Жаби (комедија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Жаби“
АвторАристофан
Хоржаби, воведеници, жители на Адот
ЛиковиДионис
Ксантија , роб на Дионис
Херакле
труп
Харон
Еак, домар на Адот
слугинка
крчмарка
Платана, служавка во крчмата
Еврипид
Есхил
Плутон
разни статисти
Местопред куќата на Херакле; езерото Ахерон; Адот

Жаби (старогрчки: Βάτραχοι) е комедија на античкиот комедиограф Аристофан која за првпат е изведена на фестивалот „Ленеја“ во состав на Дионисиите во Атина во 405 г. п.н.е.

Содржина[уреди | уреди извор]

Според толкувањето на Радмила Шалабалиќ,[1] идејата која е содржана во комедијата се однесува на напорите на поетот да им укаже на жителите на Атина на можниот излез, некаков спас од потполната пропаст во војната со Спарта. Аристофан ја излага идејата дека за атињаните спасот веќе не е ни во мирот, ни во војната, туку во враќање на идеалите на минатото, идеалите од времето на победата во Маратон и Саламина кои во литературата се симболизирани од јунаците на Есхил. Спасот е во она што е пропуштено: доколку се држеле до принципите на умереност и правичност не би ни дошло до атинскиот империјализам и бескрајното војување.

Во другото значење комедијата на Аристофан претставува прва детална и образложена книжевна критика во современо значење. Неговите проценки за целите на поезијата, препораките и критиките имаат вредност на сериозна теорија. Таа е прв придонес кон книжевната естетика во светската книжевност (Дројзен).

Самиот наслов на комедијата е пародија на софистичко надзборување (кое исто така е критикувано од Аристофан), односно аристократско-олигархиското интелектуално брборење и демократско-демагошкото гласно крекање.

Кратка содржина[уреди | уреди извор]

Во „Жаби“ грчкото божество Дионис, очаен заради состојбата со трагичката уметност во Атина, тргнува во Адот за да го врати поетот Еврипид назад во живите. Со себе го носи својот роб – слуга Ксантија кој е попаметен, посилен, порационален, похрабар и поучтив. Уште на почетокот тие разменуваат реплики со хумор кој треба да ја засмее публиката, но кој всушност повикува на преиспитување на вкусот и на доведување во прашање на стандардите за книжевноста. Исто така служи и за исмевање на некои Аристофанови колеги комедиографи. За да најде соодветен пат до Адот, Дионис бара помош од својот полубрат Херакле кој веќе бил таму кога го земал Кербер. Дионис се појавува на неговата врата преоблечен како него и демонстрирајќи храброст што на Херакле ќе му биде смешно. Пред да ги добие саканите информации Дионис ќе дискутира со Херакле за книжевнoста со што ќе открие што всушност тој бара во Адот – да го врати во живите големиот поет Еврипид бидејќи од оние кои се останати повеќе нема големи поети.

На прашањето кој пат е најбрзиот до Адот, Херакле одговара со три можности: бесење, пиење отров или скокање од кула. Дионис како и Херакле е божество, па ова не се оние патишта кои тој ги бара. Затоа тој ќе се одлучи за патување преку Ахерузиското Езеро – по патот по кој и самиот Херакле одел.

Кога Дионис ќе стигне кај езерото, Харон го носи преку езерото. Но, Ксантија, бидејќи е роб којшто не ја извојувал својата слобода во Битката кај Аргинуза за одбрана на Атина, не може да се вози со чамецот на Харон. Кога Дионис ќе помогне во веслањето на чамецот за првпат ќе се чујат жабите по кои комедијата го носи името. Тие постојано повторуваат: „Брекекекекс, коакс, коакс“ и Дионис се приклучува. Кога ќе стигнат на другиот крај на езерото, Дионис повторно се среќава со Ксантија кој пеш да го обиколил езерото. Таму ги пречекува и плаши чудовиштето Емпуза кое според верувањата може да зема различни застрашувачки облици. Наскоро потоа се појавува хорот на мисти (луѓе кои пред да умрат биле следбеници на култот на Деметра и Персефона и правеле ритуали во Елеусинските мистерии).

Следната средба е со Еак, вратарот на Адот, кој заради маската на Дионис мисли дека тој е Херакле, па сè уште гневен заради тоа што грчкиот јунак го украл Кербер, се заканува дека ќе му се освети со неколку чудовишта. Дионис е уплашен и ја менува својата облека со Ксантија. Тогаш доаѓа слугинката и таа е среќна што го гледа Херакле и го кани на гозба и сега Ксантија радо ја прифаќа таа понуда. Дионис тогаш сака да се врати во облеката, но штом повторно ќе ја земе ќе се сретне со уште луѓе кои му се лути на Херакле и повторно ќе му ја даде облеката на Ксантија.

Конечно се враќа Еак и тој ќе се обиде да разреши кој е божество, а кој човек од овие двајца и иако Дионис ќе каже дека е бог, тој нема да му поверува. Така тој ќе ги камшикува двајцата како тест за тоа кој има навистина натчовечки моќи. Но двајцата издржуваат, и двајцата го поминуваат тестот и тој мора да ги пушти да влезат кај Плутон и Персефона, бидејќи само тие како божества ќе можат да видат кој е навистина божество од гостите во Адот.

А во палатата на Плутон, Дионис го наоѓа Еврипид во конфронтација со Есхил. Еврипид кој е скоро починат, го предизвикува големиот Есхил за титулата „Најдобар трагичен поет“ која дава место на масата покрај Плутон во Адот и која дотогаш му припаѓала на Есхил. Започнува натпревар со Дионис како судија. Двајцата трагичарии еден по друг кажуваат стихови од своите драми и се исмеваат меѓусебно. Еврипид твдри дека ликовите во неговите драми се подобри, бидејќи се поблиски до секојдневниот живот и пологични, додека Есхил верува дека неговите идеализирани ликови се подобри бидејќи се херои и имаат висок морал.

Но, бидејќи поетскиот двобој завршува без победник, Дионис поставува политичко прашање (што е тоа што ќе ја спаси Атина?) за кое двајцата поети треба да го дадат своето мислење. Тука Есхил преовладува и Дионис одлучува да го земе него назад во светот на живите и покрај тоа што неговиот првичен план е да го земе Еврипид. Пред да замине, Есхил објавува дека Софокле, а не Еврипид, треба да го заземе неговото место на масата во Адот.

Композиција и структура на комедијата[уреди | уреди извор]

Композицијата е сочинета од пролог, парода, парабаза, книжевен агон помеѓу Есхил и Еврипид и весел комос на крајот. Во прологот претставен е главниот јунак на комедијата – Дионис, со својот роб Ксантија. Дионис е упатен во долниот свет за да врати назад еден вистинки голем поет како што е Еврипид. Мотивот на симнување во долниот свет често се среќава во митологијата (Орфеј), епот (Одисеј – епизодата со Лестригонците, Кирка, Тиресија), во Енедиа, во Епот за Гилгамеш и во фолклорот на многу народи. Аристофан дава слика на Адот кој е составен од Ахерузиското Езеро, место со застрашувачки бештии и орфичка област која е место за чистење на грешните. Во пародата настапува хорот на мисти, оние кои водат блажен живот во Адот бидејќи биле посветени на Елевсинските мистерии. Пародата содржи коментари упатени до соверемени личности, поети, политичари: комедиографот Кратин, даночникот Торикион, поетот Конесиј, екстремниот демократ и демагог Архедем итн.

Во текот на пародата дејството напредува. Дионис и неговиот роб Ксантија се наоѓаат пред влезот на Адот. Пред вратите доаѓа до замена на идентитеот, а бидејќи Еак, вратарот во Адот, ни со ќотек не може да открие кој е кој, ги испраќа двајцата кај Плутон за да се разреши забуната.

Хорот потоа ја изведува парабазата, интермецо кое не е поврзано со дејството на комедијата, а кое ги коментира актуелните политички случувања во Атина. Хорот бара простување за припадниците на олигархиската партија и ја нагласува вината на нивниот водач Фриних, а останатите ги смета за заведени. Бара за нив да се обезбеди јавно судење, кое е право на сите атињани, и да им се вратат политичките права. Го исмева Клерофонт, демагогот на екстремните демократи, противник на мирот. На крај заклучува дека во Атина се ценат лошите луѓе, а чесните и благородните се отфлени.

Потоа следи вовед во поетскиот натпревар – агонот чиј судија ќе биде Дионис.

Еврипид му замерува на Есхил за статичност и бавно развивање на драмското дејство, за долги делови на глумецот без текст на сцена, за предолги хорски партии, за висок стил, чудни кованици и тавтологија во пролозите. Еврипид го фали своето творештво заради воведување на говорен јазик, целосно претставување на своите јунаци во прологот, прикажување на секојдневниот живот и навики, воведување на ликови од секојдневниот живот кои говорат со јазикот на обичните луѓе и за владеење на здрав разум Есхил му замерува на Еврипид што ја запоставил основната функција на драмската поезија, а тоа е да ги воспитува и учи на морал луѓето, да ја развива свеста и разумот. Идеалот на Есхил е јунаштвото. Тој му замерува на Еврипид за употреба на секогаш истото метричко клише во прологот, честата употреба на демунитив, музички иновации, обработка на тривијални теми со помпезен и патетичен стил, избор на теми и мотиви (инцест и скрвнарење) кои лошо влијаат на граѓаните.

Поетскиот агон е нерешен. На крај Дионис бара совет за Атина. Еврипид бара олигарсите да се врата на власт, а е против Алкибијад. Есхил предлага флотата да се обнови, да се потрошат средства и Спарта да се нападне од море.

На крај победник е Есхил и комедијата завршува со весел комос.

Македонски изданија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. За X фестивал „Стоби“ - Петар Печков