказна за еден Таб“ и „Пречек на љубовта во Болзовер“. Ричард Бром, следбеник на Џонсон, исто така се подбивал со него во делото „Венчавањето на Ковент Гарден“.

Наводи[уреди]

  • Hart, Vaughan. Art and Magic in the Court of the Stuarts. London, Routledge, 1994.
  • Chaney, Edward, The Evolution of the Grand Tour: Anglo-Italian Cultural Relations since the Renaissance, London, Routledge, 2000.
  • Leapman, Michael. Inigo: The Troubled Life of Inigo Jones, Architect of the English Renaissance. London, Headline Book Publishing, 2003.
  • Chaney, Edward, Inigo Jones's 'Roman Sketchbook', 2 тома, London, The Roxburghe Club, 2006.
  • Giles Worsley, Inigo Jones and the European Classicist Tradition (New Haven and London, 2007).
  • Christy Anderson, Inigo Jones and the Classical Tradition (Cambridge, 2007).

Надворешни врски[уреди]