Жолтогрла стрнарка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Жолтогрла стрнарка
Пеење
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Стрнарки
Род: Emberiza
Вид: Жолтогрла стрнарка
Научен назив
Emberiza citrinella
Linnaeus, 1758

Жолтогрлата стрнарка (науч. Emberiza citrinella) е врапчевидна птица овесарка од семејството на стрнарките Emberizidae. Се размножува низ Европа и поголемиот дел од Азија, а населена е и во Нов Зеланд. Ја има и во Македонија. Таа е постојан жител, освен од најсеверните делови на нејзиниот опсег, од каде се сели зиме понајуг. Живее во сите видови отворени пространства со малку грмушки или дрвја, а зимно време формира мали јата.

Многу избразденoпрошараниот грб.

Опис[уреди | уреди извор]

Женка
Emberiza citrinella

Жолтогрлата стрнарка е робусна птица, долга 15.5-17 см, со дебел клун за хранење со семе. Мажјакот има светложолта глава, жолти долни делови, и многу избразденопрошаран кафеав грб. Женките се многу побледи и поизбраздени одоздола. Пеењето му е малку монотоно ци-ци-ци-ци-ци-ци - ииии, обично со последната нота испеана пониско, поретко повисоко.[2].

Распространетост и живеалиште[уреди | уреди извор]

Оваа птица е распространета низ Европа и поголемиот дел од Азија. Во делови од Европа бројот сериозно им се намалува, како на пример, во Велика Британија, од 1970 до 2003 година бројот се намалил за 54%. Мал дел од птиците од најсеверните краишта се преселници, инаку се постојани жители преку целата година.

Во 1862 година била населена во Нов Зеланд и сега е вообичаена и широкораспространета таму. На почетокот од двесеттиот век била сметана за штетник и се нуделе премии за нејзините јајца.[3].

Поведение[уреди | уреди извор]

Живеалиштето на жолтогрлата стрнарка се низините, обработливите површини, нивите, фармите, секаде каде може да се храни со семе. Гнезди по рабовите на нивите, во живите огради, грмушките, во бујната вегетација обрасната околу рововите и сл. Ги претпочита високите до 2 метра живи огради и не гнезди додека не се доволно раззеленети и бујни. Гнездото го сместуваат на земја и несат 3-6 јајца. Пилињата ги хранат со инсекти, а потоа возрасните се хранат со семиња. Зимно време се собираат во помали јата и бараат погодни стрништа каде ќе можат да се хранат.

Занимливости[уреди | уреди извор]

Карл Черни (ученикот на Бетовен, а подоцна и негов помошник), тврди дека Бетовен признал дека идејата за првите четири ноти на познатата Петта симфонија се инспирирани од повикот на оваа птица.[4] Птицата ја пее последната нота пониско, со претходни 5 или повеќе, за разлика од Бетовеновите три, и повремено таа последната нота ја пее повисоко.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Emberiza citrinella. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. Жолтогрла стрнарка http://www.yellowhammers.net/about#section4
  3. Енциклопедија на Нов Зеланд http://www.teara.govt.nz/en/introduced-land-birds/page-13
  4. Bowden, Sylvia (2008). „Влијанието на птичјата песна врз мотивите на Бетовеновата музика“. Музички времиња. 149 (1903): 17–35. Посетено на 8 July, 2013. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]