Зигомикоти

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Зигомикоти
Спорангија на Phycomyces sp.
Научна класификација
Царство: Габи
Оддел: Zygomycota
Редови

Mucoromycotina:

Kickxellomycotina:

Entomophthoromycotina:

Zoopagomycotina:

Зигомикотите (лат. Zygomycota) се тип на габи. Името доаѓа од зигоспорангиите во кои се образуваат отпорни сферични спори за време на половото размножување. Познати се приближно 1060 видови. Тие се најчесто сувоземни организми, живеејќи во почва или на растителна материја што се распаѓа или на животинска материја. Некои се паразити на растенија, инсекти и мали животни, додека други образуваат симбиотски односи со растенијата.[1] Зигомикотните хифи можат да бидат ценоцитни, формирајќи септи само онаму каде се создаваат гамети или со цел да се оградат од мртвите хифи.

Размножување[уреди]

Вообичаен пример за зигомикота е црната лебна мувла (Rhizopus stolonifer), член на редот Mucorales. Таа се раширува на површината од лебот и други прехранбени производи, при што вметнува хифи во внатрешноста да црпат хранливи материи. Во својата бесполова фаза, таа развива булбозни црни спорангии на врвовите од исправени хифи кои содржат илјадници хаплоидни спори. Како и кај повеќето останати зигомикоти, бесполовото размножување е најчест начин на размножување. Половото размножување кај Rhizopus stolonifer, како и кај другите зигомикоти, се случува кога хаплоидните хифи на различни полови типови се доближени. Растот на гаметангиите започнува по нивното зближување, при што настанува плазмогамија (спојување на цитоплазмите). Кратко по ова следува кариогамија (спојување на јадрата). Добиените зигоспорангии се диплоидни. Зигоспорангиите обично се со дебели ѕидови, многу отпорни на промени во средината и метаболички инертни. Со подобрување на условите во средината тие герминираат и даваат спорангија или вегетативни хифи. Мејозата се случува за време на герминацијата на зигоспорангијата, така што добиените спори или хифи се хаплоидни. Овој вид расте во топли и влажни места.

Некои зигомикоти ги расејуваат нивните спори на попрецизен начин наместо едноставно со воздушните струења. Pilobolus, габа која расте на измет од животни, ги насочува своите спорангиофори кон светлината со помош на светлосензитивен пигмент и потоа ги "испукува" со експлозивен млаз на цитоплазма под висок притисок. Спорангиите можат да се исфрлат и до 2 m, сместувајќи ги подалеку од изметот и најдобро би било тоа да е на вегетација која би била подоцна изедена од тревојад, за да на крајот се исфрлат со изметот на друго место. Кај зигомикотниот ред Entomophthorales се развиле различни механизми за насилно ослободување на спорите.

Филогенија[уреди]

Зигомикотите обично се поставени близу основата на филогенетското дрво на габите, при што дивергирале од други габи после хитридите.

Молекуларната филогенетика открива дека тие образуваат полифилетска група, што значи дека треба да се разделат на неколку нови типови.[2]

Редот Glomerales е отстранет од овој тип во 2001 г. и е подигнат до ниво на оддел (или тип) наречен Glomeromycota[3][4] поради тоа што кај претставниците отсуствува формирање на зигоспори, потоа микоризниот начин на живот и недостатокот на хомологија на ДНК секвенците.

Наводи[уреди]

  1. Raven, P. H., Evert, R. F., & Eichhorn, S. E. (2005). Fungi. In Biology of plants (pp/ 268-269). New York: W.H. Freeman and Company.
  2. Hibbett DS, Binder M, Bischoff JF, et al. (May 2007). „A higher-level phylogenetic classification of the Fungi“. „Mycol. Res.“ 111 (Pt 5): 509–47. doi:10.1016/j.mycres.2007.03.004. PMID 17572334. http://linkinghub.elsevier.com/retrieve/pii/S0953-7562(07)00061-5. 
  3. „Zygomycota“. http://www.tolweb.org/Zygomycota. конс. 7 март 2009. 
  4. Schüßler, A.; Schwarzott, D.; Walker, C. (2001). „A new fungal phylum, the Glycomycota: phylogeny and evolution“. „Mycol. Res.“ 105: 1413–1421. doi:10.1017/S0953756201005196.