Ждребе (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Ждребе“ е расказ од рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1926 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа Култура.

Содржина[уреди | уреди извор]

Среден бел ден, во една коњушница се ождребила кобилата на Трофим. Тоа се случило во екот на борбата меѓу Црвената армија и Козаците, а во такви услови, ждребето претставувало само товар за војската, бидејќи го забавувало нејзиното движење. Затоа, Трофим добил наредба од комесарот на ескадронот да го отепа ждребето. Така, тој ја зел пушката, отишол во коњушницата, но веднаш излегол, правдајќи се пред комесарот дека таа му се закочила. Тогаш, комесарот попуштил и дозволил ждребето да оди со неговата мајка, заедно со војската.

По еден месец, крај селото Уст-Хоперка, ескадронот на Трофим се судрил со еден козачки ескадрон и започнала тешка борба, гради в гради. Поради бавното одење на ждребето, Трофим далеку заостанал зад својата чета и поради тоа се налутил, па пукал во ждребето, но за чудо, не го погодил. Така, тој повторно се смилувал на него. Најпосле, притиснати од Козаците, ескадронот на Трофим ја преминал реката Дон на едно место крај стариот манастир, каде што водената струја била многу силна. Трофим се наоѓал во еден чамец во кој ги пренесувале седлата, додека коњите пливале преку реката. Во моментот кога првите војници на ескадронот преминале на другата страна на Дон, Трофим видел дека немоќното ждребе било зафатено од водената струја и постоела опасност да се удави во еден вител, а по него тргнала и кобилата.

Иако во тој миг, на другата страна на Дон пристигнала непријателската војска, кога го слушнал врескањето на ждребето, Трофим се возбудил, зашто тоа му заличило на детски глас, а тој пет години не ги имал видено своите деца. Поради тоа, наспроти големата опасност, Трофим се фрлил во реката и го спасил ждребето. За тоа време, козачкиот офицер од другата страна на брегот им наредил на своите војници да не пукаат, за да не ги погодат ждребето и кобилата. Меѓутоа, штом тие пристигнале безбедно на брегот на реката, само што се исправил на нозете, Трофим бил убиен со еден истрел во грбот од страна на козачкиот офицер. Гледајќи го ждребето со мајка му, на два чекора од себе, со пена од крв во устата, Трофим успеал да се насмее.[1]

Инаку, на почетокот од кариерата на Шолохов, често се случувало уредниците во списанијата и весниците да менуваат одредени делови од неговите раскази. Таква била и судбината на расказот „Ждребе“, во кој уредниците го преправиле крајот, така што, наместо Трофим, загинало ждребето.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 73-83.
  2. Цветко Мартиновски, „Епопеја - блескав одраз на револуцијата“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 222.