Жамила Колономос

Од Википедија — слободната енциклопедија
Жамила Колономос
Родена 18 јуни 1922
Битола, Кралство СХС
(денес Македонија)
Починала 18 јуни 2013(2013-06-18) (возр. 91)
Скопје, Македонија
Националност Еврејка
Позната партизанка
Сопружник Чеде Филиповски - Даме
Аврам Садикарио

Жамила Ангела Исак Колономос (Битола, 18 јуни 1922 - Скопје, 18 јуни 2013) — македонска револуционерка и првоборец, поранешна професорка по француска филологија, општественик, писател и публицист[1].

Животопис[уреди | уреди извор]

Коломонос е родена на 19 јуни 1922 година еврејско семејство во Битола. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје. Како член на СКОЈ и првоборец од април 1941 година била истакнат организатор на еврејската младина во НОД. Била примена за член на КПЈ од април 1942 и наскоро преминала во илегалство. Од април 1943 станала борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев„. Била заменик политички комесар во Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада и заменик политички комесар на Четириесет и втората (македонска) дивизија на НОВЈ, секретар на баталјонски, бригаден и дивизиски комитет на КПМ. Подоцна била избрана за член на Окружниот комитет на КПМ во Битола и член на ПК на СКОЈ за Македонија од декември 1944. По Ослободувањето била функционер на АФЖ на Македонија, секретар на Окружниот народен одбор во Тетово, кандидат за член на ЦК на КПМ каде била избрана на Првиот конгрес на КПМ[2] и член на ЦК на КПМ избирана на Вториот, Третиот и Четвртиот конгрес на ЦК на КПМ/СКМ, началник на Персоналното одделение во Владата на НРМ, член на Агитпроп на ЦК на КПМ, член на Кадровската комисија на ЦК на КПМ, републички пратеник во Собранието на СРМ во повеќе свикувања, претседател на Сојузот на женските друштва на Македонија, претседател на Републичкиот совет на друштвата за заштита и воспитување на децата и активист на подоцнешниот Советот за грижи и воспитување на децата на Македонија. Избрана за професор емеритус на Катедрата за романска филологија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1962 година. Носител е на Партизанска споменица 1941 и Орден на братството и единството со златен венец. Мажена е за еврејскиот активист од Македонија, Аврам Садикарио со кого го имаат синот Самуел Садикарио. Починала во Скопје на 18 јуни 2013 година.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Автор е на прилози и книги сеќавања и документи за минатото на Евреите во Македонија, посебно во Втората светска војна и НОБ, за јудеошпанскиот јазик и книжевност т.е. јазикот и книжевноста на Сефардите и др[3].

  • Пословице, изреке и приче Сефарда, Београд, 1978;
  • Евреите во Македонија во Втората светска војна (1941-1945), т. 1-2, Скопје, 1986 (коредактор);
  • 500 години од еврејско-шпанскиот јазик во Македонија, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 53-64;
  • Миграциите на Евреите во Македонија од античко време до денес, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 77-85;
  • Учеството на Евреите од Македонија во народноослободителното движење и револуцијата, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 102-147;
  • Евреите во Македонија и нивниот јазик, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 224-249;
  • Морфологија на еврејско-шпанските говори во Битола и Скопје, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 250-270;
  • Евреите во Македонија и нивниот јазик, Јазиците на почвата на Македонија, МАНУ, Скопје, 1996, 111-126;
  • Морфологија на еврејско-шпанските говори во Битола и Скопје, Јазиците на почвата на Македонија, МАНУ, Скопје, 127-138;
  • Sinteyas de los sefardes de la Makedonia: memoria, uzos, mantinision, Скопје,2005;
  • Еврејските заедници во Македонија до 1941 година, Скопските Евреи, Скопје, 2002, 7-51;
  • Monastir without Jews, New York, 2008 (сеќавања).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Најдовска, Бранка Доневска (11 март 2008). „ПОТЕКЛОТО НОСИ ДОСТОИНСТВО, НО НЕ И СРЕЌА“. Глобус. Архивирано од изворникот на 2011-09-29. Посетено на 2009-11-18.
  2. „Прв конгрес на антифашистичката младина на Македонија“. Сојуз на борците на Македонија. Архивирано од изворникот на 2011-07-22. Посетено на 2009-11-18.
  3. „Библиографија“. Музеј на Град Скопје. Архивирано од изворникот на 2008-08-28. Посетено на 2009-11-18.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]