Жолто Море

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Карта на Жолтото Море

Жолтото Море е плитко со рамно дно и претставува делумно затворен ракав на Тихот Океан. Најголемиот дел се наоѓа југозапад од јужниот дел на Корејскиот Полуостров. Понатаму на север има две продолженија на морето: Корејскиот Залив на североисток и заливот Би Хаи, на северозапад, во кој се влева Жолтата Река. Жолтото Море името го добило по бојата на водата која е полна со тиња од Жолтата Река, Јангцекјанг и другите големи реки. Дното на Жолтото Море во поголемиот дел е континентален подводен гребен кој пред 10,000 години бил суво копно или широка утока на Жолтата Река. Во близина на брегот на Кина има многу песочни плитки делови, а недалеку од брегот на Кореја има неколку мали острови. Топлата струја доаѓа од југоисток до средината на Жолтото Море, а по должината на брегот, струите течат кон југ. Приливот во ова море е многу силен, особено оп должината на западниот брег на Корејскиот Полуостров, а најголемата амплитуда на приливот е 8 м. Површинската температура на морето има големи колебања, од близу температурата на мрзнење на север за време на зимата се до 28 степени во плитките делови за време на летото. Жолтото Море е многу богато со риби кои живеат на дното, а ги ловат рибарските бродови од Кина, Јапонија, Северна и Јужна Кореја.