Загрос

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Топографска карта на Иран со венцот Загрос
Загрос од вселената во 1992 г.

Загрос (персиски: رشته كوه زاگرس, курдски: زنجیره‌چیاکانی زاگرۆس, лурски: کو یه لی زاگروس, арапски: جبال زغروس, асирски новоарамејски: ܛܘܪ ܙܪܓܣ) — најголемиот планински венец во Иран и Ирак, со вкупна должина од 1.500 км. Се протега накосо од северозападен Иран, по целата должина на западниот и југозападниот дел на Иранската Висорамнина, па завршува во Ормускиот Проток. Највисоки планини во венецот се Зардкух и Дена. Системот има и источен крак во облик на масивот Хазаран во покраината Керман, при што Џебал Барез доаѓа дури до Систан.

Екологија[уреди]

Планините на Загрос опфаќаат неколку екосистеми. Од нив преовладуваат шумските и шумостепските предели со полусува клима. Во средните и повисоките планински предели преовладува шумостепскиот екорегион[1]. Годишното количество на врнежи се движи од 400 до 800 мм и се јавува претежно во зима и на пролет. Зимите се остри и со мошне ниски температури (често −25°C). Екорегионот е пример за континентална варијанта на средоземната климатска шема која е слична на онаа во Македонија — студени снежни зими и блага врнежлива пролет, проследена од суво лето и сува есен.[2]

Иако денес е пореметено поради преиспаша и обесшумување, подрајчето на Загрос има богат и разновиден растителен живот. Сè уште се среќаваат остатоци од некогашните дабови шумски предели, како и проретчените кории од ф’стак и бадем. На планините виреат и дивите предци на најзастапените прехранбени култури како пченицата, јачменот, леќата, бадемот, оревот, ф’стакот, кајсијата, сливата, калинката и грозјето.[3] Планините имаат и поголем број на загрозени видови, како што се загрошкиот глувчовиден крчок, ирачкиот трскар и пругавата хиена. Порано се мислело дека персискиот елен лопатар е исчезнат, но во најново време се пронајдени единки во јужниот дел на планиинте.

Историја[уреди]

Во подножјето на Загрос се пронајдени знаци на земјоделски активности од барем 9000 години п.н.е.[4] во местата што подоцна станале градови како Аншан и Суза. Во тоа подрачје се наоѓа и пештерата Шанидар, каде се ископани останки од неандерталци.

Во местата Хаџи Фируз Тепе и Годин Тепе се најдени најстарите винарски визби (3500 и 5400 г. п.н.е.).[5]

Во пораните периоди на стариот век на планините живееле разни древни народи како Каситите, Гутејците, Асирците, Еламците и Митаните, кои повремено поаѓале во походи и ги заземале сумерските и акадските градови во Месопотамија. Некои места како Тел Базмусијан кај Шемшара биле од VI милениум п.н.е. до IX век н.е..[6]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. „Шумостепи на Загрос“ (PA0446) — Wildfinder (Светски фонд за природа) (англиски)
  2. Frey, W.; W. Probst (1986). Kurschner, Harald. уред. „A synopsis of the vegetation in Iran“. „Contributions to the vegetation of Southwest Asia“ (Wiesbaden, Germany: L. Reichert): 9–43. ISBN 3-88226-297-4. 
  3. Cowan, edited by C. Wesley; Nancy L. Benco; Patty Jo Watson (2006). „The origins of agriculture : an international perspective“ (Ново издание). Tuscaloosa, Ala.: University of Alabama Press. ISBN 0-8173-5349-6. http://books.google.com/books?id=Sl8w4FwWi48C&lpg=PT50&ots=UXs4_JVtCH&dq=pistachio%2Falmond%20steppe&pg=PT50#v=onepage&q=pistachio/almond%20steppe&f=false. конс. 5 мај 2012. 
  4. La Mediterranée, Braudel, Fernand, 1985, Flammarion, Paris
  5. Phillips, Rod. A Short History of Wine. New York: Harper Collins. 2000.
  6. Al-Soof, Behnam Abu (1970). „Mounds in the Rania Plain and excavations at Tell Bazmusian (1956)“. „Sumer“ 26: 65–104. ISSN 0081-9271. 

Надворешни врски[уреди]