Емили Бронте

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Емили Бронте

Емили Џејн Бронте (Emily Jane Brontë) (родена 30 јули 1818 - починала; 19 декември 1848 била Англиска писателка поетеса, запаметена по нејзиниот единствен роман, Оркански височини кое денес спаѓа во класичните дела на англиската литература. Пишувала под псевдонимот Елис Бел (Ellis Bell).

Ран живот и образование[уреди]

Слика од 1834 година насликана од нивниот брат Бранвел Бронте. Од лево кон десно: Ен, Емили и Шарлот. (Бранвел бил на сликата меѓу Емили и Шарлот, но се избришал.)


Емили била родена на 30 јули 1818 година во селото Торнтон, во Северна Англија а нејзини родители биле Марија Бранвел и Патрик Бронте. Таа е помлада сестра на Шарлот Бронте и е петта од шесте деца, невклучувајќи ги и двете постари сестри, Марија и Елизабет, кои пчинале уште како деца. Во 1820 година, набрзо по раѓањето на Ен, семејството се преселило во Хаворт, каде Патрик работел како свештеник, место каде што децата го развиле нивниот талент за пишување.

По смртта на нивната мајка во септември 1821, сестрите Марија, Елизабет и Шарлот биле пратени во училиштето Clergy Daughters, каде се соочувале со малтретирања кои подоцна Шарлот ги опишува во Џејн Ер. На шест годишна возраст Емили им се придружила на сестрите во школото, но за краток период. Кога епидемија на тифус го зафатила училиштето, се заразиле и Марија и Елизабет. Марија, која можеби имала и туберколоза, била пратена дома и таму починала. Во јуни 1825 година, Емили заедно со Шарлот и Елизабет биле избркани од училиштето и Елизабет починала бргу по нивното враќање дома.

Подоцна, децата биле образувани дома од нивниот татко и нивната тетка, Елизабет Бранвел. Нивниот татко бил многу строг и преку ден работел во својата канцеларија додека децата седеле тивко во друга соба. Емили и нејзините сестри имале пристап до голем спектар на книги, меќу кои и нејзините омилени на Волтер Скот, Бајрон, Шели и списанието Блеквуд.

Во нивното слободно време, децата почнале да пишуваат приказни инспирирани од кутија со играчки војници, што Бранвел ја добил како подарок, и приказни за измислени светови што биле чести во нивните приказни и авантурите на војводата од Велингтон и неговите синови Чарлс и Артур Велесли. Малку од делата на Емили се зачувани од овој период. На седумнаесет години Емили почнала да го посетува училиштето за девојки Роу Хеад, каде што Шарлот работела како учителка, но останала само неколку месеци поради премолема носталгија за нивниот дом. Во тој период, целта на девојките била да стекнат доволно образование за да можат да отворат нивно училиште.

Во септември 1838 година, Емили, на дваесет годишна возраст работела како учителка во училиштето Ло Хил во Халифакс. Како резултат на 17-часовното работно време, нејзиното здравје се влошило и во април 1839 година се вратила дома. Таму и останала и го поминувала времето работејќи низ куќата и предавала во неделното училиште. Самата го научила германскиот јазик од книги и свирела на пијано.

Полнолетство[уреди]

Константин Хегер, учител на Шарлот и Емили за време на нивниот престој во Брисел, фотографија од 1865

Во 1842 година, Емили и Шарлот заминале за Брисел, каде учеле во академијата за девојчиња, која била под раководство на Константин Хегер. Тие планирале токму таму да го подобрат нивното знаење на француски и германски јазик пред да го отворат нивното училиште. Од тој период се зачувани девет есеи на Емили напишани на француски јазик. Двете сестри биле посветени на нивното образивание и на крајот се стекнале со толкаво познавање на францускиот јазик што господин Хегер им предложил да останат уште шест месеци и на Шарлот и предложил да предава англиски јазик, а Емили, музика. Но, по веста за смртта на нивната тетка, морале да се вратат дома и иако се обиделе да отворат нивно училиште, немале доволно ученици за таа цел.

Во 1844 година, Емили ги препишала и организирала сите поеми што ги напишала во два нотеса. Сестрите ги објавиле своите дела под псевдоними, но ги зачувале своите иницијали: Шарлот бил Кјурер Бел, Емили била Елис Бел и Ен била Актон Бел. Шарлот во биографските белешки на Елис и Актон Бел напишала дека ги одбрале тие имиња за да звучат помаженствени и за луѓето да не ги гледаат со предрасуди. Шарлот напишала 20 поеми, а Емили и Ен напишале 21. Иако за неколку месеци се продале само две копии од книгата, тие не се обесхрабувале (еден од вата читатела бил толку импресиониран, што им побарал автограми). Критичарот од весникот „The Athenaeum“ го фалел пишувањето на Елис Бел поради неговата музика и моќ.

Карактер[уреди]

Поради нејзината затвореност и малкуте информации за нејзиниот живот, Емили Бронте претставува мистерија за биографите. Дури и немала други пријатели освен тие од нејзиното семејство и главен извор за информации за нејзиниот живот е нејзината постара сестра, Шарлот. Несоцијалноста на Емили и нејзината срамежливост биле забележани многу пати. Според Норма Крендал, нејзината човечност обично се согледувала од нејзината љубов кон природата и животните. Низ годините, љубовта на Емили кон природата била предмет на многу анегдоти. Во еден весник од 31ви декември пишува дека најинтимните врски на Емили биле токму оние со птиците и животните и од нејзините прошетки, таа често се враќала со зајак во рацете, на кој му се обраќала како да ја разбира. И следната анегдота е исто така поврзана:

Еднаш била касната од бесно куче на кое му понудила вода. Не кажала за тоа на никому и самата го изгорела каснтатото место со маша и никој не знаел се додека, неколку недели покасно, не ја забележале лузната.

Во Кралици на литературата од викторијанското доба (1886), Ева Хоуп го опишува карактерот на Емили како „чудна мешавина од срамежливост и спартанска храброст“ и вели „ таа била премногу срамежлива, но до изненадувачки степен, и физички храбра“. Сакала неколку луѓе, но со голема нежност и посветеност и била разбирлива кон неуспесите на другите и умеела да простува. Но била строга кон себе и ни за момент не дозволувала да се оттргне од она што го сметала за своја должнот.

Насловната страна на првото издание на Оркански височини (1847)

Оркански височини[уреди]

Оркански височини прв пат била објавена во Лондон во 1847 година, појавувајќи се заедно со книгата на Ен, Агнес Греј, под псевдонимот Елис Бел. Името на Емили се појавило дури во печатените копии во 1850 година.[1] Иновативната структура на романот ги оставила критичарите збунети. Насилството и страста во романот ги натерале читателите од викторијанското доба да помислат дека романот е напишан од маж. Според Џулиет Гардинер, „живописната сексуална страст и моќта на пишаните зборови и слики ги импресионирале и збудалеле критичарите“.[2] Иако на почетокот романот добил мешани критики и бил често осудуван за описите на неморалната страст, книгата станала англиска литературна класика.

Иако писмо од нејзиниот издавач иницира дека Емили го започнала нејзиниот втор роман, ракописот никогаш не е пронајден. Можеби Емили или пак некој член од нејзиното семејство го уништиле ракописот или пак Емили била премногу болна да го доврши романот. Што и да се случило, никогаш не е пронајден ракопис за втор роман на Емили.

Смрт[уреди]

Здравствената состојба на Емили, како и на нејзините сестри, била отежнета од локалната клима, несанитарните услови во нивниот дом и загадениот извор на вода што доаѓал од црковните гробишта. За време на погребот на нејзиниот брат в осептември 1848 година, добила настинка што подоцна преминала во туберколоза. Иако нејзиното здравје полека се влошувало, таа одбивала медицинска помош и лекови. Шарлот, стравувајќи ја сестра си, утрото на 19ти декември 1848 напишала:

Секој ден станува се послаба. Докторот прати лекови, но таа не сака да ги пие. До сега немам поминато низ вакви тешки моменти. Се молам за Божја помош за сите нас.[3]

Напладне, состојбата на Емили се влошила и можела само да шепоти. Нејзините последни зборови до Шарлот биле да повика лекар, но било предоцна. Починала истиот ден, во 2 часот попладне. Била толку слаба што нејзиниот ковчег бил широк само 40 центиметри. Нејзиното тело почива во црквата Св. Михаил во Хаворт, Западен Јоркшир во Англија. Емили не доживеала да го види успехот на нејзиниот единствен роман бидејќи починала само една година по неговото издавање, на триесет годишна возраст.

Наводи[уреди]

  1. Richard E. Mezo, A Student's Guide to Wuthering Heights by Emily Brontë (2002), p. 2
  2. Juliet Gardiner, The History today who's who in British history (2000), p. 109
  3. Elizabeth Gaskell, The life of Charlotte Brontë (1870), p. 281

Додатна библиографија[уреди]

  • Emily Brontë, Charles Simpson
  • In the Footsteps of the Brontës, Ellis Chadwick
  • Last Things: Emily Brontë's Poems, Janet Gezari
  • The Oxford Reader's Companion to the Brontës, Christine Alexander & Margaret Smith
  • Literature and Evil, Georges Bataille
  • The Brontë Myth, Lucasta Miller
  • Emily, Daniel Wynne
  • Dark Quartet, Lynne Reid Banks
  • Emily Brontë, Winifred Gerin
  • A Chainless Soul: A Life of Emily Brontë, Katherine Frank
  • Emily Brontë. Her Life and Work, Muriel Spark and Derek Stanford
  • Emily's Ghost: A Novel of the Brontë Sisters, Denise Giardina
  • Charlotte and Emily: A Novel of the Brontës, Jude Morgan
  • L. P. Hartley, 'Emily Brontë In Gondal And Galdine', in L. P. Hartley, The Novelist's Responsibility (1967), p. 35–53

Надворешни врски[уреди]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Wikisource
Викиизвор има оригинални дела од или за: