Залив

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Заливот на охридското пристаниште.

Залив е голема водна површина поврзана со море или океан, образувана со вовлекување на земјата поради пречката што ја поставува околното земјиште на брановите и ветерот.[1] Заливите се јавуваат и кај езерата и барите. За заливи можат да се сметаат и тесните површини како фјордовите, гленовите и драгите.

Заливите имаат историско значење за населувањето на местата како безбедно место за риболов. Класичен пример за ваквата улога на заливите е неолитската наколна населба во Заливот на Коските на Охридското Езеро.[2] Подоцна, морските заливи одиграле значајна улога во развојот на поморската трговија и, како мирни сидришта, во нив се граделе пристаништа.[3]

Настанок[уреди]

Заливите се создаваат на различни начини. Најголемите настануваат како резултат на континенталното поместување.[3] Со разделувањето на суперконтинентот Гондвана долж закривени и вовлечени раседи, континентите се одвоиле и така се создадени најголемите заливи во светот. Такви се Гвинејскиот, Персискиот, Алјаскиот, Мексиканскиот и Бенгалскиот Залив, кои се најголеми во светот.[3]

Друг начин на образување на заливите е преку глечерска или речна ерозија.[3] Ако е настанат од глечер, заливот се нарекува фјорд. Ријасите настануваат од реки и се одликуваат со постапен спуст на теренот. Највеќето заливи се настанати со набирање на земјината кора и постепено одронување на брегот предизвикано од бранови и струи.[3] Помеките карпи се ронат побргу, додека кај тврдите истото се одвива бавно. Помеките делови се претвораат во заливи, а потврдите остануваат како 'ртови. Калифорнискиот Залив е пример за залив настанат со набирање.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. „http://www.yourdictionary.com/bay“. http://www.yourdictionary.com/bay. конс. 24 март 2012. 
  2. Плоча Миќов Град во Заливот на Коските - Паско Кузман, Македонски археолошки весник
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Carreck, Rosalind, уред (1982). „The Family Encyclopedia of Natural History“. The Hamlyn Publishing Group. стр. 202. ISBN 011202257.