Имхотеп

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Статуетка на Имхотеп во Лувр
Имхотеп
во хиероглифи
M18 m R4

Имхотеп (египетски: ii-m-ḥtp *jā-im-ḥatāp, „дојдениот во мир“) бил староегипетски полихистор,[1] кој служел за време на III династија како канцелар на фараонот Џосер и како свештеник на сончевиот бог Ра во Хелиополис и се смета за првиот архитект и лекар во историјата кој се знае по име.[2] Полната листа на неговите титули е:

Канцелар на Кралот на Долен Египет, Прв по Кралот на Горен Египет, Управник на Великата Палата, Наследен благородник, Висок свештеник на Хелиополис, Градител, Главен столар, Главен вајар и Главен изработувач на вазни.

Имхотеп е единствениот смртник прикажан на подложниот камен на кралевата статуа и еден од малкуте обични граѓани воздигнати до божество по смртта. Центар на неговиот култ бил Мемфис. Од Првиот преоден период па натаму, Имхотеп бил длабоко почитуван и како поет и философ. За неговите изреки се зборувало во песните:

Ги имам чуено зборовите на Имхотеп и Хордедеф со чии расправи луѓето толку зборуваат. [3]

Местоположбата на гробницата на Имхотеп се заборавила уште во антиката [4] и ден денес не се знае каде е, и покрај сите напори за нејзино наоѓање. По општа согласност се смета дека е некаде во Сахара.

За него знаеме најмногу од преданија и претпоставки. Египќаните му припишувале многу изуми. Како државник на фараонот Џосер тој веројатно ја конструирал Џосеровата пирамида (Скалестата пирамида) во Сахара околу 2630-2611 п.н.е. [5] Се мисли дека е првиот кој употребил столбови во архитектурата. Се смета и за изумител на папирусната ролна.

Имхотеп е основачот на египетската медицина и автор на медицински трактат кој е значаен по тоа што во себе не содржи никакви магии. Ова дело се нарекува Едвин Смитов папирус и во него подробно се зборува за анатомски набљудувања, заболувања и лекови. Денес зачуваниот папирус е напишан некаде околу 1700 п.н.е., но може да е препишан примерок од 1000 години постаро дело. Меѓутоа и прокрај ова, авторството на делото е предмет на спорови.[6].

Се сметало дека татко му бил богот Птах, додека мајка му била смртничка по име Хреду-анк.

Оставнина[уреди]

Две илјади години по неговата смрт, Имхотеп бил прогласен за бог. Станал бог на медицината и лечењето. Старите Грци го поврзувале со Асклепиј.

Како „син на Иан“, понекогаш се сметало дека мајка му била Секмет, мажена за Птах, бидејќи била заштитник на Горен Египет. Бидејќи се сметал за изумител на лечењето, некаде се вели дека е оној кој ја воздигнал божицата Нут (апотеоза на небото), бидејќи се сметало дека поделбата на Нут и Геб (апотеоза на земјата) било она што го држело хаосот настрана. Заради ова понекогаш се велело дека е син на Нут. Во уметноста тој се поврзува со Хатор, жената на Ра, со Маат, концептот на вистината и правдата, и со Аменхотеп, синот на Хапу, кој бил уште еден архитект воздигнат до божество.

Во еден натпис од Горен Египет кој датира од птоломејскиот период, се зборува за седум годишен глад за времето на Имхотеп. Според овој натпис, на тогашниот фараон Џосер му се јавил на сон богот на Нил. Се смета дека Имхотеп го решил гладот. Заради ова постојат многу коментари за паралелноста на оваа приказна со онаа за Јосиф во Билбијата. [7]. Оваа паралела во последно време доведува некои алтернативни историчари до заклучок дека Јосиф е всушност самиот Имхотеп, и дека ова се должи на грешна хронологија заради поминатите илјадници години. [8].

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. The Egyptian Building Mania, Acta Divrna, Том III, број IV, јануари 2004.
  2. The Evolution of Modern Medicine од William Osler, Kessinger Publishing 2004, стр. 12
  3. Ancient Egypt од Barry J. Kemp, Routledge 2005, стр. 159
  4. The Harper's Lay, ca 2000 BCE
  5. Ancient Egypt од Barry J. Kemp, Routledge 2005, стр. 159
  6. Fractures: A History and Iconography of Their Treatment од Leonard Francis Peltier, Norman Publishing 1990, стр. 16
  7. Vandier, La Famine dans l Egypte ancienne
  8. Emmet Sweeney, The Genesis of Israel and Egypt, London, 1997