Зигурат

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Реконструираната фасада на новосумерскиот Урски зигурат кај Насирија, Ирак

Зигурат (акадски: ziqqurat, од zaqāru „изградба на возвишение“) е масивна градба во древна Местопотамија и западен Иран во облик на скалеста пирамида, каде секој нареден кат е помал од претходниот.[1]

Најпознати се Урскиот зигурат кај Насирија (Ирак), Дур-Куригалзу во низината Акар Куф кај Багдад (Ирак) и Чога Занбил во покраината Хузестан во Иран и Сијалк кај Кашан (Иран).

Опис[уреди]

Карта на градовите со зигурат во Месопотамија и Елам.

Зигуратот е карактеристична сакрална градба на Сумерците, Вавилонците, Еламците, Акадците и Асирците. Секој од нив бил дел од светилиште со други придружни градби. Како градба, зигуратот потекнува од издигнатата подлога што се среќава уште во Обаидскиот период[2] во IV милениум п.н.е. Првите вистински зигурати се јавуваат во раниот дианстички период,[3] додека пак последните местопотамски зигурати се изградени кон VI век п.н.е.. Зигуратот е пирамидална градба со последователно помали рамни катови на правоаголна, квадратна или овална подлога. Самата градба се правела од блокови сушени на сонце, а надворешноста (фасадата) била изработена од глазирани и печени тули. Овие најчесто биле бојадисани во бои што имале некакво астролошко значење. Напати на нив се среќаваат врежани имиња на владетелите. Зигуратите имале од два до седум ката и се претполага дека на врвот стоел храм, иако за ова нема археолошки наоди. Единствениот извор за постоењето на храмовите е Херодот.[4] До храмот на врвот се стасувало по неколку големи скалишта, или со спирална рампа околу градбата. Треба да е напомен дека тие не биле јавни места за богослужба, туку се сметале за места каде живееле боговите. Секој граад имал свој бог-заштитник, а во храмовите и просториите во долниот дел на зигуратото имале пристап само свештениците, кои биле задолжени да се грижат за боговите. Свештенството секогаш се бирало од најмоќните личности во сумерското општество.

Еден од најдобро зачуваните зигурати е оној во Чога Занбил во западен Иран. Зигуратот во Сијалк, (Кашан, Иран) е најстариот познат зигурат, кој датира од почетокот на III милениум п.н.е.. По изглед можеле да бидат од прости ѕидани подлоги врз кои стоел храм, па сè до чуда на математиката и градежништвото со повеќе скалести катови.

Пример за прост зигурат е Белиот храм во Урук во Сумер. Самиот зигурат е основата на која стои храмот и има за цел да го подигне поблиску до небесата, поврзувајќи го овоземното со небесното. Впрочем, вавилонскиот зигурат Етеменаки во превод значи „Дом на рамништето помеѓу небото и земјата“.

Пример за голем и сложен зигурат е „Етеменанки“ во Мардук, Вавилон. Нажалост, денес преостанува само мал дел од основата, но сепак археолошките наоди укажуваат дека градбата имала седум ката во различни бои, и дека на врвот стоел велелепен храм. Се смета дека бил бојадисан со индиго, во склад завршетоците на платформите. Познато е дека имал три скалишта, од кои двете странични воделе само до половина од висината на градбата. Не е познато точното време на изградба, но се претпоставува дека е помеѓу XIV и IX век п.н.е. (текстовите сведочат за неговото постоење во II милениум п.н.е.)[5]

Значење[уреди]

Изглед на зигуратот Етеменаки во Вавилон.

Според Херодот, на врвот на секој зигурат имало капиште или олтар, иако не е преостанат ниеден примерок.[2] Покрај духовното значење како место на приближување до небесата, зигуратат играл и заштитна улога. Издигајќи се на висока подлога, храмот бил поштеден од редовните поплави што понекогаш знаеле да зафатат стотици километри[6] Друга практична цел на зигуратот е што игра улога на утврдување. Бидејќи до капиштето можело да се дојде само преку скалишта,[7] свештенството можело лесно и со малку стражари да го чува храмот и тајноста на неговите обреди. Секој зигурат имал помошни елементи околу него како дворен простор, складишта, бањи и станбени простории.[8]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

Зигуратот во Чонга Занбил, Иран
  1. „зигурат“ - Лексикон на македонскиот јазик, он.нет
  2. 2,0 2,1 Crawford, стр. 73
  3. Crawford, стр. 73-74
  4. Crawford, стр. 85
  5. George , Andrew (2007) "The Tower of Babel: Archaeology, history and cuneiform texts" Archiv fuer Orientforschung, 51 (2005/2006). стр. 75-95. [1],
  6. Aramco World Magazine, март–април 1968, стр. 32-33
  7. Crawford, стр. 75
  8. Oppenheim, стр. 112, 326-328

Литература[уреди]

  • T. Busink, "L´origine et évolution de la ziggurat babylonienne". Jaarbericht van het Vooraziatisch-Egyptisch Genootschap Ex Oriente Lux 21 (1970), 91-141.
  • R. Chadwick, "Calendars, Ziggurats, and the Stars". The Canadian Society for Mesopotamian Studies Bulletin (Toronto) 24 (Nov. 1992), 7-24.
  • R.G. Killick, "Ziggurat". The Dictionary of Art (ed. J. Turner, New York & London: Macmillan), vol. 33, 675-676.
  • H.J. Lenzen, Die Entwicklung der Zikurrat von ihren Anfängen bis zur Zeit der III. Dynastie von Ur (Leipzig 1942).
  • M. Roaf, Cultural Atlas of Mesopotamia and the Ancient Near East (New York 1990), 104-107.
  • E.C. Stone, "Ziggurat". The Oxford Encyclopedia of Archaeology in the Near East (ed. E.M. Meyers, New York & Oxford 1997), vol. 5, 390-391.
  • J.A. Black & A. Green, "Ziggurat". Dictionary of the Ancient Near East (eds. P. Bienkowski & A. Millard, London: British Museum), 327-328.
  • Harriet Crawford, Sumer and the Sumerians, Cambridge University Press, (New York 1993), ISBN 0-521-38850-3.
  • A. Leo Oppenheim, Ancient Mesopotamia, University of Chicago Press, (Chicago 1977), ISBN 0-226-63187-7.
  • Beck, Roger B.; Linda Black, Larry S. Krieger, Phillip C. Naylor, Dahia Ibo Shabaka, (1999). „World History: Patterns of Interaction“. Evanston, IL: McDougal Littell. ISBN 0-395-87274-X. 
  • Leick, Gwendolyn (2002). „Mesopotamia: The Invention of the City“. Penguin Books. ISBN 0-14-026574-0. 

Надворешни врски[уреди]