Здружение на новинарите на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Здружение на новинарите на Македонија
Основана17 февруари 1946[1]
ВидЗдружение на македонските новинари
СедиштеСкопје, Македонија Македонија
Членство2.541 членови
830 (активни)
ПретседателМладен Чадиковски[2]
Мреж. местоhttp://www.znm.org.mk/

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) — официјалното здружение на професионалните новинари од Република Македонија и членка на Меѓународната федерација на новинари. Основано е на 17 февруари 1946 година во Скопје како Здружение на професионалните новинари на Народна Република Македонија. Сегашен претседател е Младен Чадиковски, новинар на Телевизија 24. Здружението секоја година ги доделува новинарските награди „Крсте Мисирков“[3].

Основачко собрание[уреди | уреди извор]

17 февруари 1946 година во Градскиот народен одбор во Скопје, на повик на Акциониот одбор за основање на Здружение на професионалните новинари на Народна република Македонија, се состанаа новинарите од следниве скопски редакции: “Нова Македонија”, “Трудбеник”, “Единство”, Радио Скопје и дописништвото на агенцијата Танјуг и го основаа првото здружение на новинарите во историјата на Македонија.

Основачкото Собрание го отвори одговорниот уредник на скопскиот весник “Единство”, Димитар Митрев. Потоа, учесниците на Собранието ги поздравија и им посакаа успешна работа претставникот на Сојузот на здруженијата на новинарите на Југославија, Дојчило Митровиќ, Здружението на новинарите на Хрватска, Здравко Печар и Здружението на новинарите на Србија, Слободан Ивановиќ. Во име на Народната влада на Македонија, Собранието го поздрави др. Павел Шатев, министер за правосудство, а во име на македонските книжевници, композитори и артисти, поетот Венко Марковски.

Првиот претседател на ЗНМ, Мито Хаџивасилев - Јасмин

По изборот на работното претседателство, Методи Мито Хаџивасилев, одговорен уредник на „Нова Македонија” поднесе реферат за значењето и задачите на македонскиот печат и радио. По освртот за обидите на покренувањата на печатот на македонски јазик пред народноослободителната борба, Хаџивасилев зборуваше за појавувањето на првите весници и билтени на територијата на Македонија на македонски јазик, веднаш после капитулацијата на стара Југославија и за големата улога во подигањето на борбената подготвеност на македонски-от народ. Поточно, тие весници, зачетоци на слободниот печат, беа големи фактори во разоткривањето на окупаторите коишто во Македонија се прикажуваа како “ослободители”.

Голем дел од својот реферат, Хаџивасилев го посвети на улогата на печатот и радиото во обновувањето на разрушената земја од војната, како и во будењето и зајакнувањето на националниот дух на Македонците што се наоѓаа вон границите на Македонија.

После рефератот имаше дискусија. Учесниците во дискусијата, големо внимание им посветија на проблемите околу чистотата на македонскиот јазик и јазикот воопшто, како голем фактор за развивањето на печатот. Состојбите во Македонија беа такви, печатот воедно да биде и учебник. Во училиштата што работеа на албански и турски јазик, весниците беа извор на училишниот материјал. Тоа уште повеќе ги обврзува новинарите да го усовршуваат чистиот македонски јазик, да помогнат во збогатувањето со зборови и изрази.

Поздравувајќи ги учесниците на Основачкото собрание, Павел Шатев, министер за правосудство на македонската влада зборуваше за историјата на публицистиката и новинарството воопшто. Во своето излагање тој се осврна на улогата, работата и заслугите на познатиот македонски публицист Арсени Јовков, роден во околината на Дебар, познат напреден публицист и главен уредник на весникот “Илинден”.

Собранието посебно внимание им посвети на проблемот со кадрите на македонските редакции. Македонија ослободувањето го дочека со околу 300 лица кои имаа факултетско образование. Животот на младата Република бараше кадри на сите полиња, а и во странство. По пат на нивното брзо усовршување отидоа сите македонски служби и институции, па и редакциите. Тешкотии имаше само во тоа што во другите служби можеше да се добие помош на кадри од другите републики, а во новинарството, заради специфичноста на работите и јазикот, воглавно техничката помош можеа да ја дадат новинарските куќи од Белград и Загреб.

Усвоен е со помали измени и дополненија Нацрт Правилникот на Здружението.

После дискусијата за претседател на Здружението на новинарите на Македонија едногласно беше избран Мито Хаџивасилев-Јасмин, одговорен уредник на „Нова Македонија”. За потпретседатели се избрани Асен Тодоров, уредник на дописништвото на “Танјуг” и др Пјетро Јанура, одговорен уредник на весникот “Фљака е влазримит”, за секретар Дејан Алексиќ, раководител на дописништвото “Танјуг”, а за благајник Тошо Шкартов, член на редакцијата “Нова Македонија”. Собранието избра Пленум, Надзорен одбор и Суд на честа.

За почесни членови едногласно беа избрани: Димитар Влахов, Павел Шатев, Бане Андреев, Алексо Муртаклов, Димитар Поп Ефтимов, Киро Миљовски, Веселинка Малинска и Лилјана Чаловска.

Организациона структура[уреди | уреди извор]

Здружението има Претседател, Генерален секретар и Извршен одбор. На второстепено ниво се наоѓа Советот на честа и Надзорниот одбор.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Како Здружение на професионалните новинари на Народна Република Македонија
  2. За нас - ЗНМ
  3. „НАГРАДИ "Крсте Мисирков". Архивирано од изворникот на 2006-09-01. Посетено на 2008-10-16.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]