Заемоделувачки галаксии

Од Википедија — слободната енциклопедија
Галаксиите NGC 3169 (лево) и NGC 3166 (десно) се достатно блиску за да бидат засегнати од гравитациските сили на другиот

Заемоделувачки галаксиигалаксии чии гравитациски полиња предизвикуваат меѓусебни пореметувања во нив. Пример за мало пореметување е она што го врши придружна галаксија врз спиралните краци на главната галаксија. Пример за крупно заемодејство е судир помеѓу две галаксии.

Придружно заемодејство[уреди | уреди извор]

Во вселената често се среќава една џиновска галаксија која заемодејствува со нејзините придружници (сателити). Гравитацијата на сателитот може да ги привлекува спиралните краци на главната галаксија. Друга можност е сателитот да се втурне во главната галаксија (на пр. џуџестата елиптична галаксија Стрелец). Ова може да предизвика мало количество на ѕвездообразба.

Галактички судир[уреди | уреди извор]

Галаксии во спојување

Во развојот на галаксиите, често се јавува судир помеѓу нив. Поради крајно тенката распределба на материјата во галаксиите, помеѓу нив не се случуваат вистински „судири“, туку гравитациско заемодејство. Ова може да доведе до нивно спојување, што се случува кога ќе се судрат, но немаат доволно залет за да продолжат да се движат по судирот. Во вакви случаи тие се привлекуваат и се спојуваат откако ќе минат една низ друга многупати, образувајќи нова галаксија. Ако едната е многу поголема од другата, таа ќе остане претежно непроменета (ќе изгледа исто), додека пак помалата ќе се расчини и ќе се припои кон неа. Минувањето како такво не го менува обликот на галаксиите, но доколку тие се спојат, тогаш обликот не останува ист.

Судири помеѓу галаксии денес често се симулираат на сметачи, вклучувајќи ги сите веродостојни физички чинители како гравитациските сили, растерување на гасот, ѕвездообразба и повратните дејства. Динамичкото триење ги забавува галактички парови, кои во даден момент може да се спојат или да не се спојат, зависно од првичната релативна енергија на орбитите.

Галактички канибализам[уреди | уреди извор]

Галактички канибализам е процес при кој една голема галаксија делува со плимни гравитациски заемодејства со некоја помала, за потоа да ја припои во себе, и станува поголема неправилна галаксија (понекогаш елиптична).

Се смета дека во моментов се одвива галактички канибализам помеѓу Млечниот Пат и Големиот и Малиот Магеланов Облак. Како доказ за ова се посочени тековите од водород кои се излачуваат од Магаленовите Облаци и влегуваат во Млечниот Пат.

Замодејства во јата[уреди | уреди извор]

Заемодејствата во јата се случуваат помеѓу една галаксија со мала сјајност и друга која е посјајна, при што дејството се случува во густи галактички јата како она Девица и Береникина коса. Тие галаксии се движат со големи релативни брзини и често се среќаваат со други системи од јатото поради неговата густина.

Според сметачките симулации, овие заемодејства ги претвораат пореметените системи во пречкести спирални галаксии и, ако има повеќе средби, создава ѕвездородна галаксија со губиток на аголен залет (момент на импулсот) и загревање на нивниот гас. На крај настанува претворање на спирални галаксии со мала сјајност (од подоцнежен вид) во џуџести сфероидни и џуџести елиптични.[3]

Ова е заклучено од испитувањето на џуџестите галаксии од ран вид во јатото Девица, при што во нив се најдени структури како дискови и спирални краци, што укажува на тоа дека тие се некогашни дискови системи преобразени со заемодејства.[4]

Позначајни заемоделувачки галаксии[уреди | уреди извор]

Назив Вид Оддалеченост
(мил. сг)
Величина Забелешки
Млечен Пат, ГМО и ММО SBc/SB(s)m/SB(s)m pec 0 Satellites interacting with their primary
Вител (M51) SAc (SB0-a) 37 +8.4 Satellite interacting with its primary
NGC 2207 and IC 2163 SAc/SAbc 114 +11 galaxies going through the first phase in galactic collision
Глувци (IC 819/20) S0/SB(s)ab 300 +13.5 galaxies going through the second phase in galactic collision
NGC 1097 SB(s)bc (E6) 45 +9.5 Satellite interacting with its primary
Пипки (NGC 4038/9) SAc/SBm 45 +10.3 galaxies going through the third phase in galactic collision
NGC 520 S 100 +11.3 galaxies going through the third phase in galactic collision

Иден судир на Млечниот Пат со Андромеда[уреди | уреди извор]

Астрономите проценуваат дека Млечниот Пат (нашата галаксија) ќе се судри со галаксијата Андромеда за околу 4,5 милијарди години. Се смета дека овие две спирални галаксии ќе се спојат, и дека ќе образуваат елиптична галаксија.[5][6]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Galactic soup“. ESA/Hubble Picture of the Week. Посетено на 18 August 2014.
  2. „The messy result of a galactic collision“. ESA/Hubble Picture of the Week. Посетено на 29 May 2013.
  3. Galaxy Harassment
  4. More evidence for hidden spiral and bar features in bright early-type dwarf galaxies
  5. Hazel Muir, "Galactic merger to 'evict' Sun and Earth," New Scientist 4 мај 2007 Архивирано на 10 октомври 2008 г.
  6. Astronomy, јуни 2008, стр. 28, Abraham Loeb and T.J. Cox

Надворешни врски[уреди | уреди извор]