Електро-Л

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Електро-Л
Electro-L Cebit 2011.jpg
Макета на „Електро-Л“ на саемот CeBIT 2011
Општи податоци
Конструктор НПО Лавочкин
Земја  Русија
Подлога „Навигатор“
Намена метеорологија
Орбитални режими ГЕО
Оператор Роскосмос
Работ. век 10 години
Производство
Статус во производство
Конструирано 1
Лансирано 1
Оперативно 1
Прво лансирање 20 јануари 2011, 12:29:01 UTC
Типично летало
Просеч. маса 1766 кг
Напојување 1700 W

Електро–Л (рус.Электро-Л“) е класа на нови метеоролошки сателити на Федералната вселенска агенција (Роскосмос) од производителот НПО Лавочкин. Првиот сателит, наречен „Електро–Л 1“, е лансиран на 20 јануари 2011.[1] Ова е првиот руски метеоролошки сателит што работи успешно во геостационарна орбита,[2] и втор руски метеоролошки сателит во орбита.[3] Сателитите имаат маса од околу 1620 кг и се предвидени да работат 10 години, прибирајќи метеролошки, хидрографски и климатски податоци со видлива и инфрацрвена светлина.

Конструкција[уреди]

Електро-Л е конструиран во претпријатието НПО Лавочкин со средства од рускиот вселенски програм за 2006-2015 г. Со него управува вселенската агенција Роскосмос, а покрај Роскосмос, сателитот ги опслужува и Научно-истражувачкиот центар за вселенска хидрометеорологија „Планета“ и Федералната служба за хидрометеорологија и набљудување на животната средина (Росгидромет).[2] Претходникот на овој сателит е сателитот „Електро 1“, лансиран во 1994. Како и Електро-Л, сателитот бил предвиден да работи во геострационарна орбита, но никогаш не бил ставен во целосна работна состојба.[4]

Заедно со претходната класа „Метеор-М“, сателитите Електро–Л се дел од напорите на Русија да си ја поврати мрежата од метеоролошки сателити.[1] Пред пуштањето на Електро-Л 1, Русија имала само еден функционален метеоролошки сателит наречен „Метеор-М 1“ кој се движел во 830-километарска кружна сончево-синхрона орбита.[3] Поради недостатокот од сателити, Русија била приморана да користи податоци од американските и европските метеоролошки агенции.[1] Воздухоловниот новинар Анатолиј Зак се искажал дека првиот сателит Електро-Л го означува „повратокот на руската вселенската индустрија по две децении економско превирање“, особено бидејќи леталото и неговата стандардизирана подлога „Навигатор“ се осмислени и конструирани по распадот на СССР.[5]

Намена[уреди]

Сателитите Електро-Л служат метеоролошки анализи и временска прогноза како на територијата на Русија, така и ширум светот.[1] Прават снимки на сета Земјаина полутопка при видливи и инфрацрвени фреквенции, а покрај ова доставуваат податоци за климатските промени и вршат надзор и анализа на водните површини.[2] Електро-Л може да прима и сигнали за тревога од системот Коспат-Сарсат.[6] Со Електро-Л 1 се очекува дека руската метеорологија ќе стане поточна и поквалитетна.[1]

Летало[уреди]

Сателитот има вкупна маса од 1620 кг, со товарна носивост од 435 кг. Предвидениот работен век е 10 години. Средната енергетска потрошувачка на леталото изнесува 700 W, а напојувањето доаѓа од сончеви плочи од 1,7 kW.[2] Електро-Л има модуларна конструкција, и се состои од товарен и службен модул. Службениот модул „Навигатор“ е изработен од претпријатието НПО Лавочкин и служи како стандардизирана подлога која ќе биде основа и за идните руски сателити,[3] вклучувајќи го вселенскиот телескоп Спектар-Р.[5]

Опремата за снимање на леталото дава слики со резолуција од 1 км на пиксел за видливиот светлински појас и 4 км за инфрацрвени фреквенции. Снимките се прават едаш на 30 минути, со можност за скратување на 10 минути во итни случаи.[3]

Податоците се испраќаат во центарот за прием и достава користи фреквенција од појас X (7,5 GHz) со проточност на податоците од 2,56-15,36 Мбит/с, додека пак размената на податоци помеѓу обласните центри се одвива преку појас X (при 8,2 и 7,5 GHz) со проточност до 15,36 Мбит/с.[2]

Лансирање на Електро–Л 1[уреди]

Првото летало во класата, Електро–Л 1 е лансирано во 15:29 ч. по московско време (12:29 GMT) на 20 јануари 2011 од платформата 45 на космодромот Бајконур (Казахстан). Лансирањето е извршено со носечката ракета Зенит-3Ф конструирана од Јужното конструкторско биро (Украина). Третата фаза (дел) на ракетата е новоизработиот Фрегат-СБ, изработен од НПО Лавочкин.[3][7] Во 15:37 ч. се одвоил вториот дел, и така Фрегат-СБ продолжил да го подига леталото во геострационарна орбита. На 21 јануари во 00:28 ч. сателитот се одвоил од носачот, [7] и истиот ден Роскосмос издал соопштение за полната функционалност на леталото[1][7]. Конечната орбитална положба на сателитот во својата геострационарна орбита е 76 степени ИД.[4]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Русија стави метеоролошки сателит во орбита (Поднова 1)“, РИА Новости, 21 јануари 2011. (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Предлансирната постапка за Зенит/Електро-Л продолжува во Бајконур“. Роскосмос. 17 јануари 2011. http://www.federalspace.ru/main.php?id=2&nid=11192.  (англиски)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Рускиот метеоролошки сателит Електро-Л е успешно орбитиран“. ИТАР-ТАСС. 21 јануари 2011. http://www.webcitation.org/5vw1LNgQr.  (англиски)
  4. 4,0 4,1 Ракетата „Зенит“ се искачи во орбитата со метеоролошкиот сателит“, Spaceflight Now, 20 јануари 2011. (англиски)
  5. 5,0 5,1 Зак, Анатолиј. „Електро-Л“. RussianSpaceWeb.com. http://www.russianspaceweb.com/elektro.html.  (англиски)
  6. „Электро-Л: Геостационарный гидрометеорологический космический комплекс второго поколения“. НПО Лавочкин. http://www.laspace.ru/rus/electro.php.  (руски)
  7. 7,0 7,1 7,2 „Електро-Л е наполно функционален - Роскосмос“. Роскосмос. 21 јануари 2011. http://www.federalspace.ru/main.php?id=2&nid=11223&lang=en.  (англиски)

Надворешни врски[уреди]