Забрдени (Леринско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Заб’рдени)
Забрдени
Λόφοι
Забрдени is located in Грција
Забрдени
Забрдени
Местоположба во областа
Забрдени во рамките на Лерин (општина)
Забрдени
Местоположба на Забрдени во општината Лерин и областа Западна Македонија
Координати: 40°47.42′N 21°35.18′E / 40.79033° СГШ; 21.58633° ИГД / 40.79033; 21.58633Координати: 40°47.42′N 21°35.18′E / 40.79033° СГШ; 21.58633° ИГД / 40.79033; 21.58633
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерински
ОпштинаЛерин
Општ. единицаОвчарани
Надм. вис.&10000000000000720000000720 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно355
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Забрдени (грчки: Λόφοι, Лофи; до 1926 г. Ζαπύρδανη, Запирдани / Ζαμπύρδενη, Забирдени / Ζαμπύρδανη, Забирдани[2]) — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Лерин на истоимениот округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението брои 355 жители (2011), сочинето исклучиво од Македонци.[3]

Географија[уреди | уреди извор]

Селото е сместено 24 км источно од Лерин, во источниот крај на Леринското Поле. Кежи во подножјето на ридот Веливор, еден од разграноците на Мала Ниџе во состав на Кајмакчалан. Заобиколено е со ридови (брда), на што го должи своето име. Крај него се наоѓа дабовата шума Ѓоница.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Североисточно од Забрдени во месноста Селиште се најдени наоди од керамика, но не се извриешни ископувања. Во месноста Симитрија има остатоци од стара населба.

Во Отоманското Царство[уреди | уреди извор]

Селото за првпат се спомнува во османлиски дефтер од 1481 г. како Забрдени со 80 домаќинства кои се занимаваат со одгледување на лозја, ореви и правење мед.[5]

Во даночните записници на христијанското население од Леринскиот вилает за 1626-27 г. селото е означено како Забурдани со 62 даночни домаќинства[6]. Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович („Очерк путешествия по Европейской Турции)“ ги опишал Забердин како македонско село.[7][8]

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Забрдени (Zabrdéni) имало 60 домаќинства со 152 жители Македонци.[9][10]

Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во Забрдени живееле 325 Македонци християни.[9][11] На почетокот на XX век целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија, која правела обиди да ја вкорени бугарската пропаганда во селото. По Илинденското востание на неколку наврати е напаѓано од грчката вооружена пропаганда (андартите). По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во селото имало 344 Македонци под егзархијата и работело бугарско училиште.[9][12]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Забрдени се води како чисто македонско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 43 куќи.[13]

Во 1905 г. селото пострадало од андартски напади.[14] Истата година овие гркомански и грчки единици ја запалиле големата селска црква „Св. Никола“ — камена базилика без купола со женска црква (емпора).[15]

Според Боривое Милоевиќ, пред Балканските војни селото имало 40 куќи.[3]

Во Грција[уреди | уреди извор]

За време на Првата балканска војна во 1912 г. кај Забрдени грчката армија претрпила пораз од силите на Џавид-паша и времено се повлекла.[16]. Подоцна селото е окупирано од грчка војска. По Втората балканска војна во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога Забрдени броело 358 жители.[3] Во 1916 г. за време на Првата светска војна селото за кратко е окупирано од бугарската армија. Во 1920 г. во селото се попишани 306 лица.[3] Во 1926 г. властите го преименувале во Лофи, што значи „ридови“, како своевиден превод на македонското име.[17] На пописот од 1928 г. е забележан пораст на 417 жители.[3] Во 1932 г. според грчките влати во Забрдени се заведени 71 македонојазични семејства, од кои 60 биле со изјавена македонска национална свест[18]

Меѓу двете светски војни само незначителен број на жители се иселиле во прекуокеанските земји и Бугарија. На пописот од 1940 г. Забрдени имало 516 жители.[3] Во април 1941 г. селото е окупирано од бугарската војска и воспоставена е бугарска општинска власт.[19]

Според грчки податоци од 1945 г. во селото има 597 македонојазични жители, од кои 400 со „негрчка национална свест“, 50 наводно со „грчка“ (што е сомнително) и 147 со „неутврдена“. Забрдени не настрадало позначајно во Граѓанската војна, па затоа од него во Р. Македонија и источноевропските земји се иселиле само четири семејства и извесен број поединци.[3] Намалувањето на населението во следните периоди се должи на иселување во прекуокеанските земји.

Според истражување од 1993 г. селото е чисто „словенојазично“ и во него македонскиот јазик е одлично зачуван.[20]

Во средината на октомври 2008 г. жителите на селото одржале протести против воената вежба на грчката армија што требала да се одржи во непосредна близина на селото, како и против приведувањето на македонски новинари. Ова предизвикало интервенција од грчката полиција, приведувајќи 4 лица, а едно било полесно повредено[21]. Прекршочни пријави за овие инциденти биле покренати против 7 жители на Забрдени[22].

Цркви[уреди | уреди извор]

Селото има две цркви:[23]

  • „Св. Константин и Елена“
  • „Св. Димитрија“

Селска слава е Митровден.

Население[уреди | уреди извор]

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011
Население 516 514 541 443 458 470 445 355
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Родови[уреди | уреди извор]

Според истражувањата на Боривое Милоевиќ од почетокот на XX век, во Забрдени се забележуваат следниве староседелски родови:[24]

Ташемини (7 куќи), Мицковци (3 к.), Настасовци (5 куќи), Крстовци (2 куќи), Стефо Јован (1 куќа), Костадиновци (3 куќа), Кирковци (4 куќи), Наце Гиче (1 куќа), Мицевци (2 куќи), Илија Дело (1 куќа), Дафо Јане (1 куќа), Мицо Василов (1 куќа), Петко Аврам (1 куќа), Трпчевци (3 куќи), Таше Мине (1 куќа), Танчии (1 куќи) и Ташовци (3 куќи).

Дојденци се потомците на Овчарец (1 куќа), доселен од селото Овчарани.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Населението се занимава со земјоделство и сточарство. Главни производи се житото и тутунот.[3]

Личности[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Ζαπύρδανη - Λόφοι
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 154.
  4. Ο τόπος μου
  5. Kravari, Vassiliki. Villes et villages de Macédoine occidentale, Realites byzantines, Paris: Editions P. Lethielleux, 1989, p. 351. ISBN 2283604524.
  6. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 333
  7. Нарекувајќи го „бугарско“ под влијание на бугарската пропаганда.
  8. Григорович, В. Очеркъ путешествія по Европейской Турціи, Москва, 1877, стр. 93.
  9. 9,0 9,1 9,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  10. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 82-83.
  11. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистик, София, 1900, стр. 249.
  12. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 176-177.
  13. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 25.
  14. Даскалов, Георги. Българите в Егейска Македония, МНИ, София, 1996, стр. 64.
  15. „Ο ΤΟΠΟΣ ΜΟΥ ΛΟΦΟΙ ΦΛΩΡΙΝΑ“. Посетено на 12 јануари 2015.
  16. Спомени на Георги Поп-Христов
  17. „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  18. Нарекувајќи ја нивната свест „бугарска“ поради грчкото непризнавање на македонскиот идентитет.
  19. Даскалов, Георги. „Българите в Егейска Македония, мит или реалност“, Македонски научен институт, София, 1996, стр. 489.
  20. Riki Van Boeschoten. "Usage des langues minoritaires dans les départements de Florina et d’Aridea (Macédoine)"
  21. http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=AA9BC53B3B58DE4886A2AF7B9107F49C
  22. Напис во „Дневник“[мртва врска]
  23. Портал на поранешната Општина Овчарани[мртва врска] (грчки)
  24. Милојевић, Боривоје. Јужна Македонија.
  25. „Elizabeth Kolupacev Stewart, For Sacred National Freedom: Portraits Of Fallen Freedom Fighters, Politecon Publications, 2009“. Архивирано од изворникот на 2019-12-14. Посетено на 2019-12-14.