Жил Ардуен Мансар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мермерна биста на Жил Ардуен Мансар од Жан-Луј Лемоан во раскошна свечена облека
Дворецот Дампје-ан-Ивлин во одомаќинет барокен стил на француската аристократија

Жил Ардуен Мансар (француски: Jules Hardouin-Mansart, Париз, 16 април 1646 - Марли ле Роа, 11 мај 1708) — француски архитект чии дела се сметаат за врвот на француската барокна архитектура, означувајќи ја моќта и величественоста на кралот Луј XIV.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е како Жил Ардуен, и учел кај прославениот брат на дедо му, Франсоа Мансар, еден од основачите на класичната традиција во француската архитектура; Ардуен потоа ја наследил неговата збирка на планови и нацрти и го присвоил неговото прочуено име. Учел и од Либерал Бриан, архитектот на болницата на кралските ветерани во Париз, неречена Les Invalides („Инвалидски дом“). Ардоен Мансар станал главен архитект на Луј XIV, најпрвин доградувајќи го кралскиот дворец Сен Жермен ан Ле, а потоа Версај од 1675. Тогаш станал и Надзорник на Зградите на кралот (surintendant des Bâtiments du Roi). Ги проектирал сите додатоци, проширувања и преградувања во Версај за кралот, меѓу кои и северното и јужното крило, Кралската капела (со Робер де Кот, 1710), и славната Сала на огледалата украсена од Шарл Ле Брен како негов соработник. Вон потесниот дворец, негови дела се и Големиот Тријанон и Оранжеријата, како и споредните кралски згради недалеку од овде, како дворецот Марли (започнат 1679).

Меѓу неговите најпознати дела во Париз се мостот Пон Ројал, црквата Сен Рош, големата засводена кралска капела Eglise du Dome посветена на св. Луј во болницата „Инвалидски дом“ (проект. 1680), Плоштадот на победите (1684–86) проследен од плоштадот Вандом (1690). Речиси сите овие дела имаат оставено силна трага врз карактерот на Париз и лесно можат да се видат од денешниот турист.

Заради неговата највисока позиција, Мансар мал прилика да ги гради најважните споменици во неговото време, и да воспостави стилот за воздржаната подоцнежна барокна архитектура, реформирана со академски детали, со влијание дури до Санкт Петербург и Цариград. Од друга страна, големиот број на неговиот помошен персонал предизвикува критики дека тој бил помалку од директно одговорен за делата градени во негово име.

Ардуен Мансар се смета за еден од најважните европски архитекти од XVII век.

Мансар ја користел мансардата, именувана по неговиот претходник, во дворецот Дампје ан Ивлин, изграден за војводата од Шеврејз, зетот на Жан Батист Колбер, патрон во центарот на дворот на Луј XIV. Овој француски барокен дворец од скромна големина лежи зад убава ограда од ковано железо, окружен со главниот блок на неговите помошни згради, симетричен и поврзан со балустради. Традиционален француски елемент се силно издадените павиљони. Зад ова, централната оска се протега помеѓу некогашните партери, сега косена трева. Паркот со формално обликувана вода бил осмислен од Андре Ле Нотр. Ентериерите се раскошни. Заради неговата скромна големина, овој дворец нѝ дава можност да го споредиме стилот со другите дворци како Хет Ло.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  •  „Jules Mansard“ . Catholic Encyclopedia. New York: Robert Appleton Company. 1913.