Елевци

Координати: 41°25′14″N 20°37′23″E / 41.42056° СГШ; 20.62306° ИГД / 41.42056; 20.62306
Од Википедија — слободната енциклопедија
Елевци

Воздушен поглед на селото Елевци

Елевци во рамките на Македонија
Елевци
Местоположба на Елевци во Македонија
Елевци на карта

Карта

Координати 41°25′14″N 20°37′23″E / 41.42056° СГШ; 20.62306° ИГД / 41.42056; 20.62306
Регион  Југозападен
Општина  Центар Жупа
Област Жупа
Население 271 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1258
Повик. бр. 046
Шифра на КО 08021
Надм. вис. 1.100 м
Елевци на општинската карта

Атарот на Елевци во рамките на општината
Елевци на Ризницата

Елевци — село во Општина Центар Жупа, во областа Жупа, во околината на градот Дебар.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Името на селото првпат е забележано во XVI век (1583 г.) кога било запишано како Горно Елешчи. Се сретнува и под имињата Долно и Горно Елевци. Селото било основано од доселеници од соседното село Евла, а научните толкувања сметаат дека името потекнува како родовска припадност (ојконим) на луѓе кои како доселеници од Евла (жители на Евла -> Елевци). Сепак, имајќи предвид дека соседно и многу блиско село е Евла, чие име потекнува од македонскиот назив за вид брезово цветно растение, можно е името да потекнува од македонскиот збор евла > евлевци > елевци. Поврзаноста со Евла ја гледаме и преку топонимот Елха (растение), кое според застапувањето на групата шц во говорот понатаму ќе го даде името Елехци > Елешци > Елевци.[2]

Мештаните и нивните соседи од муслиманска вероисповед кои се сметаат за Турци селото го викаат Елесца, а православните Македонци го нарекувале Елевци. Во селата околу Дебар за да се разликува од истоименото село (Татар или Град) Елевци, ова село во Жупа се нарекува(ло) и Коџаџик-Елевци, а додека постоело и селото Долно Елевци крај Евла, ова село било познато и како Горно Елевци, како што е и запишано во Бигорскиот манастирски поменик од 1863 година. Иако жителите немаат никакво предание и толкување, се смета дека името настанало од муслиманското турско име Елез во содејство со македонскиот говорен облик за неговиот род Елезци > Елесци > Елевци.[3]

Истоимено село со име Елевци постои веднаш над градот Дебар, а во Македонија има уште две други места со слични имиња.[3]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на крајниот јужен дел на територијата на Општина Центар Жупа. Припаѓа на областа Дебарска Жупа, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Струга.[4] Селото е планинско, чии куќи се издигаат на југоисточната падина на планината Стогово, на надморска височина од 1.000 до 1.200 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 25 километри.[4]

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2249.

Сместено е на една зарамнета тераса високо на западната падина на Стогово, од десната страна над Долгашка (Елевска) Река. До него води пат кој е продолжение на асфалтираните делници од патиштата од Центар Жупа преку Коџаџик до Новак на север-северозапад и од Долгаш и ХЕЦ Глобочица на запад и југ.

Атарот се допира со територијата на Општина Струга (порано Луково) и воедно граничи со Буринец и Селци во пределот Малесија. Земјишното подрачје на Елевци се шири помеѓу атарите на Новак на север, Селци и Буринец на југ, раселеното село Евла и некогашното Долно Елевци на запад и планинската падина на Стогово на исток по чиј срт со врвовите и доловите Куруло, Бела Вода, Канеш (2.216 м.), Бабин Срт (2.241 м.), Лениште (од 1.896 до 2.016 м.), Дузлер (1.664 м.), Глобок Дол оди селската меѓа.[3]

Земјиштето на атарот е планинско и варовничко со растресита почва - темна црвеница, главно под шума, а околу речните текови има и обоени шкрилци.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Подрачјето на Елевци е населено уште од средниот век, за што сведочат повеќе наоѓалишта во неговата околина.[5]

Според преданието на Македонците во поширокиот предел, основачи на селото биле „рисјани“ или „каури“, односно православни Македонци кои до 1948 година, сосем ги напуштиле своите родни огништа поради неслагање со месното турско население.[3]

Најстарите жители на Елевци кажувале дека селото во денешниот облик и местоположба околу средината на XIX век го основале нивните сонародници од родот Елезлер, кои подоцна се иселиле во соседното село Долгаш,[3] а по кои веројатно е добиено и името на селото.

Постари пишани податоци за ова село речиси воопшто и да не постојат. Во средновековните записи од турските пописни дефтери за вилаетот Долго Брдо од 1467 година се среќава селото Елшево (Долнодебарско) со 5 христијански македонски семејства,[6] но според местоположбата многу поверојатно е ова да се однесува за другото истоимено село (Татар или Град) Елевци што се наоѓа веднаш крај градот Дебар. Во истите пописни документи за вилаетот Горни Дебар пак се сретнува село запишано како Ивлахлар, кое било тимар на некој Фахредин кој бил диздар (заповедник, командант) во крепоста (тврдината) Коџаџик, а во кое живеело 1 христијанско македонско семејство на Металец Видич кое произведувало по 1 товар пчемница, јачмен и овес за што се остварувало приход од 69 акчиња.[7]

Истражувачите и историчарите не ја утврдиле точната местоположба (убикација) на ова запишано село, но поради сигурноста дека било во околината на Коџаџик претпоставуваат дека може станува збор за Елевци кое се наоѓа јужно од Коџаџик.[7] Според записот на името Ивлахлар или Влахлар може да се претпостави и дека тоа се однесува на блиските села Евла или Власиќи во Жупа.

Според кажувањата на самите жители, скоро сите родови се со потекло и доселени од областа Коња во Турција (Мала Азија), а до почетокот на XIX век живееле во Коџаџик. Изразено е мислењето и дека сегашните жители на Елевци до средината на XVIII век биле православни Македонци и дека тогаш ја примиле мухамеданската вера и потоа се потурчиле, а под влијание на Коџаџик (кој бил позната и силна тврдина) го напуштиле својот мајчин јазик и го усвоиле турскиот. Сепак за вакво нешто не знаеле ниту најстарите Македонци, кои живееле во Елевци до средината на XX век, а доколку ваквото мислење било точно, тоа единствено би можело да се однесува на селските родови Перванларе и Бошнакларе,[3] чии родовски презимиња упатуваат на македонска и словенска поврзаност или припадност.

До 1948 година во горниот дел на селото постоела црквата „Света Богородица“ со православни гробишта, чии траги сè уште не биле изгубени во педесеттите години на XX век, а некогаш околу неа местото кое сега се нарекува „Рекој куќи“ живееле Македонци. Кога на почетокот на XIX век, се доселиле првите Турци („турштијата кога втаса“) и почнале да основаат куќи на денешната местоположба селото се нарекло Елевци. Оттогаш, македонскиот крај „Рекој куќи“ почнал постепено да се напушта и да се преместува во горниот крај на Елевци во маалата Фетилер и Перван. Додека живееле православни Македонци, селската слава на Елевци била на Богојавление (Водици).[3]

Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[8]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 11,4 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 677 хектари, на шумите отпаѓаат 274,2 хектари, а на обработливото земјиште само 61,7 хектари.[4]

Селото, во основа, има сточарска функција.[4]

Главно занимање на жителите на селото било и е сточарството, а потоа и ѕидарството надвор од селото. Од сточарството најмногу се одгледуваат овци кои лете се напасуваат во бачила во пределот на Голема и Мала Мегданица високо на планината Стогово, додека во селото се одгледува и покрупен добиток како крави и волови. Освен овие стопански гранки, затапено е и градинарството,[3] како и земјоделството на зарамнетите предели непосредно околу селото каде се одгледуваат планински жита и градинарски култури за сопствени потреби.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948700—    
1953699−0.1%
1961144−79.4%
1971114−20.8%
1981143+25.4%
ГодинаНас.±%
1991201+40.6%
1994190−5.5%
2002260+36.8%
2021271+4.2%

Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 38 домаќинства со 47 жители христијани (Македонци) и 65 муслимани (Турци).[9]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Елевци живееле 615 жители, од кои 65 жители Македонци христијани и 550 Турци муслимани.[10] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Елевци имало 72 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци и 550 Турци.[12]

Селото е мало, но со пораст на бројот на населението. Елевци во 1961 година броело 144 жители, а во 1994 година 190 жители, турско население.[4]

Според пописот од 2002 година, селото Елевци броело 260 жители, сите Турци.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 271 жител, од кои 262 Турци и 9 лица без податоци.[14]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 615 72 700 699 144 114 143 201 190 260 271
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Елевци денес живее муслиманско население кое зборува на турски јазик и се изјаснува со турска националност. Во селото нема прави старински родови и сите се доселеници со потекло од областа Коња во малоазискиот дел на Турција,[3] при што во околните места се наведува дека тие се со јуручко-турско потекло од пределот Караман.[19]

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото се:

  • Турски родови: Фетилер, Перванлар, Бектешлер припаѓале на бектешки ред, Ќенанлар, а со неутврдено потекло на доселување е родот Бошнаклар.
  • Македонски православни родови: Куневци и Мартиновци биле старинци кои живееле на местото Рекој Куќи и славеле Голема Богородица, Петровци (слават Голема Богородица) се доселиле на крајот на XIX век од Коџаџик и имале своја родовска гранка во Солунско, Ивановци (слават Митровден) избегале од Коџаџик во 1878 година. Мештани на соседното село Новак, знаат и кажуваат дека во Скопје има Македонци со потекло од Елевци.[19]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од турските семејства до 1954 година има бројни иселеници во Турција (74 семејства) и тоа највеќе во местото Паламуд крај Аксер (66 семејства), а другите во Адапазар, Дургутли и Маниса, а имало иселеници во соседното, денес сосема раселено село Евла.[3]

Православните македонски семејства до 1948 година целосно се иселиле во: Дебар, Скопје во градот и населбата Ѓорче Петров (Мирчевци од родот Петровци, Аџиевци), Кавадарци, Солунско и во градовите Софија, Видин и Ќустендил во Бугарија.[3]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Елевци било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Центар Жупа, која била една од ретките општини, кои не биле променети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Центар Жупа.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Коџаџик, во која влегувале селата Брештани, Долгаш, Евла, Елевци, Кочишта, Коџаџик, Новак, Осолница и Праленик. Во периодот 1950-1952 година селото било дел од некогашната општина Евла, која била составена од селата Долгаш, Евла и Елевци.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0570 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Евла.[20]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 216 гласачи.[21] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 227 гласачи.[22]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска џамија
Археолошки наоѓалишта[5]
Џамии[23]
Цркви
  • Црква „Св. Богородица“, која постоела во минатото
Реки[24]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Елевци

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 92. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Русиќ, Бранислав (1957). Жупа Дебарска (српски). Скопје: Филозофски факултет. стр. 80–83.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 121.
  5. 5,0 5,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 120. ISBN 9989-649-28-6.
  6. Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 379.
  7. 7,0 7,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 315.
  8. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  9. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 176-177.
  10. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 261.
  11. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 184-185.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јули 2016.
  14. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  15. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  16. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  17. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  18. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  19. 19,0 19,1 Според кажување на мештани. Забележал Марио Шаревски на 16.04.2016
  20. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  21. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  22. https://rezultati2021lokalni1krug.sec.mk/mk/mayr/r/75-737. Посетено на 4 февруари 2023. Отсутно или празно |title= (help)
  23. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  24. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 27. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]