Индиска книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Индиска литература)

Историја на книжевноста
Античка книжевност
Арапска книжевност
Грчка книжевност
Египетска книжевност
Индиска книжевност
Јапонска книжевност
Кинеска книжевност
Македонска книжевност
Персиска книжевност
Римска книжевност

Индиската книжевност се развива на огромниот Индиски Полуостров, односно потконтинент со преку милијарда жители и култури стари илјадници години. На овој полуостров, различните народности зборуваат околу 800 јазици. Од 4 основни групи на јазици, високо е развиена книжевноста на индоевропските јазици (северна Индија) и на дравидските јазици (југот на Индија и источен Декан), додека помалку значајна е книжевноста на тибетско-бурманските јазици, додека на мунда-јазиците скоро и да не постои.

Индоевропската индиска книжевност се дели на неколку периоди од нејзиниот развиток.

Ведска книжевност[уреди | уреди извор]

Најстарата индиска книжевност во вид на збирка од химни и различни религиозни записи е напишана на архајски санскрит. Се смета дека овие книжевни творби се собирани во X век п.н.е. Збирката од химните и религиозните записи се состои од 4 книги: риг-веди, сама-веди, јаџур-веди и атхарва-веди. Најстари се риг-ведите и се верува дека тие настанале пред хомеровите спевови. Книжевноста на ведите со векови е пренесувана усмено.

Сутрите се најдоцна создадени и припаѓаат на книжевните облици од околу 400 г. п.н.е. Упанишадите (тајните науки), брахманите и аријанаките се прозни дела со филозофско-религиозен карактер.

Среден период[уреди | уреди извор]

Овој период од развитокот на старата индиска книжевност опфаќа најразлични епови. Главни дела се Махабхарата и Рамајана, а покрај нив и делото Валмики.

Темата за Махабхаратата е земена од времето на индиската експанзија од север во централна Индија, додека темата за Рамајана е земена од времето на походот на Цејлон (денешна Шри Ланка). И двете дела се напишани на санскрит, како и делата наречени пурани, книги со религиозни и историски преданија.

Философските системи ги основале Махавира и Буда, а нивните следбеници ги запишале низ списи на јазикот пали и разни други дијалекти.

Златен период[уреди | уреди извор]

Златниот период на веќе санскритската книжевност е поврзан со династијата Гупта од Канауџ. Тогаш особено се негувале драмите, кои обично се изведувале во дворците на владетелите, со две карактеристични лика: Видушака и Вита, односно будала и мрза. Писателот Судрака ја напишал една од најстарите класични драми - Мркчакатика (односно Глинена количка, драмата се вика така бидејќи накитот на главната хероина по низа перипетии е најден во детски глинени играчки). Историската драма Мудриот Ракшаса (или Ракшаса и неговиот прстен) се случува во дворот на владетелот Чандра од Гуптите. Најголем дострел од времето на Гуптите на полето на книжевноста е постигнат во делата на Калидасе, лиричар и драматичар. Од него останале драмите Љубовта на Маловика и Агни, Урваси и Сакунтала (Изгубениот прстен). Последното дело, Сакунтала, е ремек-дело на кое многу му се восхитувал и Гете. Калидаса ги напишал и еповите за Семејството Рагу, за Создавањето на богот на војните, Облакот на гласниците и други.

Освен драмите на Калидаса, прочуена е и драмата на Бхавабхутиј Последна приказна за Рами и ѓерданот. Најдобар претставник на подоцнежниот златен период е Џајадева (нарекуван и Кавираџ, поетот-кнез), а најдобро му е делото лирската драма Гитаговинда (Песна за кравјиот чопор), во кој ја слави љубовта на малиот Кришна и млекарката Радхе.

Прави историски записи не постоеле во овој период. Поетот Бана ја испеал Харшакарита, историска романска за животот на владетелот Харша (606-647), а во XII век од школата за летописци од Кашмир се истакнува Калхан, писател на историјата за кралевите.

Посебен книжевен вид, особено негуван во Индија, се басните и приказните со морални и религиозни параболи и поуки. Најпознати дела од ваков вид се Панчатантра (Пет поглавја) и Хитопадеса (Книга со корисни совети). Од овие зборници, преку класичната грчка, а подоцна и арапска книжевност, многу мотиви преминале во приказните на европските народи. Констатирано е дека во езоповите басни, во средновековниот Геста романорум, во бокачовиот Декамерон, па сè до Лафонтен, Браќата Грим и Вук Караџиќ, одделни мотиви се црпени од Панчатантра.

Има многубројни приказни во Илјада и една ноќ кои се со потекло од Индија. Многу се значајни и прочуените правни споменици Дхарма-састра, прописи за церемониите и кастовите обичаи, Мануовиот законик и Артха-састра, кој учи како кралевите треба да управуваат, односно некој вид на индиски Макијавели.

Хиндиска книжевност[уреди | уреди извор]

Почетокот на оваа етапа од развитокот на индиската книжевност ја сочинуваат еповите и баладите од Раџпутаните, во кои се опишуваат јуначките подвизи на хиндските кралеви против муслиманските завојувачи. Пресврт означува едно големо дело - Притви-раџ-Расо, кое го напишал Чанд Бардаи.

Вишнаистичките идеи повторно оживеале, а книжевноста од т.н. период Бакти ја има за главна тема вербата во еден семоќен бог со човечки облик кој се бори против злото во светот. Во овој потпериод се истакнале поетите Кабир, кој основите на хиндуизмот и исламот ги прилагодил на својата филозофија; потоа Тулсидас, кој во VI и XVII век одново ја напишал "Рамајана" на стариот аватхи облик на источниот хинди; поетесата Мирабаи од Раџастан испеала химна во божја слава со многу голем успех.

Помеѓу XVII и XIX век е напишана одлична лирска поезија која на почетокот на XIX век го изгубила својот висок квалитет. Со отворањето на печатниците и под влијание на англиската книжевност силно се развила прозата, достигнувајќи го својот врв во делата на Прем Чамд (кој пишувал на урду), а кој воедно ја вовел и кратката приповетка. Освен овој писател, други млади автори ги негуваат сите книжевни облици.

Бенгалска книжевност[уреди | уреди извор]

Рабиндранат Тагоре, автор на многу дела, вклучувајќи ги Гитанџали и националната химна на Индија „Јана Гана Мана“. Тој бил награден со Нобелова награда за литература во 1913 година за „неговиот длабоко чувствителен, свеж и убав стих, со кој, со целосна вештина, ја направи својата поетска мисла, изразена со свои англиски зборови, дел од литературата на Западот“. Тој бил првиот човек од неевропска лоза што ја добил Нобеловата награда.

Еден од најпознатите бенгалски поети од XIV и XV век е Чандидас, кој пишувал одлични лирски песни, додека Кришандас Кавираџ ја дал одличната биографија на Чаитање, вишнуански религиозен реформатор. Ова дело е едно од најпознатите на бенгалската индиска книжевност.

Пишувани се и многу јуначки приповетки и романтични балади. Пред Рабиндранат Тагоре, за најистакнат писател на модерната бенгалска книжевност се смета Банким Чандра, додека голема популарност во Бенгал стекнал и Исварчандра Видјасагар. Мајкл Матхусудан пишувал на англиски и бенгалски успешни лирски песни. Рабиндранат Тагоре е најпознат и најголем бенгалски книжевник. Во 1913 година ја добил Нобеловата награда и негова е заслугата што бенгалскиот јазик се претворил во виртуозен книжевен јазик.

Асамска книжевност[уреди | уреди извор]

Асамската индиска книжевност се состои главно од побожни списи. Од писателите во XV и XVI век се истакнува Санкардева, а важно место заземаат прозните историски записи наречени буранџис, настанати под влијание на сијамските хроничари.

Маратска книжевност[уреди | уреди извор]

Оваа книжевност се пишувала во западниот дел на Индија, каде и се зборува маратскиот јазик. Инандава дал значаен коментар за Бхагавадгита, дел од "Махабхарата" во кој богот Кришна дава божествена санкција: да се употреби насилство во уништувањето на злото. Од низа на поети и реформатори, најпознат е Тукарам. Одредени делови од историјата на овие области на Индија се опишани во баладите или проповедите.

Основите на модерната проза ја наложиле есеистите од XIX век, пишувајќи за општествените и политичките реформи. Меѓу најпознатите есеисти треба да се споменат Чипланкара, Агаркара, Ранадеа и Тилака, додека романи со општествени мотиви пишувал Хари Нарајан Апте.

Современа гуџаратска книжевност[уреди | уреди извор]

Во оваа индиска книжевност, со своите прилози се истакнале Махатма Ганди и К.М. Мунши. Може да се каже дека модерните индиски писатели, за разлика од оние до крајот на Првата светска војна, сè повеќе ја напуштаат темата за индиското минато и митологија, и како Прем Чанд, и Мулк Раџ Ананд наоѓа свежи извори во секојдневниот живот на селанецот и граѓанинот, во нивните проблеми, борби, во настанувањето на индиската работничка класа, која со индустријализацијата на земјиштето станува се побројна.