Електронски пари

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Електронските пари (англиски: e-money, e-cash) или дигитални пари (англиски: digital cash) претставуваат синоним за разнородна група електронски средства кои ги извршуваат традиционалните функции на парите, т.е. служат како средство за плаќање и како средство за чување на вредноста. Електронските пари ги вклучуваат: парите кои се наоѓаат на сметките во интернет-банките или на сметките поврзани со интернет-банкарството (сметките од кои може да се плаќа преку интернет), кредитните картички, паметните картички, картичките со претплата итн. Електронските пари постојат само во електронска форма, на пример, зачувани на магнетна лента, како електронски запис во дискот на компјутерот или во чипот на картичката.[1]

Карактеристики на електронските пари[уреди]

Електронските пари се најголемото технолошко достигнување во развојот на електронското банкарство. Тие претставуваат замена за хартиените пари и како такви може да се користат за плаќање на производи и услуги преку интернет, или во деловната активност на банкарските мрежи (на пример, SWIFT).[2] Електронските пари бележат брз подем и може да се претпостави дека со текот на времето нивното значење само ќе се зголемува. Сепак, не се остварија првичните предвидувања дека тие ќе предизвикаат исчезнување на книжните пари, кои дури и во развиените земји претставуваат најчесто користено средство за плаќање, особено за малите плаќања.[3]

Електронските пари се издаваат од некоја банка или друга финансиска институција. За таа цел, корисникот прво депонира пари во банката и за вредноста на депонираните пари добива електронски пари. Електронските пари имаат броеви кои се уникатни (како и сериските броеви на хартиените пари). Потоа, користејќи соодветни кориснички програми може да се повлечат електронските пари и да се постават на локалниот компјутер. Вака означените дигитални пари може да се користат за купување одредени производи (притоа, продавницата од каде се купуваат производите мора да прифаќа електронски пари, односно треба да постои одредена инфраструктура). Трговецот кој ги добил електронските пари може подоцна повторно да ги употреби за некоја трансакција или да ги размени во хартиени пари во банката која работи со електронски пари.[4]

Една од најважните карактеристики при користење на електронските пари е тоа што при нивната употреба не се разменуваат информации за купувачот (исто како и при користење на хартиените пари). Со тоа се зголемува сигурноста при трансакциите. Оваа карактеристика кај електронските пари претставува и клучна разлика помеѓу нив и кредитните и дебитните картички. Исто така, електронските пари може да се користат повторно, односно оној кој ги примил може да ги користи за некоја друга трансакција.[5]

Видови електронски пари[уреди]

Во принцип, постојат два различни типа e-пари:

  • идентификувани е-пари (identified e-money)
  • анонимни е-пари (anonymous e-money.

Идентификуваните е-пари содржат информации за идентитетот на корисникот (односно, лицето кое првично ги зелo парите од банката). Идентификацијата овозможува банката да ги следи парите што се движат низ економијата, на сличен начин како и при користењето на кредитните картички.

Анонимните е-пари работат на сличен принцип како и вистинските хартиени пари. Откако анонимните е-пари ќе се повлечат од сметката, тие може да бидат потрошени без можност за нивно следење, односно следење на трансакциите во кои учествуваат. Анонимните е-пари се проверуваат само кога трговецот ќе ги депoнира во банка за да ги претвори во вистински хартиени пари. Притоа, банката може да го идентификува само сопственикот на е-парите, односно лицето на кого банката првично му ги издала парите.

Плаќање со е-пари[уреди]

Процесот на плаќање со е-пари може да биде:

  • On-line
  • Off-line

Кај on-line плаќањето, во трансакцијата учествуваат три страни: купувачот,трговецот и банката. На пример: купувачот сака да купи некој производ со е-пари. За таа цел, тој издвојува дел од своите е-пари и ги испраќа до трговецот. Трговецот, пак, не може да ја заврши трансакцијата додека не ги испрати е-банкнотите до банката за проверка на нивната автентичност. Банката ги проверува парите и, ако тие не се претходно потрошени, го известува трговецот дека трансакцијата е во ред. Трговецот во тој момент може да го наплати производот, односно да ја затвори трансакцијата.

Off-line плаќањето може да се изврши директно меѓу купувачот и трговецот, без да биде вмешана банката. Притоа, автентичноста на парите се проверува во моментот кога трговецот ќе посака да ги претвори е-парите во банката во вистински хартиени пари. Off-line анонимните е-пари се најсложената форма на е-пари поради проблемот на двојното трошење (double-spending problem).[6]

Проблемот на двојно трошење кај е-парите[уреди]

Бидејќи е-парите претставуваат збир од битови, тие може многу лесно да се копираат. Поради тоа, потребни се механизми (различни криптографски методи) кои ќе го откријат можното дуплирање на е-парите. Поради тоа, потребно е да се сместат одредени податоци за корисникот на електронските пари кои ги издава банката. Притоа, идентитетот на корисникот е гарантиран од страна на банката, односно тој би се “објавил” само ако корисникот се обиде да ги искористи своите е-пари по втор пат.

Како се проверува автентичноста на е-новчаници?[уреди]

Банката содржи база од веќе потрошени е-банкноти, па ако една е-банкнота се појави по втор пат при една трансакција, тогаш банката ќе знае за тоа и ќе го извести корисникот. Бидејќи ова се смета за кривично дело (фалсификување пари), корисникот кој се обидел да направи дупликат на е-банкнотите ќе биде соодветно санкциониран.

Системи засновани на е-пари[уреди]

На интернет постојат неколку системи засновани на е-пари. Најпознати on-line системи се: ''еCash'' од фирмата DigiCash и ''NetCash'', развиен на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Најпознати off-line системи се: ''Mondex'' и ''VisaCash''.[7]

eCash[уреди]

Фирмата DigiCash е пионер во подрачјето на електронските пари. Нејзин основач е познатиот криптограф David Chaum, чии дела претставуваат основа на технологијата на која се засновани електронските пари. Фирмата DigiCash е основана во 1990 година, но поради лошото работење на менаџерите компанијата банкротирала во 1998 година, а повеќето патенти им биле продадени на фирмата eCash Technologies.

eCash се нарекуваат електронските пари кои ги создала фирмата DigiCash. Системот заснован на овие банкноти претставува off-line процес на плаќање, каде се користи слеп дигитален потпис, преку кој се постигнува анонимност. Банкнотите eCash се со фиксен износ. При плаќање со овој тип банкноти мора да се плати точната сума, затоа што системот не овозможува враќање на кусурот. Ако корисникот нема точен износ, тогаш може да изврши раситнување на банкнотата во банка. Користењето на eCash е возможно само со користење на посебна апликација која е инсталирана на компјутерот на клиентот и преку која се овозможува подигнување на е-парите, плаќање со е-парите, како и депонирање на е-парите во банка.

За да може клиентот да користи eCash, прво мора да отвори сметка во банката која нуди ваков тип пари и да депонира вистински пари. Потоа, преку инсталираниот софтвер на својот компјутер, клиентот може да повлече одреден износ е-банкноти, кои имаат шифрирани сериски броеви, да ги складира на својот компјутер и да ги употреби кога ќе има потреба од нив. При купување на одреден производ, клиентот ги испраќа е-банкнотите со шифрираните сериски броеви до банката. Банката ги запишува во својата база сериските броеви на е- банкнотите и му ги враќа "заверените" банкноти на клиентот. Клиентот (во случајот, купувачот) врши дешифрирање на сериските броеви и ги испраќа на трговецот од кого сака да купи одредена стока.Трговецот потоа ги испраќа е- банкнотите во својата банка. Притоа, банката на купувачот и на трговецот треба да стапат во контакт за да се провери автентичноста на е-банкнотите. Ако тие се во ред, банката го известува трговецот и ги става е-парите на неговата сметка.

Дигиталните банкноти eCash може да се користат во системот само еднаш. Банката која работи со ваков тип на банкноти треба да овозможи специјални сметки за клиентите кои работат со eCash. Таа, исто така, треба да обезбеди и конвертирање на дигиталните банкноти во реални пари. Безбедноста кај овој систем е гарантирана со употреба на асиметричен алгоритам за криптирање. Пристапот до сметките може да биде обезбеден со лозинка. Регистрирањето на банкнотите со различни сериски броеви овозможува да се спречи проблемот на двојно трошење. Проверката на автентичноста на банкнотите се одвива on-line, па поради тоа и трошоците се поголеми.

NetCash[уреди]

Системот NetCash е развиен на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Главна карактеристика е што ги користи постоечките сметководствени системи и процедури во финансиски институции. Системот се заснова на независно дистрибуирани парични сервери, на кои анонимните е- банкноти се заменуваат со неанонимни. Притоа, потребно е да се овозможи меѓусебна комуникација на овие парични сервери, односно еден сервер треба да може да прима е-банкноти од друг сервер. Електронските пари на NetCash имаат номинална вредност и сериски број. Освен тоа, на една е-банкнота е означена и адресата на серверот кој ја испраќа и датумот кога истекува е- банкнотата.

Mondex[уреди]

Системот на дигитални пари Mondex е развиен од фирмата Mondex, која сега е од компанијата MasterCard. За разлика од предходните два система, Mondex е развиен како off-line систем. Тој се заснова на картички со микрочип, а единствен е по тоа што овозможува трансфер од една картичка на друга и тоа, безброј пати без потреба од верификација од страна на банката. Карактеристика на системот Mondex е што овозможува следење на трансакциите. Картичките Mondex ја евидентираат секоја трансакција по пат на единствен идентификатор, кој потоа може да се искористи за следење на трансакциите, ако тоа е потребно. Централен момент кај системот Mondex е безбедноста која постои во двата примарни аспекти на системот: хардверот на самата картичка и процесот на пренос на податоците. Кај системот Mondex, е-парите може да постојат само на картичките Mondex. Притоа, картичките се заштитени со дигитален потпис, па е тешко да се изврши нивно копирање. Картичките Mondex може да бидат прочитани само со специјални читачи на картички, но тоа е и недостаток на овој систем.

PayPal[уреди]

PayPal овозможува трансфер на парите помеѓу корисниците и продавачите, користејќи ги традиционалните методи со плаќање со чекови, налози, како и разни видови на кредитни/дебитни картички. PayPal не е банка, но извршува слична функција. Тоа е систем кој работи како посредник помеѓу купувачот и продавачот. Притоа, и купувачот и продавачот мора да имаат отворена сметка на PayPal. Плаќањето се одвива преку трансфер на пари од една на друга сметка, при што, PayPal наплаќа одредена провизија. PayPal најчесто се користи за купување од аукциски интернет-страници, како што е ''eBay''.

Наводи[уреди]

  1. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, стр. 345.
  2. K. Iwai, "Evolution of money", Paper presented at the Workshop on Evolution and Economics, Certosa di Pontignano, Siena, 1997.
  3. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание. Скопје: Економски факултет, стр. 346.
  4. B. J. Cohen, The Future of Money. Princeton: Princeton University Press, 2004.
  5. European Central Bank, Report on electronic money. European Central Bank, 1998.
  6. S. Gerald, The Electronic Purse: An Overview of Recent Development and Policy Issues. Bank of Canada, 1996.
  7. BIS, Survey of developments in electronic money and internet and mobile payments. Basel: Bank of International Settlements, 2004.