Жолтоного блатарче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Жолтоного блатарче
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Фамилија: Блатарки
Род: Charadrius
Вид: Жолтоного блатарче
Биномен назив
Charadrius morinellus
Linnaeus, 1758

     Лето      Зима

Жолтоногото блатарче (науч. Charadrius morinellus) е мала крајбрежна птица од фамилијата блатарки. Се рзамножува во арктичките тундри на северна Евроазија, од Норвешка до источен Сибир и на погодни висорамнини во Шкотска и на Алпите. Се среќава и во Македонија при преселбата во северна Африка. Миграциските престојувалишта се традиционални, внатреконтинентални, обично широки обработливи или тревни површини. Зимата ја поминува во полупустински предели.

Опис[уреди]

Жолтоногото блатарче е малку помало и покомпактно од златното блатарче. Сите пердуви му завршуваат со бел раб и има еднобојни крилја во лет. Летно време, возрасните не можат да се згрешат, тие имаат костенливи гради обрабени со бело одозгора, црн стомак и топла кафеава боја на грбот. Нозете се жолти, а краткиот клун е црн. Женките се малку посветли од мажјаците.

Зимно врме им недостига богатата долна обоеност на пердувите, одвоена со белата градна линија и се посиви одозгора. Младенчињата се слични, но имаат полушпест изглед на грбот.

При лет се огласуваат со меко пиирр, а песната на женките е едноставно повторувачко свиркање.

Однесување[уреди]

Живеалиштето на жолтоногото блатарче се сувите карпести ридови, покриени со ретки лишаи, мов и нискорастечка трева. Во планините сака области со рамен терен од камени плочи, на рабовите од шумата, со ретка вегетација.[2][3] Во планините на Централна Азија гнезди на надморска височина од 3500 метри, во швајцарските Алпи во Европа до 2600 метри надморска височина, во австриските Алпи на околу 2200 метри надморска височина. [4]

Размножување[уреди]

На местата за гнездење птиците пристигнуваат во мали јата, кога тундрата е само во почеток на пролетта и поголемиот дел од земјата е покриена со снег. Спарувањето се случува во повеќето случаи веднаш по пристигнувањето. Карактеристично во додворувањето е тоа, што различно од другите птици, тоа го прави женката, а не мажјакот. Тогаш таа се обидува да го привлече вниманието на мажјакот, лета високо 100-300 метри, свирка, на земја ја врти главата и мавта со крилјата. Ако мажјакот не одговори на додворувањето, женката се враќа во главната група. Често на еден мажјак му се додворуваат неколку женки, меѓу кои може да настанат и помали конфликти. Јатото често се сели од место на место и постојано го менува својот состав. Оформениот пар се одвојува од главната група и си избира свое место за гнездење, подалеку, и кое подоцна ќе го штити од другите птици. На места каде што условите се ограничени, може да гнездат во мали групи од 2-5 пара. Гнездото обично се наоѓа на рамна, сува земја во мала дупка, слабо послана со растенија, тревки и лишаи. Растојанието меѓу две соседни гнезда е обично од 200 метри до неколку километри.[5] Женката несе 2-4 јајца, најчесто 3, и 36 часа по снесувањето на последното јајце, го напушта гнездото и целата грижа за инкубацијата и одгледувањето на пилињата му ја остава на мажјакот. Женката може да биде во близина, да ја штити територијата, но може и да направи ново легло со друг мажјак. Инкубацијата трае 23-29 дена и тогаш мажјакот не се одделува од гнездото, па дури и ако му се приближите премногу. Кога ќе се испилат, пилињата веднаш одат по мажјакот, што не е многу лесна задача, особено за последното пиле кое нема време ни убаво да се исуши. Затоа тие често умираат. Уште првиот ден пилињата можат да поминат растојание од 50 метри, а веќе третиот ден и до 700 м. Можат да летаат на возраст од 4 недели.

Исхрана[уреди]

Жолтоногото блатарче се храни со инсекти и други мали без'рбетници, како полжави, црви и школки. Нив ги лови со трчи-застани техника, како морскиот пескар, за разлика од другите блатарки кои претежно полека одат и пасат по крајбрежјето.

Во културата[уреди]

Оваа птица е многу кротка, доверлива и питома. Тоа доведува таа да биде лесен плен на нелегалните собирачи на птици. Нејзината кроткост, пак, во англискиот јазик, придонело зборот dotterel (како што се вика птицата на англиски), да добие негативна конотација, и кога ќе се употреби за човек има значење на „стара будала“. Галскиот назив Amadán има слично значење. Пријателската природа на жолтоногото блатарче го направило да биде и лесен плен за спортскиот лов, па така кралот Џејмс I на Англија, секоја година одел на лов на оваа птица. Исто така, птицата се сметала за деликатес, па 1534 година кралицата Ана Болејн била претставена со гозба со жолтоноги блатарчиња.

Статус[уреди]

На жолтоногото блатарче се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици-преселници.

Галерија[уреди]

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). „Charadrius morinellus. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106003147. конс. 6 октомври 2012.  (англиски)
  2. Дементьев, Гладков, С.51-56
  3. Рябицев, «Птицы Урала, Приуралья и Западной Сибири» С.189-191
  4. Piersma, Wiersma, 1996
  5. Piersma, Wiersma, 1996

Литература[уреди]

Надворешни врски[уреди]