Ернст Рем

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ернст Рем
Ernst Röhm
Роден Ернст Јулиус Рем
Ernst Julius Röhm
28 ноември 1887
Минхен, Германија
Починал 2 јули 1934
стрелан од нацистите
Националност Германец
Занимање воен офицер и началник на СА
Татко
Родители Јулиус и Емили Рем

Ернст Јулиус Рем (германски: Ernst Julius Röhm; 28 ноември 1887, Минхен - 2 јули 1934, Минхен) — германски воен офицер и заповедник и соосновач на нацистичката паравоена единица, СА.

Младост[уреди | уреди извор]

Рем бил едно од трите деца во семејството. Како староседелец во Минхен, Рем служел како офицер во баварската армија за време на Првата светска војна. Имал ранк „Оберлојтнант“ (над поручник) и бил тешко ранет на лицето во септември 1914, во Лорен, Франција. Подоцна бил унапреден.

По крајот на војната во 1918 се приклучил на Слободниот корпус (Фрајкори), една од многуте приватни војски што се создале во Минхен за да се борат против комунистите. Во 1920 станал член на Национал-социјалистичката германска работничка партија (Нацистичка партија) и помогнал во организирањето на СА. Во 1923, по неуспешниот државен удар во Минхен, Рем поминал петнаесет месеци во затвор, време за коешто го засилил своето пријателство со Адолф Хитлер[1].

По ослободувањето на Рем во 1924, работел со Хитлер за оживување на нацистите, но неколку силни разлики се развиле помеѓу нив. Во април 1924 тој помогнал во создавањето на Фронтбан (Frontbann) како легална алтернатива на нефункционалните и нелегални СА. Потоа служел во Рајхстагот како дел од преименуваната „Национал-социјалистичка партија за слобода“ пред да се повлече во 1925. Отпатувал во Боливија, каде што служел како воен советник.

Враќање во Германија[уреди | уреди извор]

Обвинетите за неуспешниот државен удар за време на нивното судење. Рем (втор од десно) стои до Адолф Хитлер

Во 1930, Хитлер лично преземал контрола врз СА. Тој пратил лично барање до Рем да се врати во Германија, нудејќи му ја позицијата на Шеф на вооружените сили (Stabschef) на СА. Рем ја прифатил понудата во 1931, воведувајќи нови радикални идеи во СА. Хомосексуалната определеност на Рем и на некои други водачи во СА, како Едмунд Хајнс, комбинирана со пијанчењето и уличното насилство на СА, придонеле кон одбивноста на германската јавност спрема СА.

Главната функција на СА за време на почетоците на Нацистичката партија била да служи како „политичка војска“. Имале задача да го штитат врвот на партијата и да ги тероризираат политичките противници како комунистичкиот Црвен фронт. Нивното насилство и вознемирување на противничките политички партии придонеле во издигнувањето на нацистите, прво во Минхен, а подоцна низ цела Германија.

Пад[уреди | уреди извор]

По доаѓањето на власт на нацистите во 1933, социјалистичкиот дел од Нацистичката партија, воден од Рем, продолжил да верува во социјализмот на партијата. Овој дел од партијата инсистирал на национализација на големите фирми, профитот да се дели меѓу вработените и да се намали личниот интерес. Сиве мерки што ги барале биле сосема против деловната заедница што го поддржувала Хитлер. Самиот Рем зборувал за „втора револуција“ и за акт против конзервативците, токму како што нацистите направиле против комунистите за време на зацврстувањето на моќта порано истата година (во тоа време, нацистите ги етикетирале нивните десничарски противници како „конзервативци“).

Хитлер брзо ја уверил деловната заедница во нејзината сигурност. Со тоа се отворил еден вид на спор помеѓу Хитлер и СА. Јуришните војници, чии редови воглавно се состоеле од оштетени членови на работничката класа, биле антикапиталистички настроени и се надевале дека ќе добијат нешто од револуцијата којашто ја помогнале со тоа што се тепале на улиците. Хитлер сметал дека јуришните војници се политичка сила што, штом нацистите ќе дојдат до моќ, не е повеќе потребна. Рем, од другата страна, верувал дека судбината на СА е да биде извор на револуционерната армија на Хитлер. Додека Рем не покажувал симпатии спрема пруската војска, Хитлер бил свесен дека немало да дојде до власт без поддршката од армијата, нити да остане на позицијата на водач, ако армијата не се повлекла. Хитлер сфатил дека му е потребна поддршката од армијата за да го наследи осумдесет-и-шестгодишниот Паул фон Хинденбург како претседател и заповедник на вооружените сили кога фон Хинденбург починал.

Во 1934, кога станало јасно дека претседателот слабее и дека му се ближи смртта, многу делови од Германија осмислиле шеми за поставување на нивните фаворизирани кандидати за наследник на фон Хинденбург. Ширер пишува дека група на конзервативци, меѓу кои и многу од вооружените сили, барале враќање на принцот Вилхелм, синот на царот Вилхелм II, или како претседател или како глава на реоснована германска монархија.

Германското воено водство било налутено од предлогот на Рем од февруари 1934 за вооружените сили на Германија (Reichswehr, Рајхсвер) да се апсорбираат во единствена организација, каде што СА би била јасно бројно супериорна и, затоа, доминантна. Војската ја гледала СА како разгневена толпа од недисциплинирани улични тепачи, а приказните за хомосексуалност и расипани морали биле добро познати во војската. Офицерскиот кор ревносно го одбила предлогот на Рем, повикувајќи се на уништувањето на германската воена чест и дисциплина, ако разбеснетите трупи на Рем добијат контрола вез вооружените сили.

На 11 април Хитлер имал можност да се состане со водачите на германските вооружени сили, додека се разгледувале воените маневри во Источна Прусија. Во друштво на министерот за одбрана, Вернер фон Бломберг, Хитлер се состанал со главниот заповедник на вооружените сили, генералот Вернер фон Фрич, и главниот заповедник на морнарицата, адмиралот Ерих Редер. Хитлер им ја објаснил здравствената состојба на Хинденбург и предложил Рајхсверот да го поддржува Хитлер за претседателската позиција. За возврат, Хитлер понудил да ја намали бројноста на СА, да ги поттисне амбициите на Рем и да гарантира дека Рајхсверот ќе стане единствената вооружена организација во Германија. Ширер вели дека било многу веројатно дека Хитлер ги завел воените водачи со тоа што ветил да ја зголеми и армијата и морнарицата во замена за нивната поддршка.

Напнатоста на нацистите се влошила по понатамошните повици на Рем за „втора револуција“ (овој пат против конзервативниот дел од власта) и по една пресметка помеѓу Рем и Хитлер на почетокот на јуни.

Слично, конзервативните индустријалци, кои го поддржувале Хитлер во издигнувањето до канцелар во 1933, продолжиле да се бунат против социјалистичките стремежи на Рем, слични на оние на браќата Штрасер, поточно повикот за „втора револуција“. Преку нивната блиска врска со претседателот фон Хинденбург, и двете конзервативните групи, офицерскиот кор и индустријалците, му го откриле нивното незадоволство.

На почетокот на јуни 1934, фон Хинденбург, со неговата болест, му поставил ултиматум на Хитлер, дека ако напнатоста во Германија не престане, размислува за воведување на воен закон. Знаејќи дека таков чекор би можел да ја одземе моќта од неговите раце, можеби засекогаш, Хитлер одлучил конечно да го исполни договорот со Рајхсверот, со тоа што ќе ги потисне СА и ќе ги заврши нивните планови за „втора револуција“.

Смрт[уреди | уреди извор]

И покрај притисокот, Хитлер ја одложувал одлуката да го отстрани неговиот долгогодишен пријател. Сепак, штом Хитлер знаел дека мора да дејствува, го сторил тоа со леснотија. Химлер, Хејдрих и Геринг, врз основа на противхитлеровата наклоност на Рем, откриле план на СА за отфрлање на Хитлер од врвот. Рем бил погубен без судење за време на чистката на СА - „Ноќта на долгите ножеви“ во јуни 1934. По неговото апсење од страна на самиот Хитлер на 30 јуни, Рем кратко бил задржан во затворот Штаделхајм во Минхен. Таму, на 2 јули, бил посетен од Теодор Ајке, бригадски водач на СС, (подоцна управник на „Дахау“) и Михел Липерт (Michel Lippert), исто така функционер во СС. Липерт го застрелал Рем од блиску откако одбил да се самоубие со пиштолот што му го дале. Рем можеби не сфатил кој го нарачал неговото погубување. Непроверени извори тврдат дека неговите последни зборови биле „mein Führer, mein Führer“. Одговорот на Ајке на ова се вели дека бил „Требало порано да мислиш на тоа, сега е предоцна.“ Мерките преземени од Хитлеровите поддржувачи за тоа време биле легализирани со Законот за мерки на државна самоодбрана донесен на 3 јули. Ернст Рем е погребан во Вестфридхоф (Westfriedhof, Западни гробишта) во Минхен.

Сексуална определба[уреди | уреди извор]

Рем всушност бил хомосексуалец, како и неговиот заменик во СА, Едмунд Хајнс. Многу од тоа било искористено како дел од причините за чистката. Иако бил откриен во 1925, Рем преземал многу малку за да ја скрие неговата хомосексуалност. И покрај наводното шокирање на Хитлер од откривањето на хомосексуалноста на заменикот на Рем, всушност, тој веројатно веќе одамна знаел дека Рем е хомосексуалец.

Додека Рем бил глава на СА, било предложено неколку хомосексуалци (како Карл Ернст, поранешен танчер во геј-клуб, и Едмунд Хајнс) да бидат вработени и унапредени во СА како резултат на некои врски помеѓу значајни личности од СА. И покрај отворената политика на нацистите против хомосексуалците, ова било објаснето со засилувањето на Параграф 175 (криминализирање на хомосексуалноста) од Германскиот криминален кодекс од 1871.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Steakley, James. Röhm was not involved with the Sturmabteiling until after he returned from a trip to Bolivia, but he did work to create armed militia units. He was deeply involved in hoarding arms and shipping weapons into Austria to defeat the most humiliating terms of the Versailles Treaty, but he was never caught. He led the Reichskriegsflagge militia at the time of the Beer Hall Putsch, when it occupied the War Ministry for sixteen hours. (Röhm: Die Geschichte eines Hochverräters, Franz Eher Verlag, Munich 1928)."Homosexuals and the Third Reich" Jewish Virtual Library

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • „Зошто е потребна СА“, говор од 1933 што го објаснува неговиот поглед на СА во склоп на нацистичката држава. На англиски на archive.org
  • „Приказната за голем предавник“ (Die geschichte eines hochverraters) од Ернст Рем. На германски на archive.org

1. дел 2. дел 3. дел 4. дел 5. дел 6. дел 7. дел 8. дел


Претходник
нема
Глава на СА
19311934
Наследник
Виктор Луце