Игнатовден

Од Википедија — слободната енциклопедија
Игнатовден
Игнатовден
Лавовите го растргнуваат Игнатиј. Фреска во црквата „Св. Илија“ при Мелничкиот манастир во Мариово. Дело на Аврам Дичов од 1881 г.
Наречен иИгњат
Игнет
Го празнува(ат)Христијански земји
Видхристијански
ЗначењеДен на Свети Игнатиј Богоносец
Датум2 јануари (јулијански календар)
20 декември (грегоријански календар)
ПоврзаноНова година, Божик

Игнатовден (месно: Игњет, Игнат, а некаде и „Прв Божик“) — христијански празник кој се празнува на 20 декември, односно на 2 јануари според јулијанскиот календар. Во народното верување се смета дека на овој ден започнале породилните болки на Пресвета Богородица.Тоа е опеано во народната песна „Се замачи Божја мајка, од Игната до Божика“. Но во преданието на Православната Црква јасно е забележано дека Пресвета Богородица воопшто и немала породилни болки Во Македонија овој празник претставува еден од поголемите празници проследуван со многу обичаи и суеверија. Заедничко за сите македонски региони е тоа што смета дека се што ќе се прави на овој ден, ќе ви се случува во текот на целата година.

Игнатиј Богоносец[уреди | уреди извор]

Свети Игнатиј е роден во Сирија. Кога тој бил дете, според преданието, Исус го зел во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно.“ Поради тоа што Исус го носел во прегратка е наречен Богоносец[1]. Тој бил ученик на Јован Богослов, како и свети Поликарп, епископот на Смирна. Игнатиј бил третиот епископ на Антиохиja и наследник на Еводиј Антиохиски. Богоносец се нарекува бидејќи според христијанските преданија, Името на Спасителот секогаш го имал во своето срце и постојано му се молел. На 20 декември, во ден на пагански празник, свети Игнатиј бил изведен во Колосеумот. Тој се обратил кон народот: “Римски мажи, вие знаете дека сум осуден на смрт, не заради злостораство, туку заради мојот Еден Бог, кон кого со љубов сум приврзан и кон Кого стремам. Јас сум негова пченица и ќе ме смелат забите на ѕверовите, за да станам негов чист леб.” Веднаш потоа биле пуштени лавовите. Преданието раскажува дека, одејќи кон местото на страдањето, свети Игнатиј постојано го повторувал името на Исус Христос. Кога го прашале зошто тоа го прави, свети Игнатиј одговорил дека го носи тоа име во своето срце, “а Оној што е запечатен во моето срце, Него со устата го исповедам[2].

Обичаи и верувања[уреди | уреди извор]

Македонија[уреди | уреди извор]

На овој де започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово - Божик и затоа се нарекува и Прв Божик. Празникот секогаш е пет дена пред Божик и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.

Велешко

На овој ден во Велес се варело пченица и царевка (пченка) заедно за да се подигне бериќетот, а жените заработувале од секоја работа по малку, исто така за да им се подига работата.

Рзалошко

Во Разлошко овој празник се поврзува со Божик па се вели дека од Игнат се замачила Божја мајка: „замачила се е уш туга Божја маќа“.

Гевгелиско

Во Гевгелиско, Св. Игнат бил сметан за тежок и „уд огин аталија празник“. Особено го држеле за голем празник и не работеле жените што имале деца. На овој ден се колеле свињи и сучеле сарајлии за Божик.

Штипско

Во Штип празникот го викале Игнат - подигнат. Тој ден мајките ги теглеле своите деца, „ги подигаат“ за ушите или главата за да растат повеќе. И во овој крај е забележан обичајот полазник. Имено, оној што ќе влезе прв во куќата се верува дека носи среќа или несреќа. Ако тоа бил млад и убав човек (момче или девојка) се сметало дека носат среќа, а ако прв влезел некој старец или баба верувале дека не ќе оди најдобро. Обичајот полазник е забележан и во други краишта на Македонија и е во врска со започнувањето на годината кога се прогнозира среќата на поединецот и заедницата.

Кумановско

Во Кумановско на овој ден се прогнозирала среќата за целата наредна година со жарчиња, обичај познат и во други краишта на Македонија, поврзан и со други празници, како што е новата година. Овој обичај се изведувал вечерта спроти празникот кога жарчиња се ставале на земјата и до секое жарче по едно зрно од разните житни култури (пченка, пченица, ’рж, јачмен, овес и др.) потоа се поклопувале „сас каленицу“ (или со вршник) и на празникот се гледало како изгаснале жарчињата. Се верувало дека тие што согореле добро, со пепел, претскажуваат дека тоа жито добро ќе роди, тие што изгаснале и станале црни јаглења претскажувале дека тоа жито нема да роди. Во овој крај се прогнозирало и на времето, ако е облачно се верувало дека ќе има бериќет, ако е ведро, претскажувало дека годината ќе биде сушна.

Радовишко

Во Радовиш, Св. Игнат го држеле како тежок празник. Овде денот го минувале во тишина, не се пеело, не се викало, дури и децата не се тепале за да не плачат гласно. Утрото сите домашни се заблажувале со едно лажиче благо.

Скопско

Во Скопската Котлина, спроти празникот сечеле шума од три вери т.е. од три вида: зеленика, смрека и даб. Овие гранчиња се оставале до вратата под стреата и со нив за идните празници се потсилувал огнот. Спроти празникот се правеле и други обичаи како што е фрлањето костени во трлото за да „рипкаат“ јагнињата како костените. Утрото на Св. Игнет се палел посилен оган во огништето, а потоа, домаќинката ги скоревала децата со кои го изведувале обичајот силење, прпешкање на огнот. Тогаш земале од гранките донесени вечерта и го буричкале (го силеле, го прпешкале) огнот, благословувајќи за добро здравје, за напредок на стоката и богат род на земјоделските култури.

Охридско

Во Охрид на пример, Кузман Шапкарев запишал дека на Игнатов ден и вечерта спроти Бадник и на Нејатка спроти Водици во Охрид правеле посни питулици од тенка каша печени во специјални питулчарници и после попарени со ореова вода (врела вода со толчени ореви). Со дел од кашата правеле крстови на оџаците, горните прагови на куќните врати, амбарите, бочвите и др. А Спространов забележал дека во Охрид правеле „питулици на черепна“ и велеле дека тоа се „постулиците на Ристоса“. Спространов запишал предание според кое „На Игнет некоја Бојка от Бојковци си перела. Је рекле: Ами денеска је Игнет, зошчо периш? Таја рекла: Ами, Игнет пригнет! Веднуш се извил сокаот за дирегот и ќе ја удаел. Таа го фрлила грнецот со вода, како го држела, го отпушчила поврзлото и фатила да и викат жените, за да видет чудото“.

Тетовско

Во тетовско овој ден се сметал за тежок празник и луѓето не практикувале ништо да позајмуваат. Се сметало дека како ќе се помине овој ден, таква ќе била и целата година. Се случувало дури и постарите да ги заклучуваат вратите од своите домови за да не им влезат лоши луѓе и лошо да им тргне. Ако денеска некој побарал пари, тие не му позајмите, бидејќи сметале тоа ќе се случува во текот на целата година и им веле на луѓето: д’нске е Игњат, дојди утре. Лошите баби порано оделе од куќа на куќа на денешен ден да позајмат пари макар и за млеко, јајца или нешто слично, само за да на добрите луѓе им тргне лошо годината. Во домот утрото се палело огништето и на децата им се давало слава да фрлаат во огнот и да викаат: жар пилиња, жар јаганца и се редум се ределе желби. На овој ден тетовчани не практикувале да одат некаде, а ниту сакале некој да им влезе дома

Мавровско

Во Мавровскиот крај, за разлика од полошко, се очекувало гости. Сметале дека доколку дојде младо црнокосо момче, годината ќе им била многу бериќетна. Тие на гостите и давала да преткаат во огнот и да благословуваат.

Бугарија[уреди | уреди извор]

Во Бугарија овој ден се нарекува и Игназден Идинажден , Идинак ​​, Млада година , Млад ден , Нов ден , Игнат , Игнатовден , Полјаз , Полазовден и се смета за традиционален народен празник . Таму од овој ден почнуваат новогодишните и божиќните празници. Вечерта наспроти празникот е првата Кадена вечер . За неа подготвуваат посни јадења . На трпезата се става сурово жито и ореви . Врз лебот или житото се запалува свеќа, а најстар чади со темјан и јаглен. Пепелта, свеќи и оревите се задржуваат за останатите кадени вечери. Според христијанската традиција од овој ден почнуваат породилните маки на Богородица. Тоа е периодот во кој младите мајки и жените кои не родиле, наречени „маченици“ не работале, за да забременуваат полесно и децата да ги раѓаат полесно. Следниот ден во црквите има свечена литургија. По тоа кој човек ќе влезе прв во домот утрото се благословувало за здравјето , плодноста и имотот во текот на годината . Полазникот најнапред седнува врз треска или слама кои ги внел веќе во домот, поседува некое време врз нив, за квачките да квачат добро во текот на годината. За благослов тој е опсипуван со пченица и сушено овошје - за плодност. Често бил даруван со кошула, чорапи, пешкир или слично.  На овој ден не се давало заем, за да не се даде береќетот, не се одело по соседи, за да не се бркаат кокошките од дома.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Свети свештеномаченик Игнатиј Богоносец, 2.I. / 20.XII. — „Македонска нација“
  2. Свештеномаченик Игнатиј Богоносец — „Свиток“
  3. Св. Игнатий Богоносец, Игнажден, Игнатовден, Поляз, Полазовден. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2014-01-02.