Зајакот без уши и пилето со уши

Од Википедија — слободната енциклопедија

Зајакот без уши и пилето со уши (германски: Keinohrhase und Zweiohrküken) е германски анимиран филм од 2013 година, во режија на Маја Грефин Роткирх (Maya Gräfin Rothkirch) и Тил Швајгер (Til Schweiger). Гласовите во филмот ги позајмуваат: Ема Швајгер (Emma Schweiger), Тил Швајгер, Матијас Швајгхефер (Matthias Schweighöfer) итн. Филмот е направен како спореден производ на играниот филм „Зајакот без уши“ од 2007 година, кој бил голем хит во Германија.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Во близина на шумата живее зајак кој се разликуваод другите зајци по тоа што нема уши. Поради тоа, тој е предмет на исмевање од другите зајци и никој од шумските животни не сака да игра со него, па дури ни лисецот не сака да го брка. Зајакот е осамен и разочаран и посакува да си најде другар со кого ќе може да си игра. Еден ден, пред влезната врата наоѓа јајце, кое го зема дома и се грижи за него. По некое време, од јајцето се излегува чудно пиле, кое има уши.

На почетокот, зајакот се грижи за пилето на зајачки начин, сè додека тоа не му стави до знаење дека му е смачено од зајачката храна и зајачките игри и дека сака да биде третирано како пиле. Еден ден, од телевизијата пилето дознава дека птиците летаат и тоа посакува да може да лета. Зајакот и пилето одат кај другите пилиња за да прашаат како се лета, а тие им кажуваат дека пилињата не можат да летаат. Сепак, зајакот и пилето не се предаваат и тоа напорно вежба, подготвувајќи се за својот прв лет. Тогаш, на ливадата се собрани сите зајци и пилиња, но обидот на пилето да полета завршува неславно.

Пилето е разочарано и ја напушта куќата од зајакот, а тогаш го уловува лисецот, кој сака да го изеде. Сепак, зајакот успева да го најде пилето и да му ја врати надежта дека може да полета. Имено, зајакот согледува дека при силно струење на воздухот, пилето се крева во воздух и добива идеја да го искористи ветрот. Најпосле, еден ветровит ден, пилето успева да полета.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]